Насловна / Архитектура / Дрвенград на Меќавник: Град по мерка на Кустурица

Дрвенград на Меќавник: Град по мерка на Кустурица

featured-mecavnik-3

Паркот на природата Шарган–Мокра Гора е дел од планината Тара и се граничи со националниот парк Тара и планината Златибор. Оддалечен е 260 километри од Белград, 154 од Сараево и 275 од Подгорица. Најблиските градови се Вишеград, Бајина Башта и Ужице. Има добри сообраќајни врски, раскошна природа, многу термални води, ново скијалиште Ивер и единствената пруга со тесен колосек т.н. Шарганска осмица, автентично етно-наследство, традиционални рачно изработени производи, био-храна и  гостољубиво локално население, а сето тоа претставува голем потенцијал за развој на различни видови туризам.

Во последно време најразвиен е транзитниот туризам, бидејќи Шарган се наоѓа на коридорот меѓу Југоисточна и Западна Европа, но исто така е развиен  и излетничкиот, конгресен и спортско-рекреативниот, а со изградбата на Дрвенград и културно-манифестациониот и научно-образовниот туризам.dsc03082

Етно-културно-туристичката населба Дрвенград се наоѓа на врвот на брдото Меќавник во чие подножје е селото Мокра Гора, во Паркот на природата Шарган. Идеен творец на оваа единствена населба, или како што многу ја нарекуваат бајковито етно село, е режисерот и музичар Емир Кустурица. Инспирација за оваа необична населба добил додека во Мокра Гора го снимал филмот Животот е чудо. Идејата му била да создаде населба со совршен модерен начин на живот надвор од секојдневието, начин на живеење кој е во вечна борба против глобализацијата и капитализмот. Како што вели и самиот Кустурица: „Сакав да изградам село во кое имате впечаток дека отсекогаш се живеело, а всушност никогаш не се живеело таму“.dsc03045

За изградбата на Дрвенград се користени автентични брвнари од ова подрачје. Многу од нив се стари и по стотина години, а биле напуштени и препуштени на пропаѓање на забот на времето. За да се стават во функција, пренесени се рачно до Дрвенград, реставрирани се и поставени на високи камени постаменти и подруми приспособени на косините на теренот, а кога ги гледате ви се чини како да се сраснати со теренот.

Во Дрвенград не постојат две исти куќи ниту две исти соби. Собите се луксузно опремени и пружаат удобен комфор на посетителите, а мебелот е најчесто автентичен, дрвен масивен мебел кој традиционално се изработувал во регионот и е рачно насликан, секој посебно за себе. Секое парче мебел е уникатно и е рачно изработено. Шетајќи низ Дрвенград ќе добиете впечаток како населбата да е градена пред стотина години со рацете на старите градители кои со години ја бирале идеалната местоположба на секоја куќа.

Секоја куќа има своја индивидуалност, своја местоположба, а секоја соба има различен поглед од прозорецот. До секоја куќа има пристапна патека или уличка. Дрвенград ги има сите содржини и објекти за незаборавен одмор, работен престој или еднодневна посета.drvengrad222

Концептот на Дрвенград е создаден, како и кај скоро секој град, со еден централен правоаголен плоштад „Никола Тесла“, чија главна оска е одредена со влезната капија и положбата на црквата-брвнара со пагоден низ од двоводни покриви обложени со шиндра. Оваа мала црква е изградена по примерот на старите руски дрвени цркви и е посветена на Свети Сава. До црквата се наоѓа дрвена камбанарија која доминира на плоштадот. Плоштадот е поплочан со дрвени коцки и дрвени шински прагови.

Преку него се доаѓа до куќата и библиотеката на Емир Кустурица, и многу други куќи-брвнари организирани и опремени за сметување на гости-туристи и за одржување на други јавни активности. Шетањето по уличките на Дрвенград е интересно и возбудливо, различно во секој период од годината, и ви овозможува различни визури на околината и различно задоволство и доживување поврзано со многу претходни погледи и сеќавања.dsc03050

Улиците и плоштадите ги носат имињата на големите уметници, спортисти и сите оние што со својата идеја оставиле или сè уште оставаат трагови во историјата на човештвото. Па така, овде ќе ги видите улиците: „Иво Андриќ“, „Фредерико Фелини“, „Бранислав Нушиќ“, „Брус Ли“, „Бергман“, „Никола Тесла“, „Достоевски“, „Новак Ѓоковиќ“, „Миодраг Петровиќ Чкаља“, „Диего Марадона“ и други.

На плоштадот „Никола Тесла“ се наоѓа рецепција и информативен центар, подземното кино „Андерграунд“ со најсовремена слика и звук, театарот „Стенли Кјубрик“, амфитеатарот „Гаврило Принцип“, галеријата „Мацола“ во која редовно изложуваат свои дела многу ценети домашни и странски ликовни уметници, продавницата за сувенири „Аска“, националниот  ресторан „Лотика“, слаткарницата „Аница“ во која се служат домашни слатки и природни сокови, а најпознат е сокот од малина. dsc03055

Од плоштадот „Никола Тесла“,се доаѓа и до фризерницата „Анабела“, куќата на писатели, пазарот за рачни ракотворби, и се влегува во многуте тесни улички или патеки. На плоштадот „Диего Марадона“ се наоѓа спортскиот центар „Проклета Авлија“. Тој располага со конак за  преноќување, кафе-бар, ресторан, сала „Висконти“, затворен базен, теретана, сауна, масажа, билијард сала и подземна спортска сала. Непосредно под Дрвенград се наоѓаат две тениски игралишта и трим патека која се спушта до селото Мокра Гора. Новото скијалиште „Ивер“ е оддалечено седум километри од Дрвенград. Во Дрвенград е отворена и детска градинка, а во нејзина близина е барот „Капор“.68306018

Дрвенград денес е место каде се одржуваат многу културни настани и собиралиште на многу значајни и познати уметници и спортисти од цел свет. Од културните настани најпознат е традиционалниот меѓународен филмски фетивал Кустендорф, основан 2008 година, по што и Дрвенград станал познат низ целиот свет, а со тоа привлекол и сè уште привлекува многу уметници, посетители и туристи.dsc03047

Емир Кустурица е добитник на европската награда за архитектура „Филип Ротие“ во 2005 година за изградбата на Дрвенград. Оваа награда се доделува секои три години од Фондација за архитектура во Брисел. Во образложението на жирито се нагласува дека проектот на Кустурица за Дрвенград ,,… користи изворна архитектура од своето поднебје како фактор на пацификација, извор на задоволство и потстрек за равој на економско-туристичките потенцијали на целиот регион“.drvengrad-mecavnik-mokra-gora

Дрвенград на Меќавник денес има статус на град–хотел со 4 ѕвезди, исто како статусот на Св. Стефан во Црна Гора.

Пишува: Натка Ќосева, дипл.инж.арх.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top