Дрвјата на улицата каде што живееме можат да го намалат ризикот од депресија и потребата од антидепресиви, покажаа резултатите од новата студија.
Бројни студии веќе покажаа дека околината може да има силно влијание врз менталното здравје, па германскиот истражувачки тим се обиде да процени дали секојдневните предмети со кои се опкружени луѓето, како што се дрвјата што ги поминуваме кога ја напуштаме куќата, можат да имаат позитивно влијание.
Научниците ги анализирале податоците собрани од 10 илјади жители на Лајпциг во Германија и откриле корелација меѓу бројот на дрвја на улицата каде што живееме и антидепресивите препишани на пациентот.
Поголем број стебла на дрвја на помалку од 100 метри од нечија куќа е поврзана со помал ризик од потреба од антидепресиви, велат истражувачите.
Корелацијата е особено забележлива кај поранливите групи кај кои е поверојатно да се препишуваат антидепресиви во Германија.
Водечката авторка на студијата, д-р Мелиса Марселес, истакна дека откритието на нејзиниот тим сугерира дека дрвјата на улица или околу местото на живеење, дури и на мала, достапна јавна зелена површина, можат да помогнат да се намали јазот во здравствените нееднаквости меѓу економски разновидни социјални групи.
“Ова е добра вест затоа што дрвјата на улица се релативно лесни за садење и нивниот број може да се зголеми без многу напорно планирање“, истакна д-р Марселес.
Истражувачите велат дека покрај придобивките за менталното здравје, повеќе дрвја во нашето непосредно опкружување исто така можат да придонесат за ублажување на климатските промени.
“Нашата студија покажува дека природата близу до домот – биолошката разновидност што ја гледате низ прозорецот или кога одите или возите на работа, на училиште или на шопинг – е важна за менталното здравје“, додаде д-р Дијана Боулер, која е во тимот задолжена за анализа на податоци.
Научниците се надеваат дека нивното истражување ќе ги охрабри властите во неколку градови да садат дрвја во урбаните области.
Проектот е спроведен од Хелмхолц Центарот за истражување на животната средина (УФЗ), Германскиот центар за интегрално истражување на биодиверзитетот (iDiv), Универзитетот во Лајпциг и Универзитетот Фридрих Шилер во Јена.