Изборот за изработка на дипломска
работа од областа на проектирање
патишта и патни јазли, ја донесов од
една едноставна причина запознавање со процесот на проектирање и
изработка на проект кој ќе претставува оптимално техничко, економско, сообраќајно и просторно
решение со сите негови содржини.
Одлуката ја донесов во консултација
со мојот ментор проф. д-р Радојка
Дончева, редовен професор на Катедрата за патишта при Градежниот
факултет во Скопје.
Целта на оваа
дипломска работа беше да се изработи идејно решение, кое ќе опфати
повеќе сегменти од проектирањето,
односно да се проектира делница од
магистрален пат во должина од пет
километри и соодветен патен јазол
на неа. Проектот е изработен со
помош на софтверскиот пакет CGS
Plateia, кој од 2009 година е интегриран во наставната програма за потребите на катедрите за патишта и
железници. Би сакал да истакнам
дека инсталацијата на ваков софтверски пакет, земајќи го предвид
моето искуство при изготување на
дипломската работа, е од големо
значење за студентите, и можност
школувањето да го завршат како
подготвен и стручен кадар.
ПРОЕКТНИ ЦЕЛИ
Содржински, дипломската работа
опфаќа: проектна задача, технички
извештај, геолошки подлоги и карактеристики, проектни елементи, ситуационо решение, надолжен профил, типски напречни профили и детали и карактеристични напречни
профили.
Проектната задача е дефинирана
од потребите кои произлегуваат во
фазата Идеен проект и во истата се
бара:
1) проектирање на делница од магистрален пат Косел-Охрид-Св.Наум од км 26+024.46 до км
31+141.70 и
2) проектирање на патен јазол на
крстосување на магистрален пат
Косел-Охрид-Св.Наум и постојниот регионален пат Р504, кој
води кон населено место Трпејца
и новопроектиран Царински терминал.
Како основа за изработка на предметната проектна документација се
користени сите расположливи информации и подлоги, неопходни за
процесот на проектирање. Користена е соодветна важечка техничка
и законска регулатива, односно постапувано е по Правилникот за технички нормативи, Закон за патишта,
Закон за безбедност во сообраќајот,
итн. Користени се климатско-хидролошки подлоги, кои се репрезент на
хидрометереолошките промени и
состојби во разгледуваниот регион.
Ваквите подлоги се особено важни
за патната инфраструктура, бидејќи
ја дефинираат средината во која се
градат патиштата и во која се одвива
сообраќајот, и истите имаат
влијание како при изградбата така и
во текот на екплоатација на патната
инфраструктура. Начелните сознанија за оцената на инженерско-геолошките и геотехничките карактеристики на теренот долж трасата се
добиени од извештај од инженерско-геолошката проспекција на теренот изработена во рамките на
предпроект. Резултатите документирани во овој извештај се користени
за водење на трасата со нејзино приспособување кон дефинираните средини, за дефинирање на попречните
профили, за димензионирање на коловозната конструкција, итн. Исто
така, дефинирањето на сообраќајните основи е од примарна важност за изработка на идејниот
проект, бидејќи истите претставуваат причина и потреба за неговата
изработка, односно густината на сообраќајот во планскиот период е основа за одредување на рангот и
класата на патот, а класата на патот
и топографските карактеристики и
ограничувања се двата влезни параметри за дефинирање на проектните
услови и параметри. За изработка и
презентација на техничките решенија се користени различни топографски подлоги во зависност од
видот и содржината на графичките
прилози. За дефинирање и презентација на хоризонталните решенија се
користени ситуации оформени од
расположливи геодетски планови
М=1:2500 (скенирани и дигитализирани), дополнителни геодетски сни-
мања со што е добиена една целина,
односно тродимензионална геодетска ситуација приспособена за електронска обработка.
По прибирањето на овие неопходни подлоги и информации е
пристапено кон дефинирање на техничките карактеристики на предложената траса. Врз основа на утврдените појдовни критериуми
(категорија на терен и сообраќајна
категоризација), се дефинирани основните гранични елементи на трасата, односно граничните елементи
во план и профил.
