Европската инвестициска банка (EIB – European Investment Bank), порачува дека и покрај актуелната неизвесност со испораката на енергенти во ЕУ, повеќе нема да финансира проекти кои се однесуваат на природниот гас, туку ќе се фокусира на обновливите извори на енергија. Ова го истакнаа челниците на банката, на конференцијата „Регионален раст“ организирана во соработка со Европскиот парламент во грчкиот град Патрас.
Оваа заложба доаѓа во време кога владите на 27-те земји членки на ЕУ бараат алтернативни начини за снабдување со гас. Од друга страна, професорот по нафтена геологија од Универзитетот во Патрас, Аврам Зелилидис, вели дека во краток рок е неопходно да се продолжи со експлоатација на гас и нафта во ЕУ, бидејќи граѓаните се тешко погодени со кризата, а за Green Deal треба да се размислува на долг рок.