Насловна / Архитектура / Едноставните идеи најуспешни

Едноставните идеи најуспешни

На 26 мај беше отворено овогодинешното Венецијанско архитектонско биенале, курирано од основачите на Grafton Architects – Ивон Фарел и Шели Мекнамара. Насловот кој тие го задаваат, FREESPACE, се однесува на подароците кои архитектите ги даваат бесплатно, преку добриот дизајн, а се фокусира на проблематиката на слободен простор, или „Простор кој може да се генерира кога еден проект е инспириран од великодушност“ – вели Паоло Барата, претседател на Венецијанското Биенале.

На Биеналето, заедно со главните изложби, кои содржат над 80 проекти, изложени се 65 национални павилјони и неколку други „колатерални“ настани и специјални проекти, кои се наоѓаат во двете главни локации – Арсенале и Ѓардини, но има и дел кои се лоцирани во друг дел од градот, а до некои може да се стигне само со брод. Изложбата изобилува со модели, вклучувајќи и некои коишто посетителите можат просторно да ги доживеат и да влезат во нив. Може да се заклучи дека павилјоните и изложбените простори кои содржат едноставни идеи и се претставени преку интерактивни инсталации се најуспешни на овогодинешната мостра.

Сеприсутните ентериери за изнајмување се прославуваат во изложбата на Швајцарија, која го освои Златниот лав за најдобар национален павилјон во 2018 година. Швајцарците во голема мера ја игнорираа главната тема на биеналето и се чини дека, како резултат на тоа, ја добија наградата. Ова укажува на тоа дека FREESPACE како концепт е толку отворен за толкување, што може истовремено да се игнорира и резултатот да биде позитивен.

Швајцарскиот павилјон во Ѓардини претставува внатрешност на стан што потсетува на приказната за „Алиса во земјата на чудата“, бидејќи е трансформиран во лавиринт на ненаместени простории, со користење на едноставна сценографија која е најчеста слика во новоизградените станови или изнајмени апартмани. Кујнските елементи се превисоки за дофат, додека на друго место треба да се наведнеш за да ја дофатиш кваката. Една џиновска врата води во просторија со огромна висина на таванот, огромни прозорци и кујнски елементи кои може да ги користи само џин. Низ друга мала врата посетителите влегуваат во простор каде сè е намалено.

Швајцарски павилјон_resize

Швајцарски павилјон

Тој има јасна поента, фотогеничен е, без дадено објаснување и остава голем впечаток.  Алесандро Бошард, кој го курира павилјонот со Ли Тавор, Метју ван дер Плог и Ани Вихерваара, архитекти со седиште во Цирих, смета дека треба да има повеќе дебати за баналната архитектура со која се опкружени изнајмувачите од западниот свет.

Естетиката на швајцарскиот павилјон може да се сфати како еден вид разреден модернизам, сведен на обични бели ѕидови, основни елементи и дрвен ламинат, со оглед на фактот дека Швајцарија, никогаш во целост не го напуштила модернизмот.

Како и швајцарските учесници и Холанѓаните ја игнорираа главната тема на биеналето. Изложбата во холандскиот павилјон, наречена „Work, Body, Leisure“ (работа, тело, слободно време) се состои од една соба затворена од сите страни со шкафчиња. Курирана од Марина Отеро Верзие, изложбата претставува проширен истражувачки проект за историјата и иднината на телото и трудот: просторната динамика на сексуалната работа; автоматизацијата во поголемите индустрии; ефикасниот дизајн на канцелариите. Со оглед на неговата интелектуална густина и далекусежност, меѓународните содржини и соработници, повеќе личи на изложба во една голема културна институција отколку инсталација на павилјон.

