Насловна / Градежништво / Одговор на сe поголемата потреба за паркирање

Одговор на сe поголемата потреба за паркирање

fakom_parking_thumb.jpgОсновната причина ФАКОМ АД Скопје да развие свој сопствен систем на
модуларни монтажно-демонтажни паркиралишта, покрај неспорната и сè
поизразена потреба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко, е фактот
што најголем број од постоечките системи не се типично монтажно-демонтажни.

Со порастот на бројот на возила, потребата за паркирање е поголема од кога било досега и постојано се зголемува. Градските центри се гушат, а паркирањето на зелените површини и тротоари станува редовна појава. Ограничувањето на времето на паркирање, високите казни за погрешно или неавторизирано паркирање и ревносната работа на пајак- службата, воопшто не го решаваат проблемот (во услови на неефикасен јавен превоз возилата мора некаде да се паркираат) туку само ја зголемуваат нервозата кај возачите. Посебна "приказна" се инцидентните, но драстично зголемени потреби за паркирање за време на јавни собири, спортски натпревари, културни и верски настани. Тогаш, во околината на тие објекти настанува вистински хаос. Решението е, паралелно со организирањето на ефикасен јавен превоз, во обезбедување на посебни простори (привремени или трајни објекти – надземни и подземни) наменети исклучиво за паркирање. 
fakom_parking_1.jpg
Какви решенија за јавно паркирање можат да се понудат? Ги има повеќе. Отворени паркиралишта, кои се лоцираат на слободни простори во урбани средини. Но, не можат да претставуваат трајно решение во централните градски јадра бидејќи, по правило, се организирани на атрактивни локации со висока цена на градежното земјиште. Надземните катни гаражи, според искуствата на големите градови не претставуваат долгорочно оправдано решение за градските јадра бидејќи на тие локации може да им се даде многу поквалитетна функција, а евентуалната идна пренамена за други функции (деловна, трговска) е проблематична. Подземните катни гаражи се значително поскапи (ободните ѕидови, хидроизолација, вентилирање, заштита од пожар), но имаат долгорочно економско и функционално оправдување, пред сè затоа што не зафаќаат квалитетно градежно земјиште (кое посебно во централните градски јадра се наменува за други, поатрактивни комерцијални функции и содржини) и не го пореметуваат урбаното ткиво (се градат под плоштади, паркови, јавни површини). "Компактните" паркиралишта (надземни или подземни) се модуларни просторни системи (слични на палетните складишта) кај кои возилата се паркираат или повикуваат компјутерски (со оператор или кодирана електронска картичка), без учество на возачот. Тие се најскапи (подвижни делови, редуктори, хидраулика, електроника), но просторно најекономични. 
fakom_parking_2.jpg
Привремените паркиралишта се градат, најчесто, како привремени објекти, таму каде што ќе се оцени дека за тоа има потреба, а урбанистички предвидената намена на таа локација не може, од кои било причини, да се реализира во периодот кога таа локација би се користела како паркиралиште, или која во моментот се користи како отворено паркиралиште, но нема доволен капацитет. Познатите привремени паркиралишта претставуваат челични монтажно-демонтажни модуларни еднокатни конструкции со кои се удвојува расположивиот паркинг простор. Производителите на ваквите системи наведуваат дека нивната основна предност е што по истекот на предвидениот период на користење можат да се демонтираат и повторно да се монтираат на друга локација. Монтажата со примена на стандардизирани челични елементи и унифицирани монтажни врски, по правило, е брза и едноставна. Се проценува дека досега, само во земјите на Европската Унија (но и во Србија, Црна Гора и во Хрватска), се изградени повеќе стотици вакви паркиралишта со капацитет од 50 до преку 1500 паркинг места, најчесто во близина на трговски цетри, болници, аеродроми итн, со вкупен капацитет кој се оценува на преку 180.000 паркинг места.



