Како и другите моќни држави со развиена автомобилска индустрија, и Франција за своите претседатели традиционално користи луксузни модели од некои од домашните производители на автомобили. На 11 ноември, кога ширум Европа се одбележува Денот на примирјето во Првата светска војна, претставен е новиот претседателски автомобил – луксузниот кросовер DS 7 Crossback Élysée.
Овој модел од домашниот премиум бренд, продолжува да ја негува традицијата на луксузни лимузини на Citroen. Специјалниот автомобил во кој ќе се вози Емануел Макрон, базиран е на серискиот модел DS 7 Crossback E-Tense 300, чие меѓуоскино растојание е продолжено за 200 mm, па вкупната должина на автомобилот сега изнесува 4.790 mm. Тоа не е единствена промена во однос на продукциското возило, со оглед дека кросоверот меѓу другото има висок степен на балистичка заштита, држачи за знаменца на предниот дел, а избрана е и специјална боја на надворешноста – Ink Blue. Автомобилот е поставен на единствени 20″ алу фелни, а вграден е и специјален телекомуникациски систем. За дополнително нагласување на неговата функција, DS 7 Crossback Élysée има и иницијали RF (République française) во внатрешноста.
Кога станува збор за патничката кабина, одзади има две засебни комфорни седишта со електрични подесувања, додека на централната конзола помеѓу нив се наоѓа бежичен полнач за претседателскиот смафтфон, како и команди за “климата“ за задниот дел на кабината. Навлаките се во комбинација кожа – алкантара. Една од работите кои не се менувани во однос на фабричкиот модел е plug-in хибридниот погонски систем. Во неговото „срце“ е PureTech бензинец, а му помагаат два електромотори, додека електричната енергија се складира во батерија од 13,2 kWh. Хибридниот систем овозможува погон на сите 4 тркала, авкупната комбинирана моќност на автомобилот е 221 kW, додека максималниот вртежен момент е 520 Nm. Со оглед дека возилото е блиндирано, дополнителната маса секако влијаела врз перформансите.