Насловна / Архитектура / Лина Бо Барди хероината на бразилскиот модернизам

Лина Бо Барди хероината на бразилскиот модернизам

lina-bo-thumb.jpgЗа разлика од бразилските архитектонски легенди, како што се Лусио Коста и Оскар Нимаер, отелотворени и запишани во бесмртниот архитектонски град – Бразилија, архитектот Лина Бо Барди се дистанцирала од ваквиот проект. Таа верувала во потребата за конфронтирање и директно внесување во социјалната нееднаквост на Бразил, дека таа треба да биде отелотворена и фундаментално внесена во архитектонската практика. 

Нејзиниот мултипликативен, еклектичен и разиграно-инвентивен карактер ја одвојува нејзината работа од сè што се создавало во тој период.

Архитектурата на модернизмот отсекогаш имала комплексна врска со сопствените утопистички корени. Сигурно се сеќавате на позната реченица на Ле Корбизје од 1923 дека "Архитектурата може да ја одбегне револуцијата". Обидот да се изгради поубав свет преку архитектурата е постојан, (ре) дефиниран од разни теории за тоа каков треба да биде светот. Интересен е случајот за ширењето и развитокот на архитектурата на модернизмот во Бразил. Во 30-тите и 40-тите години на минатиот век, бразилската модерна архитектура ја создавала сликата за националниот идентитет наспроти самата модерна. Во текот на 20 век, Бразил како земја изгледала фасцинирана од модернизмот. Луѓето од средната класа читале за модернизмот во списанија и весници, и потоа барале нивните домови да бидат дизајнирани во новиот, модернистички стил, нагласувајќи им на архитектите да користат исклучителни обрасци и фасади. Со други зборови, модернизмот во Бразил станува популарна архитектура. Кога размислуваме кои имиња ни се познати од бразилскиот модернизам, се разбира дека први што ни доаѓаат на ум се имињата на Оскар Нимаер и Лусио Коста. 

lina-bo-1.jpg

Меѓутоа, покрај овие познати имиња, има едно име чијашто архитектонска практика, иако припаѓа во времето на модернизмот, најсензибилно го има опфатено духот на бразилската модерна преку сопствената архитектура. Се работи за женскиот претставник на бразилскиот модернизам, Лина Бо Барди. По моето враќање од Сао Паоло, од кое со најдлабоки импресии ја носам сликата на нејзиното дело Факултет за архитектура и урбанизам, се изненадив кога универзитетот ЕТХ во Цирих постави изложба посветена на истиот објект. Замислена како инсталација во просторот, концептот беше да се спореди она што е едниот факултет, а она што е другиот, односно она што едниот е, а другиот нема да биде. Овој контраст на слики, практики, објектите и начинот на работа на двата факултети, ми се чинеше доста интересен како два различни поларитети. Меѓутоа поставени еден покрај друг, уште повеќе се дефинираа самите себеси, а можеби и нивните (не) допирни точки. Слично на местото на Лина Бо Барди во рамките на бразилскиот модернизам, и сето она што ја спојува/одвојува од него.

 

РАЗИГРАНА ИНВЕНТИВНОСТ

Лина Бо Барди (1914, Рим – 1992, Сао Паоло) претставува еден од најисклучителните архитекти на 20 век, која има оставено зад себе значително архитектонско наследство во светски рамки. Но, нејзината работа и живот никогаш не биле поопширно документирани. Во периодот на завршетокот на Втората светска војна како талентирана дизајнерка, архитект, професорка и писателка, била значително повлијателна од нејзините машки колеги. Завршетокот на војната ги еманципирало жените, меѓутоа нивната улога интерпретирајќи ги идеалите на модернизмот интелектуално, креативно и прагматично, сè уште останале во сенка. Во споредба со Лина Бо Барди, имињата на Лусио Коста и Оскар Нимаер се значително познати и покриени во историјата на модерната архитектура. 

lina-bo-2.jpg

Нивните имиња се отелотворени и запишани во бесмртниот архитектонски град – Бразилија. Бразилија не само што ги носи идеалите на архитектонскиот модернизам во Бразил, туку и целосниот политички проект за Бразил како земја во развој да стане земја која има прогресивна иднина. Како архитект Бо Барди, од ваквиот проект се дистанцирала. За разлика од претходниот идеал, таа верувала во потребата за конфронтирање и директно внесување во социјалната нееднаквост на Бразил, дека таа треба да биде отелотворена и фундаментално внесена во архитектонската практика. Нејзиниот мултипликативен, еклектичен и разиграно-инвентивен карактер ја одвојува нејзината работа од сè што се создавало во тој период. Нејзиниот пристап кон проектирањето е самодоволна активност на повеќе начини, со целосен сензибилитет за антрополошко спојување во културниот и социјалниот контекст на нејзината посвоена земја.