ФАКОМ модуларни монтажно- демонтажни паркиралишта

Основната причина ФАКОМ АД Скопје да развие свој сопствен систем на модуларни монтажно-демонтажни паркиралишта, покрај неспорната и сè поизразена потреба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко, е фактот што најголем број од постоечките системи не се типично монтажно-демонтажни. Имено, кај овие системи подните плочи не можат да се "демонтираат" бидејќи се изработуваат како спрегнати, од профилирани челични лимови со конектори (чепови) заварени за главните и секундарните носачи, арматурни мрежи и бетон вграден на самото место, врз кои се изработува класична хидроизолација и слој од асфалт. За повторна изградба на нова локација, покрај неопходните поправки на челичната конструкција, треба да се изработи нова подна плоча со хидроизолација и асфалт, чии трошоци може да достигнат 50 отсто од вкупните трошоци за комплетно ново паркиралиште. ФАКОМ модуларните монтажно-демонтажни паркиралишта го немаат овој проблем. Подните плочи се готови панели изработени од тенки челични ленти (скара), експандирана алу-пена (Аl-foam) или ортотропни панели (ОТП), целосно монтажни и демонтажни. Можат да се издвојат неколку суштински предности на ваквиот пристап:
Неограничена и повеќекратна употреба според системот "монтирај-користи- демонтирај-повторно монтирај-повторно користи на друга локација", без никаква поправка или доработка и без никакви дополнителни трошоци освен трошоците за демонтажа и повторна монтажа;

Максимална стандардизираност на елементите (греди, столбови, спрегови, сите монтажни врски) изработени со висока прецизност на најсовремени CNC машини што овозможува неограничена изменливост на носечките елементи во рамките на една иста или различна локација;

Максимална приспособливост на габаритите и диспозиционото решение на новата локација, без оглед на габаритите и диспозиционото решение на претходната локација. Можат да се користат елементи од повеќе паркиралишта за изградба на едно ново, или обратно, а невградените елементи да се складираат за идни потреби;

Значително поекономична потпорна челична конструкција (греди, столбови, спрегови), како резултат на смалената тежина на подната конструкција од монтажни панели;

Не е потребна хидроизолација. За панелите од алуминиумска пена и ОТП панелите горната (нагазна) површина може да биде завршна, а за панелите од челични скари не е потребно одводнување, нема лизгање, нема заледување и нема потреба од чистење на снег во зимски услови.



Функционален концепт

Функционалниот концепт на ФАКОМ модуларните монтажно-демонтажни паркиралишта се базира на минималната зафатнина на единечно место за паркирање (Слика 1.) и потребната широчина на внатрешната комуникација во паркиралиштето (Слика 2.) за двонасочно движење на возилата, преземени од меѓународните стандарди и други типови модуларни паркиралишта:
fakom_parking_3.jpg
Во најголем број познати системи на привремени паркиралишта е усвоен распоред на паркирање со влезен агол од 90° и квадратна модуларна диспозиција на потпорна конструкција од 5,00/5,00m. Според германски извори, полната широчина на место за гаражно паркирање со целосно отворена една врата на возилото изнесува 2,50m за VW Golf, 2,60m за Audi A4 и 2,80m за Mercedes S класа. За ФАКОМ модуларните монтажно-демонтажни паркиралишта е избран единствен модул 5,25/5,25m. Тој обезбедува нешто поширока комуникација (5,75m), поповолна ефективна широчина на рампите (5,0m) и за 12,5cm поголема широчина на секое паркинг место.

Алтернативни решенија

ФАКОМ модуларните монтажно-демонтажни паркиралишта се развиени во два основни алтернативни под-системи:

Со класични пристапни рампи, наменети за локации со соодветни габаритни димензии и, генерално, за поголем број паркинг места. Корисниците сами ги паркираат своите возила со задолжителен пристап до наплатен пункт со оператор или со читач на електронски претплатни паркинг картички.

Со лифтовски сегменти (без пристапни рампи), наменети за локации со барем една ограничена габаритна димензија и, генерално, за помал број паркинг места. Возилото, по регистрацијата со електронски картички на наплатниот пункт пристапува на платформата на лифтот (опремена со плитки безбедносни бариери – фиксни на страниците и ротирачки на предната и задната страна) која автоматски ги затвора двете ротирачки бариери, го подига возилото на горното ниво и ја спушта предната бариера отворајќи го патот до местата за паркирање. Предвидени се два лифтовски сегменти – еден за подигнување и еден за спуштање.

Конструктивен концепт

ФАКОМ системот на модуларни монтажно- демонтажни паркиралишта се состои од неколку основни сегменти. Ќе бидат прикажани сегментите со модули 5,25/5,25m.

