Насловна / Вести / Двете вистини за рудникот Иловица – Штука

Двете вистини за рудникот Иловица – Штука

ЕКОЛОГИЈА ИЛИ ЕКОНОМИЈА

Векови наназад ваква дилема не постоеше. Екологијата беше нешто апстрактно и небитно. Индустриските револуции низ цел свет беа многу силни и немилосрдни. Рударските и преработувачки комплекси ги беа окупирале немилосрдно поголемите и особено помалите градови и тоа беше едноставно нормално. Тоа беше случај и со нашето поднебје. Ги паметиме големите „успеси“ во развој на индустриските и рударски центри низ бившата ни држава од Јесенице, Сисак, Зеница, Тузла, Бор, Никшиќ, и кај нас Пробиштип, Велес, Кавадарци… Еколошката свест и потреба од спречување на фрапантниот раст на загаденоста и феноменот на стаклената градина, кон крајот на минатиот век драматично ја промени еколошката свест, особено кај големите невладини екоорганизации, кои успеаја да ја наметнат екологијата како НАЈВАЖНА РАБОТА ЗА ОПСТАНОК НА ЧОВЕШТВОТО.

Но како до развој на економијата ако еднострано заклучиме – екологија по секоја, па понекогаш и по неразумно висока цена. Македонија е сиромашна земја, во која рударството отсекогаш било ресурс со солиден потенцијал, особено во југоисточниот дел. Без тоа поедини региони би биле едноставно без шанса за опстојување. Во последните десетина години се отвори една голема дилема. Што со можноста во регионите на Гевгелија, Валандово, Струмица како земјоделски, да се активираат можните и надежни рударски и преработувачки капацитети за експлоатација на бакар, злато… Државата во старт тоа го дозволи, големите зафати почнаа со засилено темпо. Сепак под силен притисок на екологистите и јавноста, Гевгелија и Валандово преку референдум тоа не го дозволија. Судските постапки продолжуваат…

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Сепак најголемиот зафат е рудникот Иловица – Штука. Долгогодишните инвестирања на канадската корпорација „Еуромакс Рисорсис“  на падините на Огражден, дојдоа до прилично големи наоѓалишта на бакар и злато и надежи за значаен бизнис и развој на Струмичкиот Регион и голем бенефит за државата со 30-годишната концесија, потпишана во 2016 година. Екологистите, јавноста, а помалку и нашите познати партиски игри, ја доведоа ситуацијата до вриење. Дилемите се прилично големи. Дали екологија по секоја цена, ќе значи дека нема да може да ги користиме бенефитите што природата ни ги дала во длабочината на земјата и колку е тоа реално опасно влијание на еколошки чистата Струмичка Котлина во реонот на Општина Босилово.

Untitled-1_resize

Во денешниот брз развој на светските преработувачки технологии, екологијата  сè повеќе ја има примарната улога. Дали во овој случај е постигнато сè, за спречување на негативните последици врз природната околина. Дали е можен компромис. Сиромашијата, иселувањето е сè поприсутно. Од земјоделие очигледно тешко се живее. И да не заборавиме накрај следуваат и судки одлуки од меѓународни судови кои се немилосрдни. Колку сме ние во овој случај реално можни, големи губитници. Можеби сепак постои компромис. Паролата  „народот е во право, па дури и кога греши“  е опасна работа. Затоа постои науката па и државата која треба да ја преземе својата одговорност пред да биде доцна. Цената на крај ќе ја плати народот, па дури и да е во „право“.

Автор: Љупчо Атанасовски, дипл. инж. арх.

Ilovica6_resize

Различни ставови и барања 

Рудникот за злато и бакар Иловица – Штука сè уште е актуелен со сите правни и еколошки проблеми. Екологистите се против отворање на рудникот, додека концесионерот „Еуромакс Ресурси“ тврди дека се развива согласно најновите законски измени – без цијанид и сулфурна киселина. И тука се кршат копјата и трае неизвесноста.

