Два предложени проекти на Македонија за гасно енергетско поврзување со земјите од Централна и Југоисточна Европа се вградени во регионалната иницијатива CESEC.
За иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC) денеска во Дубровник е потпишан Меморандум за разбирање за заеднички пристап за решавање на диверзификацијата на природниот гас и предизвиците на безбедноста на снабдување.
– Македонските проекти поради својата специфична географска близина се опфатени во CESEC како заеднички проект со регионален концепт и тоа Македонија интерконектор Бугарија/Грција, појасни на прес-конференција министерот за економија Беким Незири.
Македонија моментно користи природен гас преку единствената интерконекција со Бугарија во близина на Крива Паланка. – Со оваа иницијатива во која се вклучи Македонија со свои проекти се овозможува регионално поврзување со соседите и користење природен гас од различни извори (Азербејџан, Црно Море (Романија) и LNG терминали во Грција) со што ќе се зголеми конкурентноста на македонската економија преку обезбедување поевтин енергенс за граѓаните и компаниите, рече Незири.
Паралелно со овој проект, со десетгодишниот план за развој на гасификацијата, укажа Незири, имаме проект што е прифатен од страна на ЕК со кој се предвидува поврзување на Македонија со Албанија што значи дека ќе бидеме дополнителни корисници на гасот што се предвидува во регионот.
Целта на иницијативата CESEC е унапредување на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас и обезбедување сигурност во снабдување на регионот преку унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите со заедничко ангажирање на сите земји-членки на ЕУ и на договорните страни на Енергетската заедница.
Потпишувањето на Меморандумот за разбирање следи по неговото усвојување на 9 февруари годинава во Софија како зачеток на оваа иницијатива за соработка. Министерството за економија, истакна Незири, активно работеше на оваа иницијатива од почеток со цел да се овозможи диверзификација на изворите за снабдување со природен гас за Македонија, а со тоа и сигурност во снабдување и регионално поврзување со соседите.
– Меморандумот е документ со кој се изразува политичка намера на вклучените страни. Како Влада ги следиме иницијативите на глобално и регионално ниво и наша определба е да обезбедиме диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, со цел да постигнеме поголем степен на енергетска сигурност, можност за нови инвестиции и снабдување на сите потрошувачи со природен гас во Македонија, рече министерот Незири.
Врз основа на Меморандумот, најави, ќе следат координирани активности од страна на Европската комисија и на меѓународните финансиски институции за обезбедување можности за техничка поддршка и наменски решенија за финансирање на земјите-членки и на договорните страни на Енергетската заедница вклучувајќи ја и Македонија. Целта е што е можно поскоро спроведување на определените инфраструктурни проекти со Меморандумот.