„Кабаре Балкан“ е насловот на изложбата на театарски и филмски плакати работени за делата на Дејан Дуковски, која од 26 декември ќе биде поставена во Македонскиот народен театар.
Театарскиот плакат, и плакатот воопшто, сам по себе е комплексен продукт кој визуелно сублимира една веќе разработена идеја и има намера првично да го атакува окото на публиката, а преку тоа да влијае врз формирање на индивидуалната слика за контекстот што го сугерира. Плакатот секогаш е тематски и најчесто е одраз на естетскиот и социјалниот аспект на времето и средината во кои е создаден.
Токму заради својата широчина во временска и географска смисла, плакатите работени според делата на Дејан Дуковски се интересен предизвик за публиката, која сака да види една секвенца од обработка на темата. Овие плакати претставуваат чисто ликовно решение базирано на драмскиот текст кој го поддржуваат, и на неговото поставување на сцена или филмско платно.
Изложбата е обид да се направи една поинаква перцепција на текстовите, кои се карактеризираат со комплексност и повеќеслојност, и во нив се бара една линија која ги влече базичните недостатоци и апсурди на времето и контекстот, и која никако не престанува да биде актуелна и сеприсутна.
Во своето творештво Дејан Дуковски има напишано 13 драми и три едночинки, а според неговите текстови се снимени пет долгометражни филмови. Статистички е најизведуван македонски автор. Неговите текстови се поставени насекаде во светот, од Европа, преку Русија и Јапонија до Америка.
На изложбата ќе бидат изложени 70 плакати, кои се само дел од над 130 плакати дизајнирани да креираат визуелно искуство од евидентираните 106 претстави и пет играни филмови.
Некои од плакатите се дел од приватната архива на Дејан Дуковски, а останатиот дел се добиени преку соработка со архивите на тетарите низ светот, каде што биле изведувани претставите, како и соработка со сите оние што учествувале во нивната реализација. Плакатите се работени во периодот 1989-2015 година, и секој од нив претставува оригинално авторско дело на различен автор.
Притоа, тие не се спореден елемент, туку секој автор добро го познава текстот и останатите концепти и акценти на претставата, и создавајќи го овој печатен театарски документ го потврдува фактот, дека создавањето на една претстава или филм и нивната презентација пред широката публика претставува сложен, колективен чин.
Покрај плакатите за претставите поставени кај нас, ќе бидат изложени и плакати од многу други земји, Германија, Франција, Данска, Русија, Бугарија, Романија, Полска, САД, Грција, Австрија, Швајцарија, Финска, Хрватска, Словенија, Турција, Италија, Унгарија, Шведска… создавани во текот на повеќедецениска работа.
Изложбата нуди можност публиката одблизу да се запознае со графичките решенија инспирирани и конципирани за текстовите што веќе имала можност да ги види на сцените од нашите театари.
Јасмина Алексова, дипл. историчар на уметност