Младиот бразилски дизајнер Paulo Kobylka, не престанува да воодушевува со своите иновативни парчиња мебел. Едно од неговите најпознати дела е големата седечка гарнитура инспирирана од бетонските трибини, а во последно време е посветен на проучување на индустриските материјали кои може да се користат во создавање на современ мебел.
Од овој процес настанале столица PK6 и софа PK7, на кои главен елемент им е жичана кострукција која главно се користи како потпорен елемент кој не е во преден план. Ова е токму она што Kobylka сакал да го промени. Покрај жичаната структура која служи како потпирач за грб, при изработката се користени и челични конструкции, кои служат како потпирачи за раце.
За да се избегне потенцијалната неудобност која таквите материјали можат да ја создадат, ставени се големи перници од пена кои ја неутрализираат крутоста на жиците и челикот. Софата и столицата се достапни во неколку бои, и може да се комбинираат.