Федералниот центар во Сиетел, Соединетите Американски Држави, е еден од објектите кои влегуваат во фаза на обновување со новата директива за обнова на државните објекти. Со овој акт (American Recovery and Reinvestment Act – ARRA) e предвидено да се ревитализира инфраструктурата на државата и да се отворат нови работни места за граѓаните на САД.
Проектот за обнова на објектот е изведен со помош на селектирани тимови од архитекти и инженери за да се постигнат највисоките стандарди на градбата и, секако, да се подигне нивото на иновативност и дизајн на службените објекти, со што се обрнува посебно внимание на зелената архитектура и енергетската ефикасност. Овој објект ќе служи како регионален центар на армиските инженери на северозападниот дел од САД.
Aрхитектонското решение создава основа за нови повисоки стандарди во американското градежништвото, проектирајќи одржливи објекти со високи перформанси и економска оправданост. Изведувачот на објектот Sellen Constructions е избран преку конкурс во кој пресудни се високите критериуми за квалитет на објектот и секако времетраењето на градбата. Проектантскиот дел е завршен за помалку од 18 недели од страна на архитектонското студио ZGF Architects LLP.
Високите критериуми кои се наметнати од страна на инвеститорите и одличните проекти кои се изработени од архитектонското студио и изведувачот, на објектот му донесе LEED (Leadership in Energy & Environmental Design) златен сертификат за задоволување на највисоките стандарди во полето на енергетската ефикасност и екологијата.
Формата на основата на објектот, во вид на потковица, креира отворен и комуникативен простор во средината. Дизајнот на објектот овозможува одлична основа за добра енергетска ефикасност, исто така претставува функционална и флексибилна целина. Ентериерот на објектот е проектиран да создаде чувство на колективност и заедништво, со тоа што просториите за одмор и рекреација се поставени во срцето на зградата. Секако, највпечатлив детаљ е дрвото, кое е избрано како главен материјал во ентериерот и дел од конструкцијата.
Дрвото употребено во ентериерот на објектот е преземено од старите објекти што се наоѓале на таа локација, и е рециклирано за да може да се употреби повторно. Исто така, рециклирано дрво се користи и во изработката на скалите и патеките што се во централниот атриум, поврзувајќи ги нивоата на начин кој поттикнува комуникација и соработка на работниците во објектот.
Заедничкиот простор во средината на објектот е предвиден како основна поврзувачка точка помеѓу различните работни оддели, кои во старите објекти биле превидени како посебни целини. На овој начин, архитектите успеваат да ја зголемат комуникативноста и продуктивноста на вработените.
Конструкцијата на објектот е проектирана со 205 округли столбови со дијаметар од 45 сантиметри, кои се вкопани во земја дури 45метри. Силниот фундамент на објектот е предвиден за да се заштити од земјотресни влијанија и лизгање на земјиштето. Искуството покажало дека во тој регион лизгање на земјиштето може да придонесе значителни штети, па затоа се зема предвид во сите фази од процесот на проектирање.
Покрај примарните функции на челичните столбови, кои се длабоко вкопани во земјата, проектантскиот тим и тимот изведувачи предвидиле дека на овој начин ќе може да се употреби геотермалната енергија од земјата. Овој план предвидувал инсталирање на 135 цевки внатре во столбовите, кои завршувале директно во машинскиот систем на објектот. Системот со цевки овозможува од земјата да се добива доволно вода за ладење и греење на просториите за да може да се исклучува еден дел од уредите за ладење и греење, со што значително се заштедува средства.
Овој проект, меѓу другото, е значаен и затоа што претставува прв објект во регионот кој комбинира искористување на геотермални системи за ладење и греење со конструктивни елементи. Воедно, проектот е еден од деветте во САД, што е потврда за посветеноста на државните политики за промовирање на одржлива архитектура, за помагање на заедницата и унапредување на користењето на чиста и економски оправдана енергија.
Секој аспект од проектот на објектот е дизајниран за да се создаде ефикасно и пријатно работно место со модерни и одржливи стандарди на работно место. Во исто време новиот проект го раздвижува и оживува стариот кампус кој броел неколку оштетени згради кои биле скоро неупотребливи. Со тоа не само што од корен се променија условите за работа во тој дел, туку и новите објекти многу придонесуваат за подобрување на човековата околина и драстично намалување на трошоците за нивно функционирање.