Оваа необична зграда, која ја премостува реката, е успешен пример за тоа како архитектурата може да ги поврзе луѓето.
Некогаш две независни општини на Фарските Острови, спроти бреговите на реката, се споија и станаа една општина под името Ејустур. Потоа, изградена е градска куќа, која служи и како мост, па преку пристапната патека и зелениот кров се стигнува до соседниот брег.
Проектот за градска куќа на Фарските острови го потпишуваат архитекти од прославеното архитектонско биро Хенинг Ларсен, кои биле инспирирани од дизајнот на селските куќи, вклучувајќи елементи како што се облоги од црно дрво и зелени кровови. Градската куќа стана пешачки мост, што е интересен и инженерски и архитектонски потфат.
Зградата од 750 квадратни метри е хибрид од челична конструкција и армиран бетон. Додека подната плоча е направена од бетон, челичниот скелет ја носи зградата и дава дефиниција на фасадата и овозможува употреба на прозорци со голем формат.
Архитектите објасниле дека централната тема на проектот е „традиционална фарска архитектура, како и нејасни граници меѓу природата и зградите, но и фактот дека набљудувачот има потешкотии да согледа каде завршува пејзажот и каде почнува градбата“, пишува Architizer. Од одредени агли, тешко е да се види дали мостот е всушност куќа или дел од предел.
Оваа градска куќа е првата зграда од серијалот што е планирана за идниот развој на општината. Таа има за цел да го врати јавниот живот и да ја ревитализира локалната заедница. Куќата е изградена да служи на област што вклучува пет населени места со над две илјади жители.
Еднокатната зграда содржи канцелариски простор за вработените во општината од едната страна, додека просториите за прием и состаноци се организирани од другата страна.
Терасите, кровот, како и просториите за галерии се достапни на јавноста со цел собирање на заедницата. На тој начин, во оваа куќа, луѓето можат да се дружат, да организираат изложби и излети.
Ентериерот е дизајниран така што погледот кон надворешноста е во преден план. Така, покрај големите стаклени sидови, кои нудат одличен поглед на околината, на подот е направен и кружен стаклен прозорец свртен кон реката.