Нордиски павилјон_resize

Нордиски павилјон

Посетителите можат да ги отворат вратите на шкафчињата, да откриваат фотографии и филмови, но и да пристапат до цели простории со уметнички инсталации. Експонатите кои се изложени истражуваат како човештвото ќе се трансформира во ера кога роботите ќе можат да преземат многу работни позиции кои вообичаено се извршувани од страна на луѓето. Но, како што посетителите ги отвораат вратите, тие откриваат голем број проекти презентирани во различни медиуми, од едноставни фотографии до инсталации кои ги полнат целите простории. Отеро Верзиер избрала да претстави една соба со шкафчиња, бидејќи овие простории – кои ги има во повеќето фабрики, канцеларии и спортски сали – се места каде што телата на луѓето се подготвуваат за физичка активност. Тие се обоени во портокалова боја, што често се користи за да се симболизира Холандија.

Невообичаениот пристап на Велика Британија им донесе специјално признание за најдобар национален павилјон на овогодинешното биенале. Празен павилјон и нова челична структура за кровна тераса таканаречена „Island“ (oстров), беше одговорот на темата за FREESPACE. Целта на овој павилјон е да создаде јавен простор или место за социјализација на посетителите кои на тој начин би се вклучиле во зградата. Тој претставува простор за дебата, размена на идеи и за визионерски размислувања преку претходно организирана агенда на настани.

Британски павилјон_resize

Британски павилјон

Што значи да се биде жител на одредено место, што значи државјанство, националност и припадност? Како една граница може, освен физички, механички да подели и одреди државјанство и припадност? Сите овие прашања кои се актуелни во светот се претставени во павилјонот на Соединетите Американски Држави, каде што беа изложени неколку поставки од различни групи на автори кои одговараа на прашањето на националното државјанство, односно што значи да се биде граѓанин во време кога границата помеѓу САД и Мексико почнува да станува недефинирана. Користејќи ја архитектурата тие прават видливи парадокси и формулации за припадноста, односно државјанството, исто така, тие ги испитуваат просторите на државјанство препознаени во историјата на нееднаквост и насилност врз луѓето.

Павилјон на САД 1_resize

Павилјон на САД

Слободниот простор, за германскиот тим, е просторот на Берлинскиот ѕид после неговото уривање. Овој  цврст ѕид се доживува при првото влегување во павилјонот, каде што со секој чекор – поместување и приближување на ѕидот, откриваш серија на фрагментирани ѕидови кои го составуваат „цврстиот ѕид“ кој се доживува така на прв поглед. На задната страна на секој ѕид може да се најдат детали за зградата или просторот лоциран по патеката на Берлинскиот ѕид, од каде што и произлегува самиот наслов на поставката – „Неизградени ѕидови“. Изложбата има за цел да го доведе до прашање влијанието што го имаат бариерите и границите врз градовите и земјите.

Германски павилјон 1_resize

Германски павилјон

Од друга страна, австралискиот павилјон, составен од простор со преку 10 000 тревни растенија од 65 различни сорти и осветлување со лед светилки кои би го одржале животот на растенијата внатре во павилјонот, праќа јасна порака за слободниот природен простор или пејзаж, кој сѐ повеќе го снемува со никнување на зградите. Со оваа порака истиот пренесува и предупредување кон сите архитекти и дизајнери за начинот на кој една зграда комуницира со природата и како тие можат да направат целосен ентитет. Воедно, кураторите укажуваат, што според нив, значи репарирање или на кој начин можат да се ревитализираат местата. Овој павилјон повикува на нова проценка на вредностите на природниот пејзаж во кој сега се наоѓа Државната библиотека на Викторија и нѐ навраќа на времето пред европските населби кои биле живи, озеленети, рамни шуми.

Австралиски павилјон 1_resize

Австралиски павилјон

Слично е и во нордискиот павилјон „Аnother Generosity“. Поставени се четири огромни меурчиња, кои се надуваат и намалуваат како одговор на условите на животната средина, а чија цел е да се прикаже визија за иднината каде архитектурата може да се прилагоди на околината на ист начин како што луѓето го прават тоа. Балоните се дизајнирани да изгледаат како клетки, а се опремени со сензори кои ги следат нивоата на јаглерод диоксид, влажност и температура на воздухот.

