Одредени регистарски таблички, посебно оние со помал број знаци, редовно минуваат одлично на аукциите и достигнуваат огромни цени. А кога на сето тоа ќе се придодаде и хуманитарниот карактер, тогаш успехот е загарантиран. Токму тоа се случило на добротворната аукција под името Most noble Numbers, која се одржала неодамна во Дубаи. Највисока цена постигнала табличката AA8, и тоа речиси 10 милиони долари. Милионски износи достигнале и табличките F55, V66 и Y66.
Добротворната аукција е организирана од страна на Mohammed bin Rashid Al Maktoum Global Initiatives (MBRGI), и за само два часа се собрале околу 14,4 милиони долари кои ќе бидат донирани на кампањата One Billion meals. Станува збор за хуманитарна кампања чија цел е обезбедување на бесплатна храна за загрозените во дури 50 земји во светот.
Најскапо продадената регистарска табличка во историјата е F1, која во 2018 година во Велика Британија го сменила сопственикот за околу 20 милиони долари. Најскапата табличка која денес е во понудата е MM, која се продава во Калифорнија по цена од 24,5 милиони долари.