Најстариот христијански манастир „Свети Илија“ во Ирак е претворен во урантини, со што стана уште една жртва на припадниците на екстремистичката организација Исламска држава, кои уништуваат светско културно наследство.
Речиси 1.400 години манастирот „Свети Илија“, кој е подигнат во 6 век и се наоѓа недалеку од Мосул, им се спротивставуваше на природните непогоди и претставуваше свето место во кое монасите и луѓето се молеле со векови, пренесе АП.
Манастирот во Мосул, наречен „Даир Мар Илија“, го носи името на асирискиот христијански монах, кој го изградил меѓу 582 и 590 година. Со векови манастирот бил местото за поклонение на ирачките христијани, кои се дел од блискоисточната халдејска заедница.
На влезот во манастирот се наоѓаат врежани грчки букви хи и ро (X i P), кои ги претставуваат првите две букви од Христовото име.
Пред да биде урнат, манастирот се простирал на 27.000 квадратни метри и иако му недостасувал кров во голема мерка, имал 26 простории, вклучувајќи и светилиште и капела.
Манастирот во последните години во религиски цели го користеле американските војници, а во рацете на Исламската држава паднал во јуни 2014 година. Иако дури сега е откриено дека манастирот е урнат, тоа најверојатно се случило во август или септември 2014 година, набрзо по паѓањето на оваа територија во рацете на Исламската држава.