Творецот на научнофантастичната сага „Ѕвездени војни“, Џорџ Лукас, донел одлука во Лос Анџелес да изгради Музеј на наративната уметност, кој ќе чини околу милијарда американски долари, објави на својата интернет страница музејот кој ќе биде сместен во Изложбениот парк.
Во музејот ќе биде изложена колекцијата на режисерот од уметнички дела, збирка цртежи, илустрации и дигитални работи, како и предмети од снимањата на неговите филмови, особено од серијалот „Ѕвездени војни“, а ќе биде претставена и историјата и еволуцијата на визуелните ефекти во филмската индустрија. Проектот речиси целосно ќе го финансира самиот Џорџ Лукас.
„Верувам во визијата на музејот на Лукас, бидејќи заедно го минавме целиот проект. Лос Анџелес е идеалното место за таков простор“, изјави градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Карчети.
Градоначалникот е задовеолен и поради тоа што благодарејќи на музејот ќе се отворат илјадници работни места, и поради тоа што ќе привлекува бројни туристи да дојдат и да го видат оригиналот на костумот на Дарт Ведер, изложен крај делата на великаните на ликовната уметност како Норман Роквел, Едгар Дега или Пјер-Огист Реноар.
Изградбата на музејот првично е планирана во Чикаго, но од тој план се откажале поради законски проблеми со фондацијата којашто управува со земјиштето а се противела на проектот на Лукас.
Местото на коешто ќе се гради музејот, Изложбениот парк е сместен во близина Универзитетот Јужна Каролина каде што Џорџ Лукас студирал филмска уметност и ги запознал своите идни соработници и колеги, меѓу кои и Стивен Спилберг.