Насловна / Вести / Две летни скици: Урбаните парадокси како метавистина

Две летни скици: Урбаните парадокси како метавистина

Дали некогаш сте се обиделе еден ист збор повторно и повторно, до бесвест да го изговарате? Сигурен сум во тоа, макар го правеле несвесно, како што е она целодневно премотување на некој стих за кој не сте сигурни од каде тоа утро во вашата глава. Сè до оној момент кога врските меѓу него и односните поими не почнат да се кинат, а зборовите се разлеат во низа од случајни тонови со вкус на тиња. Овој психолошки феномен, познат како вербално заситување, е само еден од факторите што професионалната страст можат да ја претворат во професионална дисплазија, ослободена дури и од желбата врвот на носот да се издигне над сеприсутната просечност.

01

Разлевање

Поимите не се, како влажните шамивчиња, за еднократна употреба, па сепак треба да се биде внимателен при нивното користење. Пречестото превртување околу јазикот, притискање со непцата, испукување и одбивање од ѕидовите може да ги врати во прилично непрепознатлива форма. Особено оние што се симбиотички покров за интердисциплинарните гужви од законитости, акции, влијанија, односи, реакции, процеси, рефлексии, индикации и контраиндикации, функционалности, концепти и потреби. Поими како екологија, урбан сообраќај или урбанизам…

Урбанистичките плодови на македонската транзиција се горчливи во мерка која ми забранува илузија дека зборовите што следат можат да помогнат во прескокнувањето на видливите и невидливите тараби. За ова немам подобро објаснување од отсуството на она што би можело да се нарече Дух на традицијата, како капиларна брана од разорните влијанија кои третирањето на градскиот простор го претвораат во дупка на ѓеврекот – празна суштина опкружена со полна форма.02-gjevrek

Ѓеврек

Само заради претходното, авторот сака да изрони од бизарните домашни текови и надмудрувања со црните бисери на новокомпонираните стратегии. Во обид да ја зголеми питкоста на летната тема во нелојалната годишноодморска конкуренција, неговото внимание конвергира кон општата есеистика извлечена од урбанистичките сенки и осои.03-senki-i-osoi

Сенки и осои

Km2 vs жител

            Од оксиморонот и иронијата, парадоксот се разликува по тоа што неговите поими не се противречни, туку повеќе нескладни. Таквата природа од парадоксите прави сознајни клетки кои не мора да почнат да се размножуваат како амеби. Доволно е да се носители на бацил на интригантност, кој може да придвижи дедукциска реакција. Нешто како трепетот на крилјата на онаа пеперутка, што на другиот крај од земјината топка се претвора во ураган.

Густо изградените градски зони се пополезни за глобалната клима отколку што се тоа пространите, растресити резиденцијални предградија.

Ако во овој парадокс не согледувате доволно количество интригантност, тогаш сте или залутани од друга планета или штотуку ве одмрзнале. Во обата случаи, слободно престанете со читање. Овој парадокс е, секако, благопријатна вест за брзорастечката урбана популација соочена со еколошки перспективи кои попрво би ги турнала под тепих и заборавила.

04-gusto-izgradena-zonaa

Густо изградена зона

Доколку покачувањето на површината и густината на градските зони повлече мешовитост на содржините и функциите, тоа директно и позитивно се рефлектира врз некои еколошки чинители: транспортот, продуктивноста, економскиот потенцијал, технологијата на изградба и користење на иновациите. Ова сознание интубирано во концентричните кругови и каскади на професионалните лексики би значело за:

ü    Планерот: густината, мешовитоста и изборот на содржините ги прават тие зони погодни за кратки патувања пеш или со велосипед, а транзитниот јавен превоз лесно може да се справи со подолгите, од-крај-до-крај патувачки марш-рути. На овој начин, моторните возила како современи еколошки авети се губат во трет план;

ü    Екологот: топлотната апсорпција на темните асфалтни површини и објекти, генерацијата на отпад и загадувачки супстанци и намалената регулациска моќ на урбаното зеленило, се концентирани во густо изградените зони правејќи ги еколошки непријателски по километар квадратен. Но, високиот процент на населеност ги „лизга“ овие показатели кога ќе се прераспределат по глава на жител, чинејќи ги потполно еколошки конкурентни во однос на повеќето eco-friendly предградија;

ü    Економистот: преголемиот диверзитет во изграденост, населеност и економска моќ, метриката „по глава на жител“ ја прави попривлечна од онаа „по површина простор“. Таа метрика покажува дека градовите се поефикасни во категориите: ангажирано земјиште, изградба/одржување на инфраструктура, регулирање на ентериерната температура, комуникации, транспорт и продуктивност. Ќе звучи нелогично, но екстерналиите на оваа констелација често пати се поскромни во однос на оние на резиденцијалните предградија.

ü    Граѓанинот: предградијата се „зелени“ по квадратен километар, но не и по глава на жител.

