Скопје – Рационално искористување на водните ресурси, мордернизација на иригациските системи, навремено предвидување на временските услови, обука на земјоделците за применување најсоодветни производни техники и добивање брзи, точни информации за успешен пласман, се клучните мерки што треба да ги спроведе македонскиот аграр со цел ефикасно надминување на последиците од климатските промени.
Светска банка, која како посебно ранливи во Македонија ги посочува руралните подрачја поради ниската продуктивност, ја нагласува потребата од изнаоѓање сорти и култури отпорни на повисоки температури, сушни услови и нови заболувања, како и од инвестирање во инфраструктурата, едукацијата и модернизацијата на системите за рано предупредување.
Треба да се употребува квалитетно семе, да се подобруваат расите добиток, да се воведуваат нови техники за наводнување, но и често да се објавуваат и дистрибуираат земјоделските прогнози, краткорочни и сезонски, сугерираат експертите кои работат на студијата за влијанието на климатските промени врз македонското земјоделство.
– Климатските промени се сериозна закана и битен проблем за земјоделството, водните ресурси, прехранбената сигурност, руралното живеење и намалувањето на сиромаштијата во Македонија. Нивното влијание посебно ќе се одрази врз населението во послабо развиените средини кое се директно зависни од производството, стои во студијата.
Од друга страна, како што се наведува, не е исклучено да се создадат и нови можности во агросекторот – продолжување на сезоната, поинтезивен раст на културите, дури и зголемување на водните ресурси во некои региони.
Според анализите на Светска банка, како резултат на климатските промени во земјава веќе се забележуваат зголемувања на средната температура, дефицити на влага и потенцијални опасности од екстремни појави како суши, топлотни бранови и шумски пожари. Проекциите за следните неколку децении се зголемување на средната годишна температура за 1,9 степени, намалување на врнежите за пет отсто и поголема изложеност на нови штетници и заболувања на земјоделските култури, шуми и стока.
Домашните експерти, пак, очекуваат климатските промени да предизвикаат хронични проблеми во земјоделскиот сектор. Иако се уште се прават проценки кои култури ќе бидат најпогодени, се смета дека ризикот е најголем за доматите во Струмичко и грозјето во Повардарие.
Македонија е вклучена во Регионалната студија за утврдување приоритетни можности за прилагодување на земјоделството кон климатските промени. (МИА)