Џо Бајден, веднаш по стапувањето на должност како 46-ти американски претседател, потпиша извршна уредба со која го започна процесот на враќање на САД во Парискиот климатски договор, со што отповика еден од клучните потези на неговиот претходник Трамп. САД ќе се вратат во рамките на договорот за 30 дена. Ова е важен потег бидејќи САД и натаму е најголем поединечен емитер на стакленички гасови на светот. Кина најави климатска неутралност до 2060 година.
CNN јавува дека тимот на Бајден не е склон кон поставување на нова цел за намалување на американските емисии, туку се очекува дека ќе влезе во разговори со Конгресот, бизнис заедницата, гувернерите и градоначалниците, и дека пред климатскиот самит во Глазгов во ноември, ќе предложи национална цел за намалување на емисиите до 2030 година. Во текот на својата кампања, Бајден се залагаше за „нето нула“ емисии до 2050 година, но се смета дека една ваква цел е прилично агресивна и тешко достижна. Проценките велат дека минатата година американските емисии паднале за 10%, што е највеќе од Втората светска војна, но тоа исклучиво е последица од епидемијата.
“Кај меѓународната заедница постои многу скептицизам во поглед на конзистентноста на американската климатска политика“, рекол за CNN, David Levai, соработник во независниот Институт за одржлив развој и меѓународни односи. „Иако тоа не претставува законска обврска која произлегува од Парискиот договор, администрацијата на Бајден ќе мора да ги увери сите земји од договорот дека САД во целост се посветени на одредено сценарио на намалување на емисиите“, додал Levai. Во 2019 година, ОН предупредија дека постигнувањето на глобалната цел за задржување на температурниот раст на нивото под 1,5°C, во периодот од 2020 до 2030 глобалните емисии секоја година треба да паѓаат за 7,6%. Се разбира, тоа не е случај, емисиите и натаму растат, а минатите шест години се најтопли откако постојат мерења. На првиот ден во својот претседателски кабинет, Бајден исто така потпишал и уредба со која се бара ревизија на сите Трампови одлуки со кои ги олабавил мерките за заштита на животната средина, уредба со која се отповикува дозволата за нафтоводот Keystone од Канада, како и уредба со која се воведува мораториум на истражувањата на нафта и гас во подрачјето на Арктикот.