СПЕЦИФИЧНОСТИ
За генерално дефинирање на напречните профили на трасата се изработени нормални напречни
профили во М=1:50 како типски решенија со кои се опфатени сите застапени облици на трасата,
групирани во зависност од граничните елементи во план и профил.
Разработени се разни облици на типските решенија, кои се застапени
(насип, ископ, засек) во правец и
кривина со разни специфичности во
однос на коловозната конструкција.
Во тој контекст, соодветно се дефинирани облиците за оформување,
осигурување и заштита на трупот од
патот (степенасти засеци под насипите во стрмните падини, берми во
ископ и насип и други). Специфичните детали од нормалните напречни профили се приложени во
зголемен размер М=1:10 и М=1:20,
како конструктивни решенија за горниот и долниот строј, со детали на
посебните елементи и инсталации за
одводнување на коловозните по-
вршини и трупот на патот (канавки,
риголи, дренажи, каналети и
слично.)
Како појдовна точка за дефинирање на хоризонталното решение
(ситуационен план) на трасата се користени севкупните претходно опишани основи и подлоги. Конструирањето на хоризонталниот ток на
трасата и нејзиното микроприспособување кон актуелните просторни
услови и можности, всушност претставува компромис помеѓу техничко-економските, просторните,
функционалните, естетските и други
карактеристики на трасата од една,
и актуелните фактори на ограничувања што ги нуди теренот во кој се
трасира од друга страна. Во консултација со менторот е извршено преиспитување на алтернативните
решенија, и хоризонталниот ток на
трасата е остварен со примена на
гранични вредности во многу сложени теренски услови заради максимално приспособување кон теренот
и сведување на вештачките објекти
на минимум. Едно од решенијата е
формирано со цел да се користи дел
од постојниот пат, со што се врши
подредување на магистралниот пат,
па така е предложено ново решение
каде нивелетата ќе минува преку поповолни места, од падината па сè до
седлото што е избрано за најпогодно место за лоцирање на трасата
од магистралниот пат. На постојниот
пат Р501 е извршена девијација и
нов локален приклучок на Р504 со
натпатник (L=25m) над новиот магистрален пат кој е искористен и
приспособен за формирање на денивелирана крстосница (патен јазол)
во облик ТИП-Ромб. Патниот јазол во
облик на несиметричен ромб е составен од четири директни рампи
кои формираат две површински
крстосници.
Нивелационото решение (надолжен профил) на трасата е директно
зависно од карактеристиките на теренот во кој е положена трасата, дефинирана со хоризонталното
решение. Повлечени се правци на
начин со кој се минимизираат насипите и ископите и се применуваат
гранични дозволените елементи.
Конструирани се соодветни вертикални кривини и се поставени објектите што се јавуваат долж трасата.
Витоперењето на коловозот е извршено околу осовината на патот и
согласно критериумите за предвидената проектна брзина. Посебно внимание е посветено на вклопување на
нивелетите по рабовите на главниот
коловоз со нивелетите на рампите во
патниот јазол, во кои нивелета е водена по десниот раб во правец на
сообраќајните движења. Меѓусебните вкрстувања на рампите во патниот
јазол се обележани на посебен начин
со знаменце и наслов на вкрстосувањето.
Предмерот на основните позиции
пресметан е со планиметрирање на карактеристичните напречни профили,
изработени согласно граничните елементи дефинирани во нормалните напречни профили во М=1:100, и во
континуитет долж трасата. Останатите
позиции од предмерот се преземени
од збирните вредности во табелите или
дополнително се пресметани, врз основа на линиските вредности од останатите графички прилози. Предмерот
на патниот јазол е оформен врз основа
на искуствени податоци, и за него е земена ориентациона цена.
Како заклучок, би сакал да истакнам
дека изработката на оваа дипломска
работа за мене лично е големо искуство, кое ми помогна во определбата
за мојот понатамошен ангажман како
градежен инженер. Перспективно гледано, градежништвото е во подем, а со
самото тоа титулата градежен инженер
е актуелна, модерна и привлечна за генерациите што доаѓаат.
Никола Тасевски, дипл.град.инг.