Насловна / Архитектура / ДУП – просторот од ресурс стана роба за продавање

ДУП – просторот од ресурс стана роба за продавање

KIR_0016

 Грешките во архитектурата тешко се поправаат, а во урбанизмот се непоравливи

 После бурните реакции на корисниците и жителите на просторот Дебар маало, треба да се напомене следното. Секој Детален урбанистички план – ДУП се изработува врз основ на предходна планска документација. Планската документација за просторот кој го опфаќа локалитетот Детален урбанистички план за Градска Четврт З 10, Локалитет Дебар маало 1 и дел од Дебар маало 2, Општина Центар е изготвена и третиранa во:

• Генерален урбанистички план за град Скопје од 2012 година.

• Урбанистички план за четврт З10, Скопје –плански период 2013 – 2022 год. (Одлука бр. 07-6508/1 од 25.09.2014 год.)

Каде се предвидуваат основни намени: А- ДОМУВАЊЕ, В – ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ ( В1-образование и наука, В2-здравство и социјална заштита и В3-култура) и М (А+Б) – МЕШОВИТА НАМЕНА

• Детални урбанистички планови: – ДУП за Градска четврт “Дебар маало 1” ,Општина Центар (Одлука бр. 07-9816/4 од 21.12.2012 год.) – ДУП за Градска четврт “ДЕБАР МААЛО 2“, Општина Центар (Одлука бр. 07-3727/2 од 28.12.2009 год.) – ДУП Изменување и дополнување ба ДУП “Дебар маало 2” Дел од Блок 14, Општина Центар (Одлука бр. 07-2138/4 од 31.05.2011 год)

KIR_0015
Честите менувања на дуповите се должат на повеќе фактори, мегу кој е промената на Гупот на град Скопје како што е сега случајот и усогласување со него, но исто така и зголемување на потребите на самите корисници на просторот

Предвиденото решение на местото на бараките на Општина Центар 01.19 кое е со висина од Н=55,0м и катност П+15 м е превземено од моментално важечкиот ДУП за Градска четврт “Дебар маало 1” ,Општина Центар (Одлука бр. 07-9816/4 од 21.12.2012 год.) и тука нема спорна полемика. Треба да се нагласи дека со урбанистичкото планирање се врши сукцесивно зголемување на стечените права врз основа на сопственост на градежно земјиште, хуманизација на просторот, како и зголемување на вредноста на земјиштето. Но не може да се затвараат очите при секој потег.

KIR_0029
На просторот на парцелата на Министерството за култура, доградбата е дозволена со Посебни заштитно-конзерваторски услови за заштитените добра каде стои *Споменик – Зграда на улица “Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 во Скопје (КП 9819) – Задржување на постојната состојба на објектот; изведување конзерваторско – реставраторски работи на фасадите; можност за адаптација на ентериерот за потребите на намената; можност за изградба на нов објект на празниот дел од катастарската парцела, со габарит и висина според условите на катастарската односно градежната парцела. Почитување на насоките од заштитно – конзерваторски основи кои се изработени за целиот плански опфат е основно начело при изработка на Деталните планови и нема можност од негово игнорирање заради Правилниците и Законите за урбанистичко планирање кои се на сила.

KIR_0025
Треба да се изврши реконструкција на сегашните Правилници по кои се изработуваат Деталните планови, нивно донесување да биде транспарентно и да бидат вклучени сите релевантни фактори од планери до корисници на просторот. Секако дека мора градоначалниците и урбанистите во општините да умеат да проценат што е тоа што му треба на ДУП –от. Меѓутоа последниот збор го има Министерството за транспорт и врски кое стои во сенка и кое ја дава согласноста, се разбира по диктат на власта.

Ова е постапката и законската регулатива која мора да се почитува кога се изработува ДУП. Таа е законски регулирана, претставува еден ланец по кој се спроведува урбанизмот за потребите на оние кои имаат бизнис интерес.

Урбанизацијата претставува одреден квалитет на општествени односи и начинот на живот. Просторните планери и урбанистите влегоа тоатално неспремни во периодт на транзиција, каде просторот од ресурс стана роба за продавање. Големите заводи за урбанизам се распаднаа (како и се друго) и од нив произлегоа мали фирмичиња (како и се друго) каде главно работат урбанисти кои некогаш работеле во поменатите заводи. Истите тие урбанисти кога работеле во тие заводи не ги изработувале ДУП-овите на начин на кој ги изработуваат денес. Се правеле сериозни анализи, се излегувало на лице место, се планирал развој, се почитувале основните начела за добивање поквалитетен простор за живеење, не само квантитет.

Кога се говори за Урбанистички планови во Скопје никако не може да се говори за просторно планирање, развој и архитектонско – урбанистичко размислување, анализа, проектирање на просторот, а најмалку за креативност. ДУП-овите се прават на постоечки сообраќајници и инфраструктура кои немаат капацитет да ја опслужат зголемената квадратура за градење, а со самото тоа и бројот на жители и автомобили. Најчест изговор кај урбанистите е дека креативност никој и не им бара, а и дека условите зададени во правилниците и состојбата на лице место тоа не го дозволува. Најчесто нарачател (инвеститор) на ДУП-овите се општините, понекогаш и приватни инвеститори кои ги финансираат измените во ДУП-от водени само од една единствена причина, добивање на што поголема квадратура за изградба без разлика на последиците што тоа ќе ги донесе.

