Дали палмите можат да бидат „паметни“? Очигледно тоа го мислат од Дубаи заедно со компанијата D Idea, која е задолжена да ги создаде и инсталира. Идејата е многу едноставна, а многу корисна. Се работи за „палма“ која е направена од разни материјали, а на својот врв има „листови“ кои се всушност сончеви панели. Така таа создава електрична енергија. Дополнително „листовите“ создаваат сенка која можат да ја искористат посетителите. Под „палмата“ има клупи на кои луѓето можат да одморат, а воедно да си ги наполнат уредите бидејќи електричната енергија би се искористила и за тоа. Електричната енергија ќе се користи и за бесплатен интернет-пристап како и за сервирање на информации околу Дубаи и слично. Дополнително, „палмите“ имаат две инфрацрвени камери и копче за паника, за помош на посетителите.
Како што можете да видите на сликата, големината на овие структури е доста поголема од вистинските палми, можеби десетина метри над површината на земјата. Засега постојат само две вакви паметни палми во Дубаи, но од таму планираат да инсталираат („засадат“) цела „шума“. Опасното сонце може да се искористи на повеќе начини, а овој е еден од поефикасните, па е одлична работа што на властите на Дубаи им текнало да вложат токму во ова решение. Дубаи инаку постојано вложува во интересни проекти како и во огромни згради, иако критиката од луѓето е дека во нив „нема живот“. Сепак, властите таму се решени дека ќе направат супермодерен светски центар на случувањата. Засега добро им оди.