Зајакнувањето на транспортната инфраструктура е приоритет на ЕБОР во активностите на Западен Балкан. Со финансирање на реконструкцијата на една од клучните национални патни рути А4, банката ја подобрува оваа витална трговска конекција со соседна Бугарија, а со тоа и со Европската Унија, соопшти ЕБОР.
Кредитот е земен со суверена гаранција од државата и се реализира преку македонското jавно претпријатие за државни патишта, компанија одговорна за управување и одржување на националната и регионалната патна мрежа. Како дел од инвестицијата, банката ќе го поддржи отварањето на пазарот на одржување на патишта кон приватниот сектор и ќе ги зајакне практиките на работење и менаџирањето на средства на јавното претпријатие.
Финансирањето ќе се искористи за подобрување на 39 километри од националниот патен правец кој го поврзува градот Штип, еден од најбрзо растечките економски центри во земјата, со Радовиш – вториот најголем град во југоисточниот дел од земјата.
Како дел од патот А4, подобрениот патен правец ќе ги поврзе и новиот автопат Миладиновци – Штип, автопат кој води до секцијата каде што се сечат двата југо-источни паневропски коридора (Коридор 8 и Коридор 10).
„Горди сме што ја поддржуваме реформата во македонскиот патен сектор. Ова е наш шести проект кој се темели на успехот на нашата претходна соработка со Владата и јавното претпријатие за државни патишта. Веруваме дека оваа инвестиција ќе одигра витална улога во подобрување на важните конекции со Македонија и со ЕУ,” изјави Сју Барет, директор за транспорт во ЕБОР.
„Оваа трансакција е значајна за регионот на Западен Балкан, бидејќи ги подобрува конекциите на транспорт и трговија со Европската Унија, им помага на економиите да растат и ја подобрува меѓуграничната трговија. Веруваме дека постоечките бизниси како и инвеститорите ќе имаат корист од овој проект, бидејќи со него значајно се зголемува атрактивноста на регионите,” истакна Холгер Муент, директор за Западен Балкан на ЕБОР.
„Овој проект на банката претставува континуиран придонес за подобрување на транспортната инфраструктура и ја истакнува нејзината посветеност за разрешување на клучните предизвици од транзицијата со кои се соочува земјата“, нагласи Анка Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.
„Со изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш, како и на другите проекти од патната инфраструктура кои ги реализираме во овој регион, ќе се овозможи од југо-источна Македонија, до главниот град да се пристига за само еден час. Имаме доста амбициозна агенда за југо-источниот дел од Македонија, која ќе придоне за негов економски развој. Им благодариме на ЕБОР за поддршката во реализацијата на овие проекти и партнерскиот однос кој многу ни значи,” истакна Зоран Ставрески, заменик претседател на Владата на РМ и министер за финансии.
„Нашата интензивна соработка со ЕБОР е показател на нашата посветеност за развој на инфраструктурата на националните патишта. Со градењето на силна патна транспортна инфраструктура, придонесуваме во нашиот иден економски раст”, истакна Александар Стојанов, вршител на должноста генерален директор на ЈП за државни патишта.
ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес во земјата има потпишано над 90 проекти од јавниот и приватниот сектор во вредност од над 1,5 милијарди евра.