Во седиштето на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), одржан е шестиот Инвестициски самит за Западен Балкан, на кој учествуваат премиери и други високи официјални претставници . Одил Рено – Басо, претседателката на оваа меѓународна финансиска институција, ја пофалила подобрената координација помеѓу владите и истакнала дека тоа овозможило многу важно сообраќајни и енергетски проекти во регионот да добијат приоритет. „ Ние во ЕБОР се радуваме на блиската соработка со Европската комисија и владите во регионот на имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, преку својата мрежа од шест канцеларии и 150 професионалци на терен, со цел да им помогнеме на земјите да спроведат реформи и инвестиции особено во областите на зелена транзиција, вештини, инклузија и дигитализација“, изјавила таа.
Рено – Басо ги повикала присутните да ја забрзаат енергетската транзиција, а посебно инвестициите во обновливи извори на енергија, електроенергетските мрежи и енергетската ефикасност. Тоа ќе придонесе за подобрување на истрајноста на регионот на идните енергетски шокови, како и неговата конкурентност, додала шефицата на ЕБОР. „Правиме се што е во наша моќ да отвориме простор за повеќе инвестиции во регионот. Но, многу повеќе можеме да ги привлечеме инвестициите доколку бидат спроведени неопходните реформи“, нагласила таа истакнувајќи го значењето на исполнувањето на условите за добивање на средства од Планот за раст на Западен Балкан, вреден шест милијарди евра.