Кувајтското биро Babnimnim Design Studio проектирало геометриска џамија во градот Кувајт која ги комбинира класичните исламски мотиви со современи форми.
Сместена во резиденцијалната четврт Al-Masayel во Кувајт, џамијата Mamluki Lancet поставена е во пет ротирани и наредени една врз друга квадратни форми кои на врвот завршуваат со половина купола.
„Џамијата Mamluki Lancet, Adlah Mohammed Abdulrahman AlBahar, е почит на богатото наследство на исламската архитектура, истовремено прифаќајќи ги принципите на современиот дизајн“, велат од бирото за Dezeen и додаваат: „Складно ги интегрира традиционалните елементи со модерни интерпретации, нудејќи духовно светилиште кое одекнува и меѓу верниците и локалната заедница“.
Екстериерот е проектиран да ја одрази посовремената архитектура на неодамна изграденото соседство, заедно со традиционални исламски мотиви.
Низа полукуполи се искачуваат по зградата и служат како светларници кон просториите долу, додека голема заоблена влезна врата ги пречекува верниците во просторот.
Главниот молитвен простор во џамијата за 600 луѓе, заедно со помалиот простор за молитва за жени, сместени се во пет високи кубични волумени, кои се асоцијација на петте дневни молитви на муслиманите.
Во внатрешноста на џамијата, фрази од Куранот во стилот на Thuluth ги украсуваат ѕидовите, а природна светлина влегува низ празнините помеѓу ротирачките волумени.
Додека долниот квадрат се усогласува со киблата – Каба во Мека – горниот волумен е проектиран да се израмни со зградите што ја опкружуваат локацијата.
Поврзано со главниот ротирачки волумен, додавањето на неколку ѕидови под прав агол и дава на зградата изглед на исламска ѕвезда кога се гледа одозгора.
Еден од овие додатоци го содржи страничниот влез за мажи, додека друг служи како женски влез.
Третиот го опфаќа тенкото минаре високо 39 метри.
Архитектите користеле исечоци од лак за да ја разубават фасадата, врамувајќи ги прозорците и структурните елементи, како почит на естетиката на класичните Mamluki Mosques.
На предниот дел на џамијата, влезот во главниот простор е голема дрвена врата што ја отсликува формата на полукуполата на врвот на објектот.
Бирото користело обложување со камен и малтерисување за да создадат пригушен, но автентичен приказ, како „повторно осмислени интерпретации од класичната ера на Mamluki“.
Палетата на бои се одликува со студени сиви и бели тонови, надополнети со суптилни месинг акценти, врежана куранска калиграфија и изработени метални делови.