Насловна / Градежништво / Инвестициони проекти во градежништвото и енергетиката во Македонија

Инвестициони проекти во градежништвото и енергетиката во Македонија

investicioni_proekti_makedonija_thumb.jpgOд капиталните проекти во Република Македонија е завршена т.н. втора фаза на изградба на
Хидросистемот „Злетовица“, односно е изградена браната „Кнежево“ со придружните објекти. Во
фаза на изведба е и браната „Света Петка“ на реката Треска, од типот на двојно закривена лачна
брана со градежна висина околу 60 метра.

Од патната инфраструктура во завршна фаза е изведбата
на дел од автопатот Е-75 од Табановце до Куманово во должина од околу 10 километри. Годинава
треба да се заврши и регионалниот пат од Смрдлива вода до ски-центарот „Кожуф“ во должина
од околу 17 километри, како и патот Близанско – Коломот во должина од околу 8 километри.

 

Општо

Познато е дека добро
осмислените инвестициони
проекти во градежништвото и
енергетиката се основа за развој
на општеството, но за да се дојде
до нивна реализација е потребно
комплексно повеќеслојно
планирање и преземање
многубројни активности од
стратешки, техно-економски,
социјален и друг аспект во тек
на долг временски период.
Интересно е што, иако Република
Македонија по територија е
мала држава, сепак во фаза на
завршување или во најава, се
голем број големи капитални
проекти во инфраструктурата
и енергетиката. Некои од нив
се значајни на национално и
регионално ниво, но некои и во
глобални рамки претставуваат
вистински предизвик. Стручната,
научната и општествeната
јавност треба да ги имаат
предвид овие аспекти, со
цел на вистински начин да се
испланираат идните активности,
бидејќи овие проекти несомнено
ќе бидат од интерес за голем
број големи светски компании.

investicioni_proekti_makedonija_1.jpg 


Проекти во изведба

Oд капиталните проекти во
Република Македонија е
завршена т.н. втора фаза на
изградба на Хидросистемот
„Злетовица“, односно е
изградена браната „Кнежево“
со придружните објекти (слика
1). Проектот е изведуван со
помош на Јапонската влада, а во
неговата реализација учествуваа
градежните фирми „Гранит“ и
„Бетон“. Во консултантскиот тим
кој раководеше со градбата беа
вклучени тимови на јапонската
фирма Pacific Conusltants
International, Градежниот
факултет од Скопје и Градежниот
институт „Македонија“ од
Скопје. Останува да се завршат
другите придружни работи за
доизградба на пречистителни
станици во главните населени
места, за овој проект да добие
полна валоризација. Во фаза
на изведба е браната „Света
Петка“ на реката Треска, од
типот на двојно закривена
лачна брана со градежна
висина околу 60 метра (Слика
2). Покрај порано изведените
брани „Матка“ и „Козјак“, со
нејзиното завршување би се
комплетирал системот на брани
на реката Треска, и максимално
би се искористиле нејзините
потенцијали. Се очекува
работите на изведба на браната
да завршат за околу една година.
Од патната инфраструктура во
завршна фаза е изведбата на дел
од автопатот Е-75 од Табановце
до Куманово во должина од
околу 10 километри. Оваа
година треба да се заврши и
регионалниот пат од Смрдлива
вода до ски-центарот „Кожуф“ во
должина од околу 17 километри,
како и патот Близанско –
Коломот во должина од околу 8
километри.Во завршна фаза се работи на реконструкција и
рехабилитација на поголем
број патни правци од локален
и регионален карактер, кои
се менаџираат од Агенцијата
за државни патишта, а
изведбата е доверена
на голем број градежни
фирми од Македонија.
Ова лето се очекува,
исто така, да се започне
со работите на целосна
рехабилитација на автопатот
од Катланово до Велес, за
што е веќе извршен избор
на изведувач на работите.

 
investicioni_proekti_makedonija_2.jpg


Проекти во Фаза
на тендерирање

Најзначаен проект со
целосно завршена постапка
на проектирање и ревизија е
делот од автопатот Е-75 од
Демир Капија до Смоквица
во должина од околу 28
километри (слика 4). За оваа
делница се прават завршните
чекори за тендерирање
за изведба.
Исто така, вреди да се
спомене дека е завршена
проектната документација
на ниво на главен проект со
целосно автопатско решение
за Коридорот К-8 од границата
со Бугарија (Деве Баир) до
границата со Албаниjа. Со
оглед на големата должина
на овој коридор, согласно
условите за инвестирање,
можни се варијанти каде
приоритетни делови би
оделе во тендерирање
за изведба одделно.