 

ФУЗИЈА

Факултетот за архитектура и урбанизам, кој е дел од Универзитетот во Сао Паоло, претставува еден од нејзините најзначајни проекти. Овој објект не е само архитектура, туку тој претставува и манифест за проектирање. Изразува став во секој детаљ од надворешноста до внатрешноста, додека моќта на архитектонскиот израз е читлива од масивните бетонски конструкции до влезот, којшто претставува само дупка издлабена во објектот, до атриумите и двовисинските простори од кои повеќето не се ни заградени. Целата внатрешност претставува серија на приказни, кои се случуваат без очекување, огромни рампи кои водат од едно до друго ниво и пространи архитектонски студија, во кои на моменти се случува бетонска преграда во одредена форма и настанува некој нов простор. Објектот претставува воспевање на студентскиот и архитектонскиот активизам. Преполн со графити, пораки, принтови, изјави, предавањата се распрснуваат низ целиот објект со оглед на тоа што само малку од просториите се преградени. За разлика од целата логика на модернизмот што ја има тенденцијата на конечност, оваа архитектура зборува за (ре)дефинирање на конечноста, за можноста и неизвесноста за случување во архитектонскиот простор. Во двете англиски публикации посветени на Бо Барди, Де Оливиера (2006) ја опишува нејзината посветеност на не-хиерархичен, не-линеарен пристап кон просторот и времето, како патеки, места за транзиција, преклопувања на размери, материјали и најдени предмети, фузија на растителен живот помеѓу изградената форма, цртањето на луѓе околу објектот како во сензуален танц, вклучувајќи го целосно сопственото тело и сите свои сетила. Таа ги облагодарува објектите со неочекувани откритија и изненадувања на нивото на детаљ заедно со трансцедентална симболичка димензија. Фабриката СЕСК претставува простор кој Бо Барди го има пренаменето како мултинаменски културен центар со театри, фискултурни сали, базени, ресторани, работилници и помали места за одмор. Во СЕСК таа ги има изработено мебелот, униформите, деталите, активностите и програмите на центарот. И ден-денес кога ќе го посетите ова место кое воодушевува заради испреплетувањето на три групи луѓе – деца, млади и луѓе од трето доба, останувате без зборови пред животот што оваа архитектура го создава иако во својата форма е целосно модернистичка дури и припадник на архиутектурата на брутализмот. Како што беше нагласено и на Венециското биенале за архитектура во 2010 година, кога беше изложен опус на животот и делата на Бо Барди, овој објект може да биде одговорот на прашањето на ОМА павилјонот за Зачувување, којшто беше презентиран на истото биенале. 

lina-bo-3.jpg

Музејот за уметност во Сао Паоло (1957-1968) е огромен 70-метарски портик, кој ги држи централните галерии и го ослободува приземјето. Овој објект и јавен простор претставуваат порта низ која се случуваат разни видови на собири, додека галерискиот простор е на горното ниво. Ваквото празнење или врамување на просторот ја нагласува значајноста на комуникацијата, отвореноста и пристапноста за секој човек кој би сакал да биде дел од тоа место. Де Оливиера ја објаснува работата на Бо Барди како бриколаж, кој оди понатаму од архитектурата, и претставува континуирано измислување на идентитети, кое намерно се спротиставува на идеалите за апстракција, естетска чистина, технолошки позитивизам и прогрес во целост. Таа ја прегрнува идејата за времето како состојба која не може да биде разоткриена и рационалиризирана, иако ја почитува рационалистичката традиција. Таа среќно ги диверсифицира нејзините активности преку разни културни остварувања како новинарство, образование, кураторство и активизам поврзувајќи се со многу културни и политички фигури од тоа време. Лина Бо Барди го продуцира обратното на обратното, во текот на нејзината кариера, обидувајќи се да ги премости разликите помеѓу нејзините размислувања и нејзината практика. Нејзините објекти проектирани во Бразил се хибридни структури со елементи на рационализам, традиционализам, популарна култура и вернакуларна архитектура. Лина Бо Барди работи со т.н. заднина од празнината, тишината и природата. Таа ја презема можноста од непредвидливи настани за да се постигне максимална архитектонска експресивност. Во нејзините објекти се искомбинирани новото и старото, популарното и наученото, интелектуалното и неписменото, сиромашното и богатото, возрасните и децата, минатото и иднината. Таа го вклучува перманентно заборавеното од цивилизацијата, и дава избалансирана симбиоза. Во период кога значителни институции и случувања почнуваат да се потсетуваат на Лина Бо Барди, можеби е време во сопствените архитектонски практики да се потсетиме на нејзниот исклучителен пристап кон архитектурата. 

 

Александра Шекутковска,

дипл.инж.арх.

(Специјално за Порта3 од Бразил) 

Испрати коментар

Scroll To Top