Ова овозможува дедукциско подесување на парадоксалниот ракурс, односно негово мало приспособување за да остане ист: густо изградените градски зони имаат поголемо негативно влијание на локалната клима одошто градските предградија, а помало на глобалната.Anonymous crowd of people walking on city street

Градска гужва

Neverland парадокс

Кобниот πάθος (pathos – болка) на современите градови е содржан во еден λόγος (logos – збор) – (неконтролиран) пораст, за кој не постои сезона или агрегатна состојба. Патологизираната акумулација на градски градежен фонд побарува експлоатирање на некои бронхијални аспекти, кои грижата за животната средина ја подредуваат на ниво на зона. А тука веќе помеѓу глобалниот поим мобилност (‘што повеќе возила за што покусо време’) и локалниот пристапност (‘што повеќе луѓе што поблиску до целта на патувањето’) стои куп од скршени копја. Ќе се вратам на ова…

Благонаклоноста што го стимулира градежниот стопански сегмент знае во пракса да се материјализира во укрупнети, густо изградени квартовски структури. Притоа, урбанистичките матрици не мора воопшто да се пријателски настроени кон страничните струења, чие пенетрирање кон внатрешноста на структурите, било поради габаритните градби, било поради скромната инфраструктура, може да биде значително отежнато па дури и оневозможено (ова првенствено за моторниот сообраќај, иако лакомите супраструктуризации на старите урбанистички матрици не покажуваат милост ниту кон велосипедските и пешачките движења!). 06-tesen-koridor

Тесен коридор

На овој начин, тежиштето на зонската мобилност паѓа на чистите периметрални движења чие регулирање се одвива на ниво на примарната улична мрежа и површинските крстосници со голема зафатнина. Но, зарем тие не се најголемите жаришта на стакленички гасови и загадувачи во транспортниот сектор…?!? Онаа глобална мобилност и онаа локална пристапност тука ги спојува и двои уште еден парадокс: она што (може да) ú штети на мобилноста (може да) ú погодува на пристапноста и локалната заштита на животната средина.

Површинските крстосници и крстосничиња со своите „леви вртења“ се најголемиот крволок на сообраќајно-инженерскиот идеал на мазни и непопречени токови, па тие фамозни „вртења“ обично се посакувани како мобилен телефон во опера. Меѓутоа, левите вртења долж квартовскиот периметар обезбедуваат повеќе точки за продор во зоната, скратувајќи ги времињата на патување, поместувајќи ги возилата во режим на пониска брзина, кратејќи ја потрошувачката на гориво и емисијата на штетни издувни материи.07-mobilnost

Мобилност

Продорните точки, кои треба да се претставка на стандардизирани квартовски коридори, повлекуваат уредени трансферзални или лонгитудинални површини како квартовски основ на мрежата од пешачки и велосипедски комуникации. На овој начин конективноста и нејзината сестра близначка блискоста добиваат на значење во однос на транзитните движења, пристапноста во однос на мобилноста, а комуникациската непосредност во однос на магистралната директивност. И тука овој логички круг се затвора.

Апсурдни рефлексии

Пристапната ограниченост и збунетост ги задржува возилата на периметралните примарни сообраќајници подолго отколку што добриот вкус налага, обезбедувајќи алиби за бригадирско диспонирање на транзитниот сообраќај. Пиедесталскиот третман на мобилноста условува автоматизација на транспортната политика во делот на уличното и крстосничкото проширување. Доминацијата на дополнителните ленти за растоварување на примарните сообраќајници наспроти изградбата на секундарни комуникации, особено кај прекините во квартовската инфраструктурна мрежа, не значи дека поседува и доминантна полезност.08-zatvoren-blok

Затворен блок

Отсуството на можност/волја пообемно инфраструктурно да се интервенира во случаите на наследени урбанистички матрици, дел од квартовските улични мрежи може да ги „забетонира“ на ниво на атрофирани или слепи „станбени“ и „пристапни“ улици. Капацитетот кај ваквите улични мрежи неконтролирано ретерира во насока кон капиларните завршетоци, а истиот, во комбинација со планерски неквалитетно „одработениот“ стационарен сообраќај, може да прерасне во темпирана бомба за локалното население (непроточниот пристап е дополнително непроточен за интервентните возила, а брзата евакуација е само втор чин од истата приказна во обратна насока)!09

Шема на Помпеа

Обезбедувањето на периметрални продорни точки и комплетирање на квартовски улични мрежи, по можност во решеткаст манир, лесно може да го уедначи па и зголеми уличниот капацитет и да ги намали времињата на патување при речиси истоветна улична должина. Во комбинација со соодветно ниво на содржински диверзитет и дисперзија, може да има силно дијазепамско влијание врз навиката за автоматско седнување во автомобилот и за најкусото зонско движење.10

Решетка vs гранка

*

Загледувањето, премерувањето и прераспределувањето на гужвата од урбани „епрувети“ и „реторти“ наликува повеќе на вечно алхемичарство отколку на приближување кон сонуваната панацеја. Заводливоста на инженерското бавење со градовите, веројатно од тука и потекнува. Тој конфузен и несоборлив дуалитет на разум и страст, рационалност и хаотичност, што го зрачат урбаните средини, го наведуваат инженерот понекогаш да ја промаши целната и да се симне од планерско-проектниот „автобус“ две станици подолу. Но тука не смее да биде крајот на она бавење бидејќи ниту градовите, ниту инженерите кои за нив се грижат, не функционираат на почетокот и на крајот од приказната, туку во она помеѓу. Таму можеби не се крие нивната цел, но тоа е дефинитвно нивната суштина.11-epruveti-i-retorti

Епрувети и реторти

Испрати коментар

Scroll To Top