На едно шумовит рид во околината на Москва, меѓу боровите високи над 20 метри, лоцирана е единствената приватна куќа која била проектирана од страна на Заха Хадид и изведена во текот на нејзиниот живот. Со несекојдневна форма, дефинирана под влијание на самата околина, оваа куќа е поделена на две целини – една која „се претопува“ во самиот терен, и друга која се издигнува 22 метри над земјата и пружа спектакуларен поглед на околниот пејсаж. Како и многуте други дела на Хадид, објектот се карактеризира со флуидна геометрија и организиран е во четири нивоа: долните два ката содржат простории за дневен престој, кујна, базен и други содржини за одмор. Над нив се издигнуваат спалните соби и надворешните тераси за уживање во природата.