Насловна / Вести / „Древниот сон“ на Тони Чатлески во „Мала станица“

„Древниот сон“ на Тони Чатлески во „Мала станица“

Во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“, на 1 јуни 2016 година (среда), во 20 часот ќе се отвори изложба на уметникот Тони Чатлески со наслов „Древниот сон“.

Во најновиот циклус на слики насловен „Древниот сон“, Чатлески ги бара одговорите за смислата на животот, при што е евидентно прочистувањето на визуелната палета додека филозофијата за сопственото постоење и живот е пренесена низ призмата на надреалноста на сонот. „Древниот сон“ ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи ја метаризницата на минатото – во иднината. Уметникот преку реалноста на сонот свесно или несвесно креира свои микросветови, со што учествува во она што го нарекуваме создавање на реалноста на живеењето.покана Чатлески

Делата се видливи од два елементи – макро и микро гледање на сликата. Макропогледот го претставуваат обоените плохи, при што сликата е видлива како апстрактна композиција, но со доближувањето на погледот се отвора еден волшебен микросвет со стилизирана фигурација (човек, битија од минатото и иднината, животни од земниот и од подводниот свет…) која во симплификацијата на приказот е доведена до знак или симбол. Оваа знаковност или симбол е еден вид прошетка низ времето во постојаната потрага по смислата и суштината на животот. Чатлески воедно ја опфаќа суштината на традиционалните симболи за да формира единствени естетски креации. Во неговите опсесии во ликовните творби се вметнати елементи од стварноста преобразени во симболички знаци кои прикажуваат фрагменти од сонот, сеќавањето, интимноста, личниот простор, запрениот миг на времето, еден вид осмислен емотивен просторен облик како спој на филозофијата и на духовноста. Делата слични на сонот се секвенции во кои се пренесени духовните расположби на авторот.

 

Испрати коментар

Scroll To Top