Од хидроенергетските објекти во
тек се активности за започнување
на градба на браната „Луково
Поле“, хидросистемот „Бошков
мост“ во Западна Македонија,
браните „Галиште“ и „Чебрен“
на река Црна, како и браните на
Оризарска река Кочанско, Кованска
река – Гевгелиско и друго (слика 5).
Согласно потенцијалноста на овие
системи за добивање дополнителна
енергија, наводнување или
водоснабдување, во тек на 2010
и 2011 година се интензивирани
активностите за премин кон
фаза на градба. Согласно
новосоздадената Законска
регулатива, за сите наведени објекти
се прават завршните подготовки
за комплетирање на техничката и
другата документација. Активностите
се реализираат под водство на
надлежни Министерства на Владата
на Република Македонија, АД
Електрани на Македонија, Светската
банка и други институции.
Објект со посебен стручен и
финансиски предизвик е лачната брана „Чебрен“ на реката Црна.
Според проектните анализи, има
варијанти со висини на браната
од 186 до 196 метри. Ова би бил
еден од поголемите објекти во
светот од ваков тип. Надеж на
стручната јавност е дека конечно за
овој објект ќе се заврши успешно
фазата на тендерирање и дека ќе
започнат работите на изведба.
Тука треба да се споменат
и активностите за повторно
активирање на старите проекти
поврзани со развој на Вардарската
долина, каде треба да се земе
предвид и потребата од изместување
на дел од постојната железничка
линија кон Република Грција.

 


Преокти во фаза на истражување

Во завршна фаза на проектирање
се голем број значајни
енергетски и сообраќајни
инфраструктурни објекти.
На ниво на идеен проект е завршено
проектирање на железничката
линија од Кичево до Албанија, а
конечно, после подолг период на
ниво на Основен проект се завршува
проектот за железничката линија
од Крива Паланка до Деве Баир,
со што се створени предуслови
за премин кон фаза на изведба.
Од магистралните делници во
надлежност на Агенцијата за
државни патишта, во заршна
фаза на проектирање на ниво на
Основен проект е автопатското
решение од Миладиновци до Штип
во должина од околу 58 км. Се
очекува дека со овој патен правец
ќе се скрати и подобри врската
од Скопје до Струмица. На ниво
на Идеен проект се проектира
автопатско решение од Велес до
Црна скала (Делчево), експресниот
пат од Росоман до Плетвар, повеќе
регионални патни правци и друго.
Од посебно значење за
енергетскиот систем на Република
Македонија е фактот што во
минатиот период интензивно
се работеше на подготовка
на техничка документација за
гасоводниот систем на Република
Македонија (слика 6).
Минатата година е подготвена
инвестиционо проектната
документација насловена
„Физибилити студија за гасоводен
систем на Република Македонија
со Идејни проекти”, финансирана
од страна на Министерството за
транспорт и врски. Од страна
на ревидентите од Градежниот
факултет, како и на меѓуминистерски
владин тим, се усвоени конкретни
варијанти и приоритетни варијанти
кои во моментов се проектираат
на ниво на Основен проект. Тоа се
делниците Скопје-Тетово-Гостивар-
Кичево во должина од 110 км,
делницата Клечовце – Неготино во
должина од околу 100 км, делницата
Неготино – Битола во должина од
околу 100 км, делницата Чвор Штип
– Хамзали во должина од околу 60
км, и на крај делницата од Хамзали
до Стојаково (Гевгелија) во должина
од околу 50 км. Проектите треба да
се завршат во тек на оваа година,
после што би следела фаза на
изградба на приоритетните делници.
Треба да се споменат и
активностите што се поврзани со
детални геолошки и геотехнички
истражувања за некои од
позначајните наоѓалишта за јаглен.
На пример, во фаза на подготовка е
Главен рударски проект за ископ на
јаглен со подземна експлоатација
на лежиштето за јаглен „Мариово“.
Исто така, оваа година е
започнато со доистражување на
лежиштето за јаглен „Живојно“ во
Битолскиот јагленоносен басен.
Овие активности би требало да
го продолжат рокот на работа
на термоелектраните во РЕК
Битола, а за Мариово, технно-
економските анализи ќе покажат
дали е исплатливо да се изведе
нова термоелектрана во непосредна
близина на наоѓалиштето.

 
investicioni_proekti_makedonija_3.jpg


Наместо заклучок

Набројаните проекти несомнено
укажуваат на добра перспектива за
развој на градежништвото гледано
на среден рок, но и подолгорочно.
Успешното планирање на сите
активности ќе има големо значење за
економијата на државата и регионот.
Треба да се нагласи дека заради
комплексноста на некои од
проектите, тие внимателно се
следат во меѓународната јавност
и дека несомнено ќе се појават
заинтересирани компании и
конзорциуми со високо меѓудржавно
реноме кои ќе претендираат
да ја добијат изведбата на
овие капитални објекти. Време
е за подготовка на државна
Стратегија за градежништвото, се
со цел нашите кадри и компании
навремено да се подготват за
силната конкуренција, и да бидат
носечки дел при проектирањето
и изведбата на овие објекти.

 

проф. д-р Милорад Јовановски ,
Универзитет Св. "Кирил и Методиј",
Градежен факултет, Скопје

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top