Насловна / Екологија / Кој ќе го запре змејот што блуе нафта?

Кој ќе го запре змејот што блуе нафта?

nafta.jpgОфицијални лица
за заштита на
дивиот свет на САД,
пријавија дека по
бреговата линија
на заливот се
пронајдени повеќе
од 300 мртви морски
птици, 200 желки
и 19 делфини во
првите пет недели од
катастрофата. Се
очекува и поголем
број морски животни
да бидат погодени
од нафтата што
не престанува
да истекува од
подводниот извор
на компанијата
“Бритиш петролеум”

 

Најлошиот случај на излевање
нафта во историјата на
Соединетите Американски
Држави, по експлозијата
на подводниот нафтен
извор на светскиот енергетски
гигант „Бритиш петролеум“ во
Мексиканскиот залив, го доживеа и
четириесеттиот ден без решение на
повидок. Експлозијата во подводното
наоѓалиште на нафта „Дипвотер
хорајзон“ се случи на 20 април и
однесе 11 животи. Според некои
проценки, во водите на Мексиканскиот
залив се излеаја околу 100.000 тони
сурова нафта која предизвика
огромни негативни последици врз
морскиот еко-систем, индустријата
за морска храна и туризмот во
заливот. Енергетската компанија
оттогаш пробува нови методи за да
се затвори подводниот извор, но како
што јавија американските медиуми,
минатонеделниот обид да се затвори
пукнатината, сепак не успеа.
Компанијата „Бритиш петролеум“
минатата недела започна ризичен
маневар за затрупување на
подводниот нафтен извор со кој ќе
се вбризгуваат тешки флуиди, цврст
материјал и цемент во изворот.
Овој потег, како што пренесе
новинската агенција Ројтерс, досега
никогаш не е применет на оваа
длабочина, една милја под морската
површина. Но, операцијата била
прекината поради недостиг од кал,
а ќе продолжи откако ќе пристигне
нов брод со овој материјал.
Американските медиуми го
пренесуваат соопштението од
Американскиот институт за геолошки истражувања според кое, две
групи научници применувајќи
различни методи, утврдиле дека од
платформата дневно истекуваат
меѓу 12.000 и 19.000 барели нафта.
Според тие пресметки, до сега
во морето истекле меѓу 77 и 122
илјади тони нафта, со што оваа
еколошка катастрофа ја надминува
онаа од 1989 година, кога со
потонувањето на танкерот „Ексон
Валдез“ во близина на Алјаска во
морето истекоа 50.000 тони нафта.
Еколошката катастрофа во
Мексиканскиот залив ја раздвижи и
американската влада, а погодената
област ја посети и претседателот
Барак Обама. Агенцијата Ројтерс
јавува дека претседателот Обама
деновиве се соочува со сериозни
критики дека пребавно изреагирал
на катастрофата. При посетата
на Луизијана тој им ветил на
жителите дека „нема да бидат
запоставени“. Реално, коментира
Ројтерс, претседателот Обама
не може многу да направи,
освен да изврши дополнителен
притисок врз „Бритиш Петролеум“
да ја исправат работата и да ги
вклучи во процесот најдобрите
научници. Американската влада
не поседува своја технологија
за подводно дупчење нафта.

 


Мораториум за подводна
експлоатација на нафта

 

Американскиот претседател
Барак Обама го продолжи за уште
половина година мораториумот за
издавање нови дозволи за подводна
експлоатација на нафта на големи
длабочини. Мораториумот за нови
дозволи е воведен по експлозијата
на платформата на „Бритиш
петролеум“ на 20 април, јави МИА.
Обама, на прес-конференција
во Белата куќа, истакнал дека
федералната Влада од почетокот
била надлежна за одговор на оваа
криза. Тој, како што пренесува МИА,
ги суспендирал двете нови дозволи
за дупчење нафтени наоѓалишта
на Алјаска, како и дозволите
за подводна експлоатација
во Мексиканскиот Залив и на
крајбрежјето на Вирџинија.
Суспендирани се и 33 дозволи во
Мексиканскиот залив, каде што
подводното дупчење е веќе почнато.