ЕКОЛОГИЈА  – „Здрава котлина“

Активистите од Непрофитното граѓанско здружение „Здрава котлина“, кои се против изградбата на рудникот Иловица – Штука, бараат објаснување од државата зошто сè уште ја нема обжалено пресудата на Управниот суд во врска со рудникот. Со неа, се поништува решението на Второстепената комисија за одлуката на Министерството за економија за одбивање издавање на дозвола за експлоатација на концесионерот „Еуромакс Ресурси“. Тие се сомневаат дека никој досега не направил жалба, ниту пак планира да достави жалба до Виш управен суд.“

protest-strumica1_resize

„Наводно причината за ова е непотврдена инфомација дека „Еуромакс Ресурси“ се жалеле на таа пресуда (која е во нивна корист) и поради тоа повторно ќе се суди случајот од почеток. Ваква информација е тешко да се разбере зашто никако не држи вода. Едноставно нема никаква логика.

Нашите правници со кои се консултиравме изразија изненадување и сомнеж дека работите не се чисти по повеќе основи“, велат од „Здрава котлина“ на социјалните мрежи.

Прво, додаваат од „Здрава котлина“, доколку државата не поднесе жалба тогаш излегува дека се согласува со пресудата на Управниот суд и следствено признава дека погрешила. А, сите ги знаеме фактите дека ова не е така. Второ, доколку државата не поднесе жалба и чека поради наводно вложената жалба на „Еуромакс Ресурси“ да се суди повторно, тогаш може непријатно да се изненади ако „Еуромакс Ресурси“ ја повлече жалбата на рочиштето, а поради истечен рок за жалба државата да биде насанкана на тенок мраз бидејќи не се жалела во предвидениот рок. Како мислите да облегнете и да чекате „Еуромакс Ресурси“ да се бори самиот на своја штета? Дали сте сериозни? Трето, нам целото ова ни личи на политичка саботажа или измама кон гласачите или двете во едно, додаваат од „Здрава котлина“.

Ilovica3_resize

Од „Здрава котлина“ ги повикуваат надлежните да ја напишат и поднесат жалбата до Вишиот управен суд во законскиот рок, но и јавно да ја објават преку медиумите. А, додека ја чекаат државата, од „Здрава котлина“ веќе имаат поднесено жалба до Вишиот управен суд. Тие, исто така, нагласуваат дека од Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање имаат добиено одговор на Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер дека до МЖСПП нема стигнато нова или модифицирана Студија за оцена на влијанието врз животната средина без употреба на цијанид и сулфурна киселина.

Оттаму нагласуваат дека се глупости вестите дека државата ќе плаќала пенали, тоа е само блефирање и пуста желба зашто според договорите со кои располагаат и ревидираните финансиски извештаи, „Еуромакс Ресурси“ ја зема концесијата од Фелпс Доџ за 1,5 милиони американски долари и оттогаш вкупно има инвестирано една барака, една табла, неколку милиони за плати на странските директори, еден милион за плати на вработените што постојано се намалуваат, дваесетина милиони за студии, нагласуваат од „Здрава котлина“. „Сумирано ова е далеку, далеку помалку, од сè што трубат за над 50 милиони. Типично за измамници. Не ни верувајте нам, верувајте им на ревидираните финансиски извештаи. Има и други документи кои укажуваат и докажуваат низа кривични дела, но тоа е секундарно зашто наша примарна цел е да се превенира екоцидот во институционална форма“, додаваат оттаму.

Ilovica7_resize

Од горенаведеното, според „Здрава котлина“, произлегува дека Управниот суд во овој случај не ја остварил својата основна функција да работи за благосостојба и заштита на своите граѓани. Ние сме свесни дека проблемот со рудниците има подолга генеза и во него има низа законски прекршувања но сега сме донесени пред свршен чин и сега Вишиот управен суд мора да донесе правда и да го реши проблемот.

ЕКОНОМИЈА – „Еуромакс Ресурси“

Наспроти нив, пак, од „Еуромакс Ресурси“ тврдат дека Иловица – Штука се развива согласно најновите законски измени – без цијанид и сулфурна киселина.

„Одборот на ’Еуромакс Ресурси‘ во декември 2017 година донесе одлука за откажување од користењето на цијанид и сулфурна киселина во процесот на обработка на рудата, за што беа информирани надлежните органи и Владата на Република Македонија, а информирањето на пошироката јавност и локалната заедница во Струмичкиот Регион е процес кој трае. На тој начин само ја потврдуваме посветеноста на компанијата кон заштита на животната средина и здравјето на луѓето и продолжуваме да работиме според највисоките и модерни стандарди од областа на рударската индустрија“, се нагласува во соопштението на веб-страницата на „Еуромакс Ресурси“.

Оттаму велат дека остануваат во постојана комуникација со сите засегнати страни и надлежни институции во насока на понатамошен развој на проектот.

