Насловна / Архитектура / Единбург, град – дел од светското културно наследство

Единбург, град – дел од светското културно наследство

Единбург е главен град на Шкотска уште од 15 век (1452година). Денес тој е дом на шкотскиот Парламент,седиште на многу државни институции како Националниот музеј на Шкотска, Националната библиотека на Шкотска, шкотската Национална галерија, а во него се наоѓа и една од палатите на Монархијата Палатата „Холируд“ (Holyroоd Palace), палата во која и денес кралицата Елизабета II и нејзината фамилија престојуваат кога се во Единбург.

Edinburgh-Travel-Massive

Долги години Единбург бил, а и денес сè уште е центар за едукација, особено во полето на медицината, шкотското право, литературата и инженерството. Универзитетот во Единбург е основан во 1582 година и денес е еден од четирите универзитети во градот. Денес Единбург е и вториот најголем финансиски центар во Обединетото Кралство, но тој е познат и како град со многу историски и културни знаменитости и атракции, а исто така е познат и по неколкуте интернационални фестивали и културни настани кои се одржуваат преку целата година.
Градот Единбург почнал да се оформува со изградбата на Замокот – тврдина (Edinburgh Castle) на карпа на врвот од ридот Пентланд. Тој како да е израснат од карпата и стои ист веќе 11 векови, но најверојатно постоел и многу порано.

Edinburgh Cityscape

Замокот во Единбург е тврдина која ги штитела жителите на Замокот од античките непријатели на Англија. Првите жители во античкиот Замок имале комфор, безбедност и широк преглед и поглед над мочурливите рамнини под ридот. Тие гледале во пустината која се простирала до морето и селата и полињата од другата страна на ридот. Природно првата древна тврдина Замокот е изграден на единбуршката карпа, како една од повисоките точки во околниот простор. Постепено тврдината се развивала и доградува, а на падините на ридот Пентланскот почнува да се развива градот (денешниот стар дел од градот), со изградба на нови згради. Куќите околу Замокот се едни од најстарите згради во Единбург и се спуштаат скалесто кон рамниот дел на градот. Интересно е дека овие згради околу Замокот во Единбург се високи и по десет, единаесет и до максимум дванаесет ката. Изградени се од камен, дрво и тула и тоа многу порано кога никој и не знаел за облакодери. Заради конфигурацијата на теренот – стрмиот рид, градот се развивал со голема густина, со многу згради висококатници и тесни улички меѓу нив, кои често се скалести за да се совлада стрмнината. Во овие густо изградени облакодери на ридот околу замокот живееле и лордови и дами, судии и трговци, адвокати и поети, занаетчии и слуги и сите останати. Стариот град изграден околу замокот не бил само место на живеење на кралевите и седиште на Парламентот, тој бил и средиште на целокупниот живот на градот, центар на адвокатите, медицински центар, универзитетски и научен центар.

DSC04221
Замокот многу пати од неговото постоење бил под опсада и опкружен со непријатели, но никогаш не се намалила неговата доминација над градот и безбедноста на Замокот и градот. Единбуршкиот Замок бил вклучен и во многу историски конфликти од времето на војната за шкотската независност во 14 век, а и други воени конфликти. За единбуршкиот Замок се вели дека е Замок кој бил најдолго под опсада од сите замоци во Велика Британија и еден од најмногу напаѓаните замоци во светот. Скулптурите на двајцата најголеми борци за национална независност на Шкотска се поставени од двете страни на главниот влез во Замокот, а тоа се Вилиам Валес и Кралот Робет Брус.

DSC04247
Единбуршкиот Замок е бастион со кој стариот град преживеал и денес е најголемиот симбол на градот Единбург.
Замокот останал кралска резиденција до 1633 година, а после тоа се користел како касарна за сместување на војската и прифатилиште и болница за ранетите војници. Британската армија и денес користи некои делови од единбуршкиот Замок, но повеќе за административни и церемонијални потреби. Истрелите на автентичните стари топови кои се наоѓаат во Замокот се слушаат и денес на празници и значајни денови и настани. Најстарата сочувана автентична зграда во единбуршкиот Замок е Капелата „Св. Маргарета“ изградена на почетокот на 12 век. Секако дека Замокот претрпел и многу оштетувања и делумни рушења, но секогаш бил обновуван и денес е сочуван во првобитната форма. Денес Замокот е отворен за публика и има годишно повеќе од 1 500 000 посетители.
Златното доба градот Единбург го достигнал кон крајот на 18 век. Градот поради пренаселеност и голема густина не можел повеќе да прима нови жители и да ги обавува сите функции. Се јавила потреба од проширување на градот и затоа во 18 век почнува проширувањето на Единбург околу стариот град со изградба на Ѓоргијански нов дел на Единбург. Стариот дел на Единбург и новиот Ѓорѓијански дел на градот се на листата на УНЕСКО за светско културно наследство и во 1999 година стануваат дел од светското културно наследство.

