Од почетокот на идната година државните институции нема да набавуваат пластична и амбалажа за една употреба. За ова владина одлука министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини вели дека е дел од Планот за спречување на создавањето на отпад на Република Северна Македонија.
“Владата на Република Северна Македонија ја усвои иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за престанок на набавките на еднократно пакување и пластика од страна на државните институции, која ќе стапи на сила од 1 јануари 2020 година. Ова значи дека во следната јавна набавка спроведена од страна на Владата, пластичните шишиња ќе бидат заменети со стаклени, нема да се набавуваат пластични чаши, сламки, лажичиња и друг пластичен прибор за еднократна употреба и нема да се набавуваат добра, како шеќер, во пластична амбалажа, туку рефус“, нагласува Нуредини.
Исто така, додава тој, одлучено е дека Службата за општи и работи и услуги и сите министерства, органи во состав, секретаријати и стручни служби нема да склучуваат договори за јавна набавка со производители без да поднесат доказ дека, најмалку за тековната година, во целост ги исполниле обврските во согласност со законодавството од областа на проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.
Овие мерки се дел и од Планот за спречување на создавањето на отпад на Република Северна Македонија кој беше подготвен од страна на Министерството и ќе биде официјално донесен, по усвојувањето на новиот пакет закони за управување со отпадот, кој во моментот е во фаза на консултации и за кој се одржуваат јавни расправи, информира министерот Нуредини.