Во чест на празникот на жената, 8-ми март, да се потсетиме на една од најдобрите и најплодните проектанти, архитект Вера Ќосевска.
Вера Ќосевска (моминско Ротман) е родена на 27 март 1929 година во Осјек, Хрватска. Ќерка е на Јелка и Стјепан Ротман, а сопруга на исто така значаен архитект, урбанист Владимир Ќосевски. Сo архитектура и градежништво се запознава уште во најраното детство. Вујко и бил инжинер-архитект, кој живеел во Загреб, но градел многу објекти во Осијек. Таа често одела со него на градилиште каде гледала како мајсторите работат.
Судска зграда – Охрид, 1960-61
Кога требала да одлучи за својата идна професија, немала дилема – се одлучила за Архиттектура. Основно образование завршила во Осијек, а гимназија учела во Загреб и Белград, каде положила матура во јуни 1948 година. Во септември 1948 год. се запишала на Архитектонски Факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала на 25 јуни 1953 год. со одличен успех во класата на професор Станко Клиска, со проектот: Болница за костнозглобна ТБЦ во Калиште на Охридското Езеро.
Здравствен дом – Валандово, 1982
По дипломирањето со сопругот доаѓа во Македонија и се вработила во проектансткото биро „Проектант“, потоа во средина на 50-тите години работела во Заводите за урбанизам на Скопје и Охрид. Во 1959 година се вработува во проектантското биро „Агропроект – Југопроект“, а во 1961 година преоѓа во големата проектантска организација ГП „Пелагонија“, каде останува се до крајот на својот работен век во 1989 година.
Во својата професионална кариера изработила над 150 проекти, голем дел реализирани. Работела на различни објекти по својата намена од станбени, преку деловни, образовни до објекти од културата. Нејзиниот творечки опус е неверојатно обемен и широк и оставила неизбришива трага на архитектонската сцена. Каде и да се свртиме, околу нас е Вера Ќосевска.
Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
За својата работа како архитект, проектант добила и повеќе признаија и награди:
– 1980 6 ноември, награда за хотелот „Панорама“, од Собранието на општина Радовиш
– 1980 Спомен плакета на ГП „Пелагонија“
– Диплома на БИМАС за проектот „Месна заедница Живко Брајковски“ во Скопје
– Награда „Андреја Дамјанов“ од ААМ за животно дело
Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
Од пребогатиот избор на реализирани објекти позначајни се:
– Судската зграда во Охрид, 1961
– Здравствен дом во Струмица, 1963
– Општа болница во Струмица, 1966
– Педагошка академија во Штип, 1966
– Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968
– Противпожарен дом во Скопје, 1969
– Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
– Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
– Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
– Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
– Здравствен дом – Валандово, 1982
– Месна заедница „Живко Брајковски“ во Скопје
– Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985
Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968
Стручни престои во странство:
Италија – во Реџио Емилија, во 1960 година
Франција – во Париз, во 1961 година
Англија – во Лондон, во 1962 година
Германија – во Берлин, во 1965 година
Шведска, Норвешка, Данска и Финска, во 1967 година
Јапонија – во Токио и Хонг Конг, во 1969 година
Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
Во едно нејзино интервју дадено за Порта 3, архитект Ќосевска вели: „ Непочитувањето на три основни услови при проектирањето на кој и да било објект, а се однесуваат на просторот во кој ќе се гради објектот, на неговата форма односно неговиот изглед и на неговата функционалност, е многу опасно за добар краен исход на проектот. Архитектонското проектирање е многу убава, но одговорна работа. Работа на секој нов проект е и нов предизвик. Почетното согледување, кое архитект-проектант мора добро да го совлада, е анализа на просторот во кој ќе опстојува идниот објект. Во врска со просторот е габаритот и изгледот на идниот објект, кој мора да е вклопен и усогласен со дадениот простор (локацијата). Многу битна е правилната и добра функција на секој објект.
Архитект кој не ги почитува овие основни правила при проектирањето, не може да изгради добар објект. Објектот можеби ќе биде убав на изглед, но не и вклопен во просторот, или ќе биде и вклопен, но нефункционален (и обратно). Само ако се исполнети овие три правила, може да се каже дека објектот е успешно проектиран“.
Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
Деловна зграда на Интер-импекс- Скоје, паркингот на Холидеј Ин