Набрзо по поврзувањето на Цетинскиот мост кај Омиш во Хрватска за кој пишувавме, наскоро ќе се заврши сличен градежен потфат во Босна и Херцеговина.
Имено, мостот Почитељ на делница од автопатот Почитељ – Звировиќи, на југот на земјата, се гради со полна пареа, а колку впечатливо ќе изгледа покажуваат најновите снимки од воздух.
ДОЛГ Е 945 МЕТРИ И ВИСОК 100 МЕТРИ
Инаку, станува збор за најзначајниот објект на оваа подделницаа, со вкупна должина од 945 и максимална висина 100 метри, со чија изградба ќе се поврзат двата брега на реката Неретва.
Мостот Почитељ е континуиран преднапрегнат армирано-бетонски мост со кутијаст попречен пресек, граден со технологија на слободна конзолна грдаба.
Столбовите на мостот се високи 92, 97, 92, 91, 88 и 66 метри, а изведувач е конзорциум кој го сочинуваат Azvirt Limited Liability Company од Азербејџан, Sinohydro Corporation Limited и Powerchina Roadbridge Group Co. Ltd. од Кина.
Според претходните планови, мостот Почитељ на Коридорот 5Ц требаше да биде завршен во март минатата година. Сепак, дојде до одредени задоцнувања, така што процесот ќе потрае уште некое време.
Поради ова, ЈП Автопати на Федерацијата Босна и Херцеговина покрена постапка за наплата на пенали на изведувачот – кинеско-азербејџанскиот конзорциум, но се очекува мостот сепак да биде готов кон средината на тековната година.
Договорот за градба беше потпишан во јуни 2019 година, а договореното време за изградба беше 900 дена. Рокот истече на почетокот на септември минатата година.
НАДЗОРОТ ДОВЕРЕН НА КОМПАНИЈА ОД ИТАЛИЈА
Подделницата Почитељ – Звировиќи е дел од делницата Почитељ – Бијача. Долга е 11,07 километри и е поделена на два ЛОТ-а.
ЛОТ 1 ја опфаќа трасата на автопатот од почетната стационажа до мостот Почитељ и од мостот Почитељ до клучката Звировиќи. Изведувач е China State Construction Engineering Corporation Limited (Кина), додека вредноста на договорот е 56.522.840 евра без ДДВ.
Во ЛОТ 1 се значајни објекти: клучката Почитељ со наплатна рампа и пристапни сообраќајници, тунелот Почитељ (L = 1.200 m), три вијадукти со вкупна должина од 250 метри и отворена траса.
ЛОТ 2 ја опфаќа изградбата на самиот мост Почитељ, а вкупната вредност на градежните работи е 28.114.889 евра без ДДВ. Надзорот на изградба на двата лота врши фирмата IRD Engineering S.R.L. од Италија.