Тајландското дизајнерско студио Onion е креатор на приватна викенд-куќа сместена на плажата Cha-am во Тајланд. Главното барање на клиентот е да имаат куќа во која искуството ќе се базира на движење и игра во просторот. Предводени од таа идеја, дека семејството што игра заедно е поблиско и инспирирани од цртаниот филм Том и Џери, архитектите создаваат дом кој ќе претставува еден вид игралиште.
Просториите меѓусебно се поврзани со систем од скалила, потоа има главен хол кој има висина од три ката и подови кои се изработени од испреплетени мрежи со цел да се создаде лебдечко искуство на пет различни нивоа.
Во склоп на куќата се наоѓаат тунели чијашто големина е проектирана само за децата и тие ги поврзуваат детските соби меѓусебно. Заедничкиот простор е во бела боја, додека приватните соби се во јаки бои.
Со ваквиот дизајн на ентериерот, семејството се охрабрува да трча, да се искачува, да игра заедно, со што се создава чувство на блискост помеѓу нив и искуство кое децата ќе го паметат.