DSC04234
Градот Единбург има околу 500 000 жители во централното градско подрачје, а со приградските населби кои се веќе присоединети кон главното градско јадро околу 1 300 000 жители. Градот Единбург денес излегува и на море и има изградено повеќе плажи, рекреативни делови, марини, пристаниште и нови населби околу морскиот брег.
За време на Божиќ, Нова година и Хигнен фестивалот улиците стануваат многу живи, градот има посебен ритам и живост. Интернационалниот фестивал за музика и уметност трае три недели и тоа во месец август и септември, со околу 1 000 претстави и настани на различни сцени и локации во Единбург. Треба да се споменат и неколку други меѓународни фестивали како Џез фестивалот, Фестивалот на книгата и Филмскиот фестивал. Единбург има повеќе од 1 500 000 посетители годишно кои може да одберат меѓу посетата и учество на многуте културни настани и случувања или да поминат дел од времето во разгледување и истражување на градот и околината.
Улицата „Ројал Миле“ (Royal Mile), главната пешачка улица во стариот дел на градот и плоштадот „Мунд“ (Mound) во новиот дел на градот се места каде се случуваат многу улични перформанси во текот на целата година.

DSC04242
Улицата „Ројал Миле“, најпозната и најпосетена во стариот град започнува со највисоката точка во градот – Замокот на Единбург и завршува во рамниот дел на градот со Палатата „Холи Руд“ и Парламентот на Шкотска. Тоа е единствена широка пешачка улица, каде е дозволен моторен сообраќај само со режим (дотур на роба и возила за итни случаи) и преполна е со продавници, локали, ресторани, музеи, туристички агенции, галерии во кои се продава и се презентира сè што е карактеристично за Шкотска, како производи од познатата шкотска волна, шкотско виски, шкотско пиво, шкотски килтови и други шкотски брендови. Секако овде ќе ги видите и слушнете и уличните музичари кои свират на гајди облечени во шкотски килтови.
Во новиот дел од градот понудата е сосема поразлична. Таму ќе ги најдете сите англиски и светски брендови како во модата, така и во угостителството, банкарството и во деловниот свет.
Единбург веќе е град со голема површина, а има добри и брзи сообраќајни градски врски со сите делови од градот и сите приградски и нови населби. Стариот град е пешачка зона и најдобро се доживува ако пешки се движите низ него и освен улицата „Ројал Миле“ прошетате и ги истражите многуте тесни скалести улички.
На 1 јули 1997 година жителите на Шкотска гласале повторно да имаат свој Парламент. На 1 јули 1999 сонот им се остварил и кралицата го отворила шкотскиот Парламент кој привремено бил сместен во објект на плоштадот „Мунд“. Денес шкотскиот Парламент има нова современа зграда, сместена на крајот на улицата „Ројал Миле“, спроти Палатата на кралицата Елизабета II „Холи руд“, а околу Парламентот е уреден прекрасен парк и пешачки површини. Освен кон Палатата, Парламентот има поглед и кон познатиот рид т.н. Седиштето на Артур (Artur Seat). Тој рид е остаток од стар вулкан, а денес е уреден во рекреативно и излетничко место на Единбург. Една зелена оаза во центарот на Единбург.

DSC04248
Ридот – Седиштето на Артур, како и Замокот на Единбург се највисоките точки на хоризонтот на градот Единбург кои доминираат, но се и одличен репер за ориентација кога се движите низ градот, секогаш да знаете каде сте.
Единбург изобилува и со многу зелени површини и паркови, спортски и детски игралишта кои ги има насекаде низ градскиот простор, а за познатата англиска трева и да не зборуваме. Кога ја гледате се прашувате дали е вистинска или вештачка.
Таму каде што нема паркови има премногу друго урбано зеленило, што му дава посебност на градот Единбург.

DSC04245
Во новите делови на Единбург изградени се и се градат современи објекти. Во заштитеното подрачје, стариот и новиот дел на Единбург изградени се исто така нови современи претежно јавни објекти, административни или објекти од културата, како што се новата зграда на Балетот, доградба на Националниот музеј на Шкотска и секако зградата на Парламентот на Шкотска. Убаво и успешно соединување на старото и новото,
Единбург е интересен и посебен град, прво специфичен по својата поставеност и конфигурација, а секако и како град дел од светско културно наследство, но познат е и по својата современост и добро организиран секојдневен живот. Секако да ја спомнам и љубезноста на Шкотланѓаните. Град отворен кон сите и град каде секој ќе си најде нешто интересно и незаборавно.

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top