 

Живиот свет шлапа во
нафта, туризмот тоне

 

nafta2.jpgАмериканските медиуми
деновиве се преполни со анализи
и пресметки на штетите што
ги предизвика катастрофата
во Мексиканскиот залив.
Еве дел од нивните анализи
за влијанието на излеаната
нафта врз животната средина,
индустријата за производство
морска храна и туризмот:

ЕКОЛОГИЈА- Луизијана е
најблиската американска држава
до подводниот извор на нафта
на „Бритиш петролеум“ кој се
наоѓа на 42 милји оддалеченост
во Мексиканскиот залив, а со тоа
е и најпогодена од еколошката
катастрофа. Боби Џиндал гувернер
од Луизијана, вели дека повеќе
од 100 милји од вкупно 400, колку
што е долг брегот на Луизијана,
се погодени од излеаната нафта,
вклучувајќи ги осетливите мочуришта
и прибежиштата за дивиот свет.
На 17 мај, крајбрежната стража
пронашла топки од катран на
некои од плажите на островите
од Флорида, со што се зголемил
стравот дека големи количества
нафта со морските струи
тргнале кон копното. Сепак,
лабораториските тестови
покажале дека топките катран не
потекнуваат од нафтената дамка
на „Бритиш Петролеум“, потврдиле
од крајбрежната стража.

РИБНА ИНДУСТРИЈА – Агенцијата Ројтерс јави дека Федералната влада на САД објавила катастрофа во рибната индустрија во Луизијана, Мисисипи и Алабама, како последица на нафтената дамка. Луизијана има индустрија за производство на морска храна вредна 2,4 милијарди американски долари и опфаќа 40 отсто од оваа индустрија во САД. Во неа се вработени 27.000 луѓе, а главни производи се ракчињата, школките и крабите.
Американската агенција за океани и клима (НОАА) ја зголеми површината од федералните води на САД во Мексиканскиот залив која е забранета за риболов, на 25 проценти. Оттаму нагласуваат дека 75 отсто од нивните води се сè уште достапни за риболов. Но, забраната негативно влијае на стотици илјади комерцијални рибари и рекреативци кои заработуваат за живот од морето.

 

ДИВ СВЕТ – Нафтата, во форма на дебели слоеви или топки од катран веќе стигна до резерватите за див свет во Луизијана. Пример за тоа е состојбата во прибежиштата Бретон (National Wildlife Refuge) и Pass-a-Loutre.
Официјални лица за заштита на дивиот свет на САД, пријавија дека по бреговата линија на заливот се пронајдени повеќе од 300 мртви морски птици, 200 желки и 19 делфини во првите пет недели од катастрофата. Се очекува и поголем број морски животни да бидат погодени од нафтата што не престанува да истекува.

 

nafta3.jpgТУРИЗАМ – Туристичките оператори од Луизијана, Мисисипи и од Алабама, сопствениците на хотели, ресторани и организаторите на бродски прошетки, пријавија дека имаат многу откажани резервации по еколошката катастрофа. Некои, пак, добро заработија од напливот на новинари, официјални лица и активисти за чистење на брегот.
Туризмот на Флорида што носи 60 милијарди долари годишно, веќе губи милиони. Од сите загрозени држави, Флорида губи најмногу. Туризмот е водечка индустрија во оваа американска држава која годишно ја посетуваат повеќе од 80 милиони луѓе. Во оваа индустрија се вработени околу еден милион работници.

 

БРОДСКА ИНДУСТРИЈА – Главните бродски канали и пристаништа по должината на бреговата линија на Мексиканскиот залив остануваат отворени, но дел од нив пријавуваат доцнење. Американската агенција за океани и клима (НОАА) бара локација за ново пристаниште во устието на реката Мисисипи, каде што бродовите ќе подлежат на инспекција и прочистување од нафтата, пред да влезат во другите пристаништа. Властите во САД се трудат пристаништата да продолжат со работа за да се одржи увозот и извозот на земјата.

 

Американската агенција за океани и клима (НОАА) за годинава прогнозира дека во Атлантскиот океан ќе се формираат меѓу 8 и 14 урагани, од кои три до седум ќе достигнат брзина на ветерот над 180 километри на час. Ураганите ќе ја разнесат нафтата излеана во Мексиканскиот залив и ќе ја прошират еколошката катастрофа, предвидуваат експертите.
Сезоната на урагани во Атлантскиот океан почнува на 1 јуни и трае до декември. Најразорните урагани обично се формираат во август и во септември.

 

Елена КУЗМАНОВСКА

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top