Насловна / Архитектура / Кижи – музеј на отворено

Кижи – музеј на отворено

kizi-2.jpgПознатите места како Санкт Петербург и Москва не се единствените
значајни места во Русија кои можете да ги посетите. Поставен во
северозападниот дел на езерото Онега се наоѓа островот Кижи – музеј на
отворено, кој ги фасцинира посетителите со фантастични градби од дрвната
архитектура на тие простори. Кижи е еден од најпознатите острови во
Република Карелија (Русија)

Со своите извонредни експонати од дрвна
архитектура од регионот, островот претставува голема туристичка
атракција, а исто така е заштитен од УНЕСКО како светско културно
наследство. Една од најзначајните карактеристики на овој остров е тоа
што сите градби на него се направени исклучиво само од дрво. Легендата
за овој остров кажува дека сите градби биле направени само со една
секира која подоцна била фрлена во езерото со зборовите "не постои, а
нема ни да постои место како ова". Островот има должина од околу седум
километри и ширина од еден километар, и се протега од север кон југ. Во
податоците за островот Кижи, може да се забележи дека првите жители и
цркви се јавуваат во 15 век. Населението во почетокот било рурално, но
подоцна под притисок на властите почнало да се развива рударството на
островот, а тоа резултирало со голем подем на тој регион во 1769 година.
Исто така, во тој период овој остров претставувал важна алка во
транспортната патека помеѓу Новогород и Белото Море.

 kizi-1.jpg

 

Повеќето од селата
престанале да постојат до 1950 година, а сега само еден мал дел од
руралната средина се задржала. Во 18 век биле изградени две големи цркви
и една камбанарија, кои сè уште го красат островот со целиот нивни
сјај. Во педесеттите години на минатиот век, дузина историски значајни
објекти изградени од дрво, кои се наоѓале на разни локации во Карелија,
биле донесени на островот заради поедноставно зачувување на објектите и
секако, поедноставна презентација на нивната историска вредност пред
посетителите. Денес, целиот остров е прогласен за музеј под отворено
небо, а на него можат да се видат повеќе од 80 градби со голема
историска вредност. Денес педесетина жители го населуваат Кижи и се
грижат за целиот музеј. Првите документи пронајдени за овој остров,
покажуваат дека најстарите цркви кои биле изградени на островот датираат
уште од средината на 16 век. Овие документи опишуваат црква со две
куполи и камбанарија, која според подоцнежните подетални описи од 17
век, всушност имала пирамидални кровови. Оваа црква, која била посветена
на Пресвета Богородица, изгорела од удар од гром во крајот на 17 век.
По овој несреќен случај, првата нова црква изградена на истото место е
завршена во 1694 година, а подоцна во 18 век честопати реконструирана,
за да ја добие денешната прекрасна форма со нејзините 22 куполи и
камбанаријата. Висината на оваа црква достигнува 37 метри и претставува
една од највисоките цркви во северниот дел на Русија. Димензиите на
основата се 20×29 метри. Нејзината големина не дозволува да се затоплува
во зимскиот период кога температурите достигнуваат и до -35 степени
Целзиусови. Затоа таа се нарекува и летна црква.


kizi-3.jpgКОНСТРУКЦИЈА

Објектите на островот се изградени на камења без длабоки темели.
Основната конструкција е од обло борово дрво со дијаметар приближно 30
сантиметри и должина од 3-5 метри. За потребите на сите градби, биле
донесени илјадници трупци дрво што во тоа време претставувало комплексна
логистичка задача. Можеби најинтересниот дел од конструктивен аспект е
дека во градбата не се употребувани метални конектори, целата
конструкција е постигната со засекување на дрвото за да оформи стабилна
аголна конструктивна врска. Со редење на облата граѓа една врз друга, се
оформуваат ѕидовите на објектот.

 

Кровот е покриен со шиндри од дрвниот
вид смрча, додека куполите се обложени со топола. Островот Кижи, како
музеј на отворено, е прв во Русија од таков вид, а започнал со
функционирање во 1951 година. Денес на островот можат да се забележат
вкупно 87 дрвени конструкции, меѓу кои и црквата посветена на светецот
Лазар, која се смета за најстара црква од дрво во Русија изградена во
втората половина на 14 век, на источниот брег на езерото Онега. Оваа
црква станува една од главните атракции на острвовот, бидејќи се смета
дека има исцелителна моќ и многу верници од цела Русија доаѓаат во неа.
Меѓу останатите донесени градби на островот се издвојуваат дваесетина
селски куќи, воденици, плевни, сауни и друго.

 kizi-5.jpgkizi-6.jpg

Музејот содржи околу
40.000 експонати од кои повеќето се домашни предмети како алат, прибор
за јадење, парчиња мебел и слично. Исто така, содржи и прекрасна
колекција од околу 1.000 икони од периодот помеѓу 16 и 19 век, црковни
текстови, фотографии и цртежи, кои дополнително сведочат за значајноста и
за светоста на ова место.

Островот Кижи со неговата смирена природа ги
предизвикува сите верници да дојдат и да го посетат. Покрај духовните
вредности на островот, исто така претставува и голем интерес за
професионалци од градежната фела да се запознаат со умешноста на старите
мајстори и нивната дарба за градење, која со многу труд и пожртвуваност
блеска во овие објекти на кои им се восхитуваме и ден-денес.

Александар Черепналкоски, дипл.инж. по дрвна индустрија

Испрати коментар

Scroll To Top