Подни панели – се изработуваат во неколку варијанти: готови панели изработени од тенки челични ленти (скара), слични на индустриските газишта; готови подни панели ОТП (ортотропна плоча) и готови панели од експандирана Аlu-пена. Панелите се целосно монтажни и демонтажни. Во варијантите со "скара" и Аlu-пена димензиите на панелите се 1050/1750mm (проста греда), а кај ОТП 5250/1750mm (континуирана греда преку три полиња). Сите врски на панелите за секундарните и главните носачите се изведуваат со сигурносни направи. Врските меѓу панелите се предвидени како фиксни, со што се обезбедува нивно содејство во приемот на натоварувањата, интегритет на подната конструкција и се спречува нивното независно диференцијално деформирање.

Подни секундарни и главни носачи – се изработуваат како заварени или од топловалани профили. Сите врски на секундарните за главните носачи и на главните носачи за столбовите се изведени со "чешел" за навлекување. Сите столбови имаат ист пресек од цевкаст квадратен профил, со идентични поврзни плочи на сите четири страни за приклучување на главните носачи и/ или одбојната и пешачката ограда. Во зависност од диспозиционото решение, се додаваат приклучни елементи за хоризонталните и вертикалните спрегови. Распоредот на вертикални и хоризонтални спрегови во диспозиционото решение зависи од комуникациите на долното ниво, а проектирани се да примат натоварувања од девет соседни модули (од кои најмногу шест "полни" – натоварени со возила). За притегање на вертикалните спрегови предвидени се "меро" завртки, а за притегање на хоризонталните спрегови – "шпан" завртки (turnbuckles).

Одбојна и пешачка ограда и скали

Оградата се состои од вертикални "С" столбчиња поставени во третини од распонот на модулот (1750mm) и елементи на одбојна ограда и едноставна пешачка ограда од кружни цевки. Скалите се стандардни, со конзолен пропуст, кои на долниот крај се анкеруваат во мал бетонски подест кој служи и за евентуално приспособување со котата на долната (асфалтирана) површина на паркиралиштето. Подестот и скалниците се, во сите варијанти, подни панели од типот "скара". Пристапната рампа ги содржи истите основни елементи како и носечката конструкција на паркиралиштето. Без оглед на типот на подните панели усвоен за подната конструкција. Рампата се состои од вкупно 8 сегменти. Најниските два сегменти (со вртлив дел за приспособување на котата на долната површина – асфалтот) претставуваат конструкција со променлива височина со нагазна површина од ребраст лим, а на преостанатата должина се предвидени подни панели од типот "скара". За да се избегнат оштетувањата од удар (гребење) на браниците, спојлерот или каросеријата под возилото со рампата или асфалтната површина, особено кај возила со нископрофилни или недоволно напумпани гуми, или во случај aко се претоварени, е предвидена рампа со преполовен наклон на првата и последната осмина од должината. 

fakom_parking_4.jpg

Внимателниот читател веднаш ќе ја уочи разликата во димензиите на единично паркинг место и широчина на комуникацијата меѓу основниот систем на ФАКОМ монтажно- демонтажните паркиралишта (модули 5,25/5,25m) и MK системот приспособен на одредбите на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Сл.весник на РМ бр.78/2006 (модули 5,80/5,80m и 5,80/7,20m). Без намера да се дебатира за оправданоста на овие одредби, сепак треба да се потсети дека на пр. познатите производители на катни гаражи и паркиралишта (Corus, Arcelor Mital, FastPark, Intrapark, Reidsteel и др) применуваат паркинг места со димензии 2,50/5,0m или дури 2,30/5,0m со двонасочна комуникација соодветно 5,50m и 6,50m. Во текот на 2009 год, извршивме мерења на вкупно 13 отворени паркиралишта во Скопје. Одредбите на правилникот се задоволени само на две паркиралишта. Може да се заклучи дека Проектот за подни панели од експандирана алуминиумска пена (Al-foam) е сè уште во развојна фаза. Присутни се одредени дилеми, пред сè, во однос на нивното индустриско производство, кои имаат директно влијание на нивната (барем засега) неконкурентна цена споредена со цените на другите варијанти ("скара" и ортотропна плоча).



(проф. д-р Тихомир Николовски е советник за развој во ФАКОМ А.Д., Борис Тасевски е градежен инженер, дизајнер во ФАКОМ А.Д.)




Испрати коментар

Scroll To Top