Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската мрежа на Светскиот совет за зелена градба (WGBC), потпишаа спогодба со која ја усогласија соработката на полето на поддршка на одржливото градење, со посебен акцент на рационалното трошење на енергијата и ресурсите, како и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
WGBC претставува глобална мрежа која вклучува 25 национални совети за зелена градба, шест регионални партнери и над 5.000 членови во Европа. Нивната цел е да се постигне одржливост на градбите и заедниците преку адекватно водење кон принципите на одржливоста. Во таа смисла, и спогодбата меѓу ЕБОР и WGBC, меѓу останатото, вклучува: промовирање на најдобрите индустриски стандарди и практики за рационално трошење на енергијата, јакнење на отпорноста во однос на климатските промени, промовирање на иновативниот дизајн кој не продуцира отпад, урбанистичко планирање во согласност со зелените начела, како и мобилизација на финансиски средства.
Со цел конкретизација на оваа Спогодба, потписниците усогласија и акциски план за 2016-та, според кој првата држава која ќе соработува со Светскиот совет е Хрватска, односно Хрватскиот совет за зелена градба. Соработката подразбира и финансиска компонента во рамките на проектот за енергетска обнова на зградите BUILD UPON, кој е дел од поширокиот европски проект од програмата HORIZON 2020.