Освен националните павилјони, присутни се и учесници со индивидуални изложби и  поставки, кои решија да одговорат на темата со изградба на огромни макети на некои од нивните објекти. Ова резултираше со спектар на интерактивни инсталации. На пример, португалското студио Aires Mateus ги поканува посетителите на Биеналето да ги протнат главите во една метална фигура, крената на ногалки, наречена „Field“. Внатре, таа содржи зеленило од кое се шири карактеристичен мирис. Казуо Сејџима и Руе Нишизава на SANAA направија вообичаен деликатен гест со скромна инсталација од акрил,  која се чини се губи покрај околните спектакуларни поставки.

Alison Brooks Аrchitects создадoa инсталација од поголем размер, претставена како четири населени „тотеми“: праг, наследен раб, премин и покрив, наречена „Recasting“. Секој тотем нуди одредено просторно, емотивно и сензорно искуство, искористувајќи ги специфичните карактеристики на Corderie како што се светлината и огромниот простор. Мисијата на оваа поставка е да ја открие граѓанската улога во станбената архитектура и нејзиниот потенцијал за значајно, субјективно искуство. Инсталацијата, исто така, нуди задоволство и мистерија: огледалните површини, органските геометрии и принудната перспектива создаваат серија експанзивни илузии. Заедно, тотемите, столбот и амфитеатарот прават една неформална сцена за собирање која гледа кон надвор.

Изложбата на Andramatin, која, исто така, се наоѓа во Arsenale Corderie, е насловена како „ELEVATION“ и ја истражува виртуелната разновидност во народната архитектура на Индонезија. Индонезискиот архитект Андра Матин прикажува во дрвена структура со импресивна ткаена фасада. Внатре, се качувате нагоре и надолу по скали, а голем број помали модели на различни народни куќи во Индонезија, кои се градат на различна надморска височина, се изложени низ просторот.

Andramatin (1)_resize

Andramatin

Како архипелаг кој опфаќа околу 17.500 острови, географијата на Индонезија варира од крајбрежни области до висорамнини, достигнувајќи 4.800 метри надморска височина. На таа површина, бројните различни култури и етнички групи ја окупираат географијата со нивната народна архитектура. Насловот „ELEVATION“ се однесува на значењето „elevation“ како надморска височина и „elevation“ во архитектонска смисла како вертикална проекција на зградите.

Жирито му го додели нa Андра Матин едно од двете специјални признанија за „чувствителна инсталација која отвора простор за размислување за материјалот и формата на традиционалните народни структури“. Ова е прв пат еден индонезиски архитект да е награден на Венецијанското биенале за архитектура.

16-тото Биенале за архитектура во Венеција ќе трае до 25-ти ноември 2018 година. Како дел од тимот кој придонесе Република Македонија да се претстави на Венецијанското биенале за архитектура, ја имавме честа да го доживееме духот на најголемиот архитектонски настан во светот, а да се присуствува на ваков настан е несомнено уникатно доживување, почнувајќи од самата атмосфера на градот, просторите во кои се наоѓаат изложбените поставки, сѐ до импозантните идеи, различни размислувања и гледишта на светот и архитектурата кои поттикнуваат размислувања и емоции за подолг период.

Mario Botta_resize

Mario Botta

Либански павилјон_resize

Либански павилјон

195700_resize

Сања, Валбона, Аделина

Автори: Валбона ФЕЈЗА, дипл. инж. арх., Сања АВРАМОСКА, дипл. инж. арх.

Фотографии: Сања Аврамоска, Аделина Фејза и Валбона Фејза

(Благодарност до Општина Кичево која спонзорираше дел од студентите кои работеа на проектот за претставување на Македонија на Венецијанското биенале за архитектура 2018.)

Испрати коментар

Scroll To Top