Ilovica8_resize

„Еуромакс Ресурси“ имаа организирано и јавни дебати за жителите на овие општини за да ги запознаат со сите мерки за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица – Штука, како и со економскиот развој што ќе го донесе проектот. На нивната веб-страница во соопштение може да се прочита за ставот на експертите во однос на рудникот Иловица – Штука.

СТАВОТ НА ЕКСПЕРТИТЕ

Во соопштението е наведено дека на една од средбите професорот Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички студии при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, нагласува дека проектот за најголемата гринфилд инвестиција во Македонија од осамостојувањето предвидува обработка на рудата со наједноставен физички процес, флотација, безбеден за животната средина, а потенцираше дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат.

Ilovica9_resize

Исто така, пренесен е и ставот на професорот Љупчо Петковски од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје кој ги објаснува карактеристиките на камено насипната брана, и примената на геотекстилната мембрана што ќе се користи во хидројаловиштето како и стабилноста на насипот.

„Браната е каменонасипна со екран за водонепропустливо тело. Според конструкцијата е една од најстабилните затоа што водата се држи надвор од телото на браната и нема контакт со материјалот во потпорното тело. Кога ќе се исполни таложното езеро, тогаш тоа ќе дејствува како товар што ја стабилизира браната. Ако бараниот коефициент на браните е 1,5, тука е околу 3-4 за узводната косина, а со баластот со јаловишен руднички камен по низводната косина, нејзината стабилност ќе биде поголема од 2. Оваа конвенционална брана со текот на времето ќе стане постабилна споредено со брана за водна акумулација. Јаловишната кал со време ќе се зацврстува, а со тоа ќе се зголемува сигурноста на хидросистемот брана со таложно езеро. Во однос на геомембраната, која е вештачки материјал, направени се анализи околу нејзината трајност и кај експонирани таа се проценува на 100 години, доколку е заштитена трајноста двојно се зголемува, а во случај на длабоко вкопана геомембрана (во овој случај) трајноста се предвидува на 900 години. Дотогаш хидројаловиштето ќе биде рекултивирано, а со оцврснувањето на јаловината во длабочина, по узводната косина на камената брана, во дното на речното корито и во боковите на долината, практично ќе се формира водонепропустлив материјал и воедно ќе нема ниту потреба од постоење на геомембраната. Од секој аспект, статички, филтрационен и сеизмички, ова е сигурна брана“, потенцира професорот Петковски.

Ilovica10_resize

Иловица – Штука ќе биде модерен рудник на можности со вкупна инвестиција од околу 340 милиони евра. Вкупните резерви на руда се проценуваат на околу 230 милиони тони со содржина на околу 70 тони злато и околу  500 тони бакар. Животниот век на рудникот се предвидува на 23 години. Притоа, инвеститорот во наредните 20 години ќе потроши околу 74 милиони евра годишно, додека за даноци годишно ќе се двојат по 24 милиони евра. Од нив три милиони евра ќе се влеваат во локалните општини по основ на концесиски надомест. Со тоа, годишниот буџет на општините, расположлив за инвестиции во инфраструктурата и во развој на општината, ќе се зголеми за 40 отсто во однос на постојниот. Инвеститорот најави дека ќе обезбеди илјада директни вработувања за време на изградбата, а потоа 500 директни вработувања за време на работење на рудникот со приоритет на локалното население. Преку сорaботката со локалните бизниси, рудникот ќе овозможи и околу 2.700 индиректни вработувања. 

КОЈ Е ВО ПРАВО?

Кои се можните финансиски последици по државата од евентуалниот прекин на големата инвестиција ? Кои се можните последици од работењето на рудникот по екологијата на блиската и подалечна регија, за тековниот но и за подалечен временски период.  Да веруваме дека ќе се најде вистинското решение и дека ќе победи здравиот разум и економскиот  интерес за регионот, но и за државата вкупно.

* * *

Деновиве канадската фирма „Мет голд“ објави дека после неколкугодишни геолошки истражувања, утврдила богато наоѓалиште на злато и сребро во реонот на местото Тламино во Јужна Србија, на границата со Македонија и Бугарија. Вкупната вредност на резервите се проценува на околу една милијарда евра, со прилично висок процент на концентрација на злато од три грама и на сребро од 15 грама на еден тон руда!!

 

Испрати коментар

Scroll To Top