Во циркусот што настана со
Скопје 2014, најголем ќар
извлекоа политичарите.
На крајот на краиштата тие
имаа добра намера. Конечно
нешто да се направи во сивиот,
здодевен и запуштен центар
на градот во кој ништо не се
случуваше со децении. Успеаа да
ги помрднат работите од мртва
точка. Затоа им симнувам капа.
Проектот Скопје 2014
претставува обид да се организира
и да се уреди просторот.
Јас ја
поддржувам оваа иницијатива. Не
се согласувам само со изборот
на историските стилови кои ќе
ги прекријат фасадите, затоа што
тоа во старт е погрешна идеја.
Инаку, во проектот има и солидни
објекти кои можеби добро ќе
се вклопат во просторот. Ова го
кажувам од архитектонски аспект.
Од урбанистичка гледна точка, има
катастрофални грешки поради кои
отпосле ќе си ја чукаме главата.
Но, со тоа треба да се занимаваат
урбанистите, тоа е нивна работа.
Она што мене ми пречи е тоа
што сите градежни акции се
насочени само кон центарот на
градот Скопје. Како ништо друго
да не постои. Ние што живееме во другите градови на Македонија,
се чувствуваме како заборавени
од сите. Зошто кај нас се градат
толку малку јавни објекти и не се
уредува јавниот простор? Зошто
не се гради во Шуто Оризари
или Драчево? Зошто не се градат
нови патишта, зошто има толку
малку инфраструктурни објекти?
Зошто никој не е заинтересиран
за малиот урбанизам? Во
градовите имаме едно чудо
простор кој зјае празен. Пред и
зад станбените згради, пазарите,
предградијата, напуштените
фабрики, старите железнички
пруги итн. Зошто не покренеме
иницијатива тој да се уреди?
Сметам дека ние архитектите
самите сме виновни затоа што
никој не не есапи и никого не го
интересира нашето мислење.
Пасивни сме, а треба да бидеме
агресивни и да ги наметнеме
нашите решенија на граѓаните.
Како? Со тоа што секој проект ќе
го работиме како да ни е последен
во животот. Да не ги штанцаме
проектите, да не повторуваме
објекти-реплики на повеќе
локации, да правиме партерни
решенија и потоа да се бориме
тие да се изведат до крај. Треба да
водиме битка за секое ќоше од
просторот да биде уредено како
што треба. Сеедно дали тоа ќе биде
изградено со објект, или се работи
само за партерно уредување.
Секој дел од просторот е важен
и не треба да биде занемарен.
Ибиш Гаши,
дипл.инж.арх.