KIR_0002
Значи планирањето и урбанизмот доаѓа исклучиво од потребата на инвеститорот кој ќе ни покаже што и како ни треба. Тоа значи дека и нарачателот и планерот на ДУП-от однапред се откажуваат од урбанистичко планирање ако просторот не ги задоволува потребите на робата која треба по секоја цена и што побрзо да се продаде. Планирањето директно зависи од потребите на нарачателот, а никако од општествените потреби, јавниот интерес, одржливиот развој и се разбира убав град. Системот на урбанистичко планирање е во спрега со инвеститорот, а архитектот е протагонист. Одговорот е секогаш дека планот е во склад со Законот и Правилниците кои се свесно направени како би можело да се спроведе нарачаното. На прашањето дали со новиот ДУП за Дебар Маало  предвидениот објект за општината од 15 спрата, можел да се намали во висина, одговорот е дека не знаат, бидејќи до сега никој никогаш не побарал смалување на квадратура за градба, туку само зголемување. Згора на се урбанизмот се планира по катастарска парцела, (сопственост на земјиште) здружување на парцели е оставено на сопствениците, ако успеат да се договорат. На овој начин од катастарските парцели неминовно произлегуваат и градежни парцели со ширини од 10 метри и потесни, (минимална ширина за паркинг место е улица 5,5 метри и должина на паркинг 5 метри) слободни само од две страни (нормално пократките), форми на градежни парцели каде е невозможно да се испроектира квалитетен простор. Паркирањето е секогаш во рамки на сопствената парцела. Според Закон, Правилник за урбанистичко и за архитектонско проектирање, Правилник за противпожар и зададени урбанистички параметри ниту една локација не ги задоволува условите за паркирање, а сите изведени објекти имаат Одобрение за градење (паркирање со механизам – коли на спрат, 2 до 3 ниво подземни гаражи, лифтови за спуштање коли). Проектите на кои е добиено одобрение за градење се разбира не се исти со изведената состојба. Но и за тоа се пронајде начин, па во Закон за градење се укина проект на Изведена состојба, измените се прават со Анекс на Основен проект (може и повеќе анекси), на технички прием веќе не оди општината, туку надзорот, изведувачот и инвеститорот. Следува дека ДУП-овите се бојно поле на кое се прекршуваат желбите на инвеститорот за што повеќе квадрати, што поголем профит и маневарски простор за што повеќе шпекулации.

KIR_0021

Јавна анкета на која “дебармаалци“ приложиле жалби!? Добро би било да се видат нивните жалби, токму на “дебармаалци“ каде се жалат дека зеленилото на парцелата им е намалено, новопредвидената квадратура им е преголема, просторот за паркирање им е премногу и со тоа негативно се влијае на јавниот живот на заедницата. Истите тие “дебармаалци“ утре ќе добијат околу 30% од изградената површина и ќе бараат начини да решат станбено прашање на 3 генерации на сметка на трошните куќи во кои живееле. Па бараат во 38,4 м2 квадратни двособни станови, во 58,2 м2 трособни, (бидејќи таа квадратура ни помалку ни повеќе им следува) инвеститорот ќе се согласи дека такви станови најдобро се продаваат. Во меѓувреме се откупило земјиштето кој за 9 еур/м2, а кој имал повеќе среќа за 1 еур/м2, се легализирале дивоградби со што се гордеат и градоначалниците, па им се зголемила површината за градење и во тој магепсан круг и општ хаос да се очекува урбанизам и архитектура е невозможно. Важно сентименталноста кон пазарот, кој е поставен на главната артерија во Скопје, каде настанува сообраќаен хаос од достава и растоварање на гајби со пиперки и патлиџани и семафори за пешаци на секои 100 метри е „градски и урбано“.

Генерално ДУП-овите во Скопје се лоши. Ова се случува во сите општини. Можеби во општина Аеродром каде концепциски има еден урбанизам кој е школски пример за квалитет (направен е во некое друго време, немојте да си помислите дека е денес) се уште е попристојно, но и тамо онаму каде има можност (во делот кај монтажните времени бараки од 40 години) се градат станбени блокови на истата матрица или спортска сала без паркинг.

ААМ повеќе пати размислувала да организира затворена дебата меѓу колегите за урбанистичкото планирање. Но, за жал ниту еден урбаниста не прифаќа да учествува, се разбира дека се свесни дека ова не е планирање на простор. Дека едноставно не постои матрица, инфраструктира за новопредвидениот урбанизам. А без урбанистите дебатата е зборување во празно.

Реакциите и влијанијата се задоцнети. Грешките во архитектурата тешко се поправаат, а во урбанизмот се непоравливи. Сега треба да се види кој е тој јунак што може да го спаси и она малку што остана, а не остана речиси ништо. Општината мора да реагира уште при нарачување на планот, урбанистите, архитектите, надворешните консултанти во општините, Министерството и Градот се оние кои потпишуваат за издавање на одобренијата, тоа се истите луѓе кои потпишаа да се изгради се она што го гледаме. Само во зависност од тоа која партија е на власт им се менува нивото на функцијата, но тие се секогаш таму.  За парадоксот да биде поголем Дебар маало е местото каде станови најлесно се продаваат и имаат највисока цена. Како тогаш да видат дека ДУП – от е лош?

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ,

Претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија

 

Испрати коментар

Scroll To Top