Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам побара од општина Охрид да го поништи решението за градба на хотел во туристичката населба „Лагадин“ на источниот брег на Охридското Езеро.
Во одлуката на инспекторатот се наведува дека таквата одлука е донесена откако спроведните контроли и инспекциски увиди во документацијата покажале повредување на неколку постапки за утврдување на услови за градење, како и во постапката на издавање на одобрението за изградба на хотелскиот комплекс.
Во соопштението по повод последната одлука на Државниот инспекторат од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, се наведува дека е добиена неколкумесечната битка за поништување на одобрението за градба на спорниот хотелски комплекс, за кој се наведува дека во јавноста лажно бил претставуван како објект во сопственост на холандскиот туроператор „ТУИ“.
Одлуката на инспектратот доаѓа откако жители на Лагадин заедно со невладината „Охрид SOS“, покренаа серија активности, протести, па и онлајн-петиција против изградбата на објектот, со забелешки дека се наоѓа на растојание помало од 50 метри од езерото, што, според нив, е противзаконски, тврдејќи дека истиот е со спорни димензии особено висината, како и оти решението за изградба на хотелот било донесено незаконско одобрение без согласност на министерствата за животна средина и за транспорт и врски. Исто така, тие тврдеа дека за изградба на хотелот не била консултирана јавноста ниту има направено стратешка оцена за влијание врз животна средина.
Претставници на општина Охрид на забелешките тврдеа дека објектот се гради со целосна и уредна документација за градба, во согласност со одлука на Советот на општина Охрид донесена на 14 октомври 2015 година, согласност од Министерството за транспорт и врски, позитивни мислења од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и мислење без забелешки од Националниот парк „Галичица“.