Earth hour е повик луѓето да преземат контрола врз иднината на нашата планета со само едно движење на прстите и со исклучување на светилките, барем на еден час
Светлата на најатрактивните туристички локации во светот се исклучија, а своите домови ги затемнија и милиони граѓани ширум светот во саботата на 28 март и на тој начин активно се вклучија во глобалната акција “Earth hour 2009”. Глобалниот настан кој почна во 2007 година се организира за да ја истакне опасноста од климатските промени кои му се закануваат на амбициозниот свет.
Организаторите на “Earth hour 2009" од светскиот конзерваторски фонд ВВФ (WWF) информираат дека во акцијата се вклучиле деведесетина земји ширум светот, а светлата се изгаснале во повеќе од 4.000 градови. Од Сиднејската опера и Харбор Бриџ до Ајфеловата кула во Париз и Парламентот во Лондон светлата беа изгаснати како дел до кампањата која треба да ги поттикне луѓето да ја намалат потрошувачката на енергија и да ги намалат емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива.
– Долго време сонуваме за нов климатски договор. Сега веќе не сме осамени во тој сон. Го делиме со сите овие луѓе кои ги изгаснаа светилките – ја пренесува Ројтерс изјавата на Ким Карстенсен, одговорен за глобалната иницијатива за климата во ВВФ, дадена под свеќа во еден бар во германскиот град Бон, каде што ќе се одржат преговорите за климата на Обединетите нации.
Според Панелот за климатски промени на Обединетите нации, емисиите на стакленички гасови прекумерно ја загреваат планетата што доведува до силни суши, поплави, тропски бури, пораст на нивото на морињата, како и загуба на животински и растителни видови. Од седумдесеттите години на минатиот век светските емисии на стакленички гасови пораснаа за 70 отсто. Неодамна, Кина го презеде првото место пред САД на листата на најголемите емитери на стакленички гасови во атмосферата. На списокот следуваат Европската Унија, Русија и Индија.
Панелот за климатски промени на Обединетите нации вели дека богатите нации треба да ги намалат нивните емисии на ниво од 25 до 40 отсто пониско од нивото во 1990 година. Ова намалување треба да се направи до 2020 година, ако земјите сакаат да ги избегнат ефектите од затоплувањето. И земјите во развој треба да го забават порастот на нивните емисии до 2020 година.
– Основната цел поради која го правиме ова е зашто сакаме луѓето да размислуваат, дури и само еден час, што можат да направат за да го намалат нивниот јаглероден отпечаток. Идеално е ако тие продолжат тоа да го прават и откако ќе заврши тој час – вели извршниот директор на “Earth hour “ Енди Ридли.
Во саботата светлата ги изгасија и опсерваторијата Singapore Flyer, кулите “Петронас” во Куала Лумпур, базиликата “Свети Петар” во Рим, пирамидите во Гиза, Египет и Акропол во Атина.
ВАШИОТ ПРЕКИНУВАЧ Е ВАШИОТ ГЛАС
Оваа година Еартх хоур се претвори во првите глобални избори, меѓу Земјата и глобалното затоплување. Со самото исклучување на светлата вие гласате за Земјата. Успехот од акцијата Earth hour ќе биде презентиран на Конференцијата за климатски промени која ќе се одржи во Копенхаген 2009 година. На оваа конференција ќе се претстават владините политики за борба против климатските промени во вид на документ што треба да го замени Протоколот од Кјото.
Earth hour почна во Сиднеј во 2007 година кога светлата ги изгасија 2,2 милиони домови и бизниси во текот на еден час. Во 2008 година акцијата прерасна во глобално движење, а ја поддржаа 50 милиони луѓе. Оваа година целта беше да се вклучат милијарда луѓе, велат од организацијата. Оттаму нагласуваат дека Еартх хоур е повик луѓето да преземат контрола врз иднината на нашата планета.
Е.КУЗМАНОВСКА