Советот на Град Скопје донесе одлука „Дрисла“ повторно да стане јавно претпријатие во надлежност на градот и поништени се претходните договори и постапки за давање на депонијата под концесија.
“Советот на Град Скопје изгласа одлуки со кои се поништува претходната одлука за избор, но и се поништува целата постапка за избор на концесионер на депонијата „Дрисла“, со што по осум години правни игри, правни шпекулации и правни перипетии успеавме Град Скопје да го извадиме од тие лавиринти и конечно да ја исчистиме состојбата со претходно сериозно водена контроверзна постапка за избор на концесионер во депонијата“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Шилегов ја поништи постапката, оти германскиот концесионер „Шолц“ во предвидениот рок од 30 дена не доставил известување за формирана фирма во земјава со која ќе се склучи договорот.