Утре (10 декември) во Националната галерија на Македонија, во 19 часот, во објектот Мала станица ќе се отвори изложба на Благоја Маневски и Јован Шумковски со наслов „Две изложби, а еден настан“.
Благоја Маневски и Јован Шумковски се клучни имиња во генерирањето на македонската современа сцена. Тие се претставници на генерација творци што ги почнаа своите активности од средината на осумдесетите и во крајот на таа и во наредната деценија извршија поместувања и осовременувања на визуелниот уметнички израз на национално ниво. Нивниот „револуционерен“ подвиг кој се прелеваше и низ содржинско-концепцискиот дискурс и низ техничко-технолошките иновации на добата е причина за насоките што ги следеа понатаму и идните уметници во оформувањето на македонскиот ликовен паноптикум. Тие се денес главна алка во едукативниот систем (како професори на Факултетот за ликовни уметности) и во моделирањето на профилот на идните творци.
Иако како изразност многу различни, сепак честопати изложуваат заедно, секогаш носејќи го духот на времето и актуелноста. Проектот „Две изложби, а еден настан“ е за едниот (Шумковски) навраќања наназад со неизложувани дела преку циклусот „Блиско минато и една антиципација“, а за другиот (Маневски) синестезија со нови дела чија аналогија може да се најде во поранешни идеи, концепти и дела, преку циклусот „Без наслов!?…“ .
Проектот сам по себе е своевидно нурнување назад со цел да се даде една нова звучност и рецентност денес и сега. Проектот на Шумковски и Маневски е интересен преплет на некогаш и сега во нивните индивидуални развојни линии, но и на некогаш и сега во еден поширок општествен контекст.
Куратор на проектот е Ана Франговска. Изложбата ќе биде поставена до 25.12.2015 година.