На годишно ниво, граѓаните на градот Скопје се изложени на 4.169 тони јаглероден моноксид, 1.943 тони азотни оксиди, 6.345 тони јаглероден диоксид и 284 тони прашина. Поединечно, бројката изнесува околу 20 килограми штетни гасови вдишени од страна на секој жител на градот Скопје, на годишно ниво.
Како што знаеме, загадувањето на воздухот најчесто е предизвикано од човековите активности, какви што се производството на енергија, индустријата и нејзините процеси, издувните гасови од сообраќајот, но и несоодветното управување со шумите можат да предизвикаат високи концентрации на разни загадувачки супстанции со значителни последици врз човековото здравје.
Европската Унија со години работи на проекти за подобрување на квалитетот на воздухот, како и на намалување на штетните влијанија врз човековото здравје и животната средина во Европа.
Тоа го прави преку контролирање на емисиите на штетни супстанции, усвојување на законски решенија за дозволените нивоа на концентрација на загадувачите, спроведување на истражувања за ефектите на загадувачите врз човековото здравје и фокусирање на меѓународната соработка за намалување на меѓуграничното загадување. Иако нивоата на концентрација на некои штетни загадувачки супстанции значително се намалени, квалитетот на воздухот и понатаму предизвикува негативни здравствени ефекти во Европа. Македонија не е исклучена од претходно наведените факти и податоци. Ова посебно се однесува на градовите Скопје, Велес, Тетово и Битола.
СКОПЈЕ
Конкретно за Скопје, еден од главните проблеми со загадувањето на воздухот се должи на преголемата застапеност на автомобили. Притоа, најчесто, во еден автомобил е присутен по еден човек, со што се зголемува бројот на автомобили во сообраќајот, и аналогно на ова се зголемува и загадувањето на воздухот што го дишеме. Друга причина поради која во Скопје се дише неквалитетен воздух претставуваат несоодветните местоположби на индустриските објекти, односно тие се лоцирани во непосредна близина на населени места. Трета причина поради која во Скопје концентрациите на штетни гасови се големи, а и се задржуваат подолго во градот, претставува опкружувањето на самиот град. Градот Скопје е поставен во котлина и е опкружен со планини кои создаваат услови за зголемување и подолго задржување на концентрациите на штетните гасови во воздухот.
На годишно ниво граѓаните на градот Скопје се изложени на: 4.169 тони CO (јаглероден моноксид), 1.943 тони NO (азотни оксиди), 6.345 тони CO2 (јаглероден диоксид), 284 тони прашина. Замислете само кога оваа количина на штетни гасови ќе се подели на секој жител поединечно. Тогаш се добива бројка која е фрапантна, бројка која изнесува околу 20 килограми штетни гасови вдишени од страна на секој жител на градот Скопје, на годишно ниво, при што секоја наредна година оваа бројка драстично се зголемува. Уште малку попрецизно, оваа бројка би изгледала вака: околу 50 грама штетни гасови и честички внесуваме секојдневно во текот на една година. Можете ли само да замислите што се случува? Просечен човек не внесува толкаво количество на чоколадо во својот организам, а не па штетни гасови и честички.
Но, податоците од страна на надлежните го кажуваат следново: Во градот Скопје се поставени вкупно три станици за мерење (од кои една не работи), додека на ниво на цела држава нивната бројка изнесува 15.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух, што пристигнуваат во Централната станица која се наоѓа во Македонскиот информативен центар за животна средина при МЖСПП, за периодот од година дена е утврдена следната состојба: податоците за среднодневните концентрации на сулфурен диоксид, азотен диоксид, јаглероден моноксид се во рамките на граничната вредност одредена за 2011 година, на сите мерни места во државата. Но, што е со жалбите на граѓаните на одредени населби во Скопје, каде што има индустриски постројки? Што е со нивните убедувања дека живеат во места со највисока аерозагаденост во земјава? Од друга страна пак, некои објавени податоци во јавноста ја оправдуваат загриженоста на овие граѓани, но и истовремено ги заплашуваат останатите жители на Скопје и неговата околина. Според тие податоци, во последниве години максималната дневна концентрација на сулфурен диоксид ја надминала за триесет пати дозволената граница од 150 mg/m3 на годишно ниво.
Додека, пак, максималната дневна концентрација на чад ја надминува дозволената граница од 50 mg/m3 до околу стотина пати годишно.
Што со овие податоци?
Друг показател за квалитетот на воздухот во нашиот главен град може да биде сè поголемата зачестеност на респираторните болести, кои според многу од показателите се јавуваат како резултат на загадениот воздух што го дишеме сите ние. Сè почеста појава се и облаците обоени во непријатна темна боја, облаци за кои претставниците од компаниите- загадувачи тврдат дека се безопасни, а податоците кажуваат друго. Но, сепак податоците што покажуваат концентрации кои се над дозволените максимални концентрации секогаш се неофицијални.
Дали ова значи дека големите компании – загадувачи имаат моќ да ги претстават работите во своја корист, или пак резултатите се навистина позитивни по здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина? Некои работи иако се навидум повеќе од јасни, ќе останат засекогаш "нејасни".
Дали овие податоци се доволни за да се преземе нешто од страна на главните загадувачи во Скопје и општо во цела Македонија?
Дали на самите нив ќе им текне за штетите што ги предизвикуваат?
На последиците што ќе ги сносат и нивните деца?
Останува времето да покаже дали ситуацијата со неодговорното однесување на одредени компании ќе се смени, дали можеби нивната свест во поглед на животната средина и кон здравјето на луѓето ќе проработи?
Од друга страна, соодветна легислатива донесена од страна на државните органи постои, но истата не се почитува, што истовремено ја прави проѕирна и бледа.