Во уводникот на францускиот дневен лист Le Monde, како одговор на повикот на глумицата Жилиет Бинош и астрофизичарот Орелијан Баро, бројни реномирани писатели, фотографи, новинари и научници оценија дека „дојде време да станеме сериозни“. „Преживуваме планетарна катаклизма“, наведуваат потписниците на овој апел повикувајќи се на климатските промени и намалувањето на биодиверзитетот ширум планетата.
„Премногу е доцна за ништо да не се случи, но сеуште не е премногу доцна за да се избегне најлошото. Соочени со најголемиот предизвик во историјата на човештвото, политичките власти треба да делуваат одлучно и веднаш“, пишува во апелот.
Овој апел следува само неколку дена по оставката на францускиот министер за животна средина Николас Ило.
Меѓу потписниците на апелот се Изабела Аџани, Изабел Ипер, Педро Алмодовар, Катрин Денев, Изабела Роселини, Вим Вендерс, писателот Емануел Карер и математичатрот Михаил Громов.