Првото издание на фестивалот на древна римска култура Scupini Romani, ќе се одржи во недела (6 ноември) од 10 до 16 часот во просторот кај комплексот „Ореов лад“ во Скопје, а го организира Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“. Во рамки на манифестацијата, комплетно ќе биде рекреирана римска населба каде ќе може да се дегустира храна, да се погледне накитот што се носел и животот што се живеел додека сите присутни ќе носат автентична облека од тој период.
Идејата за фестивалот постоела уште од 2012 година, а мотивот за негова организација е фактот што Македонија има силни врски со оваа култура поради тоа што територијата на нашата земја со векови била дел од Римското царство.
– Замислата за фестивалот Scupini Romani се роди кога тимот на „Хаемус“ беше поканет на научна конференција во Археолошкиот парк „Виминациум“ во Србија. Веднаш се вљубивме во концептот на еден од најголемите локалитети од римскиот период на Балканот. Со оглед на богатото културно наследство од римскиот период во Македонија, сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал реконструиран секојдневниот живот на старите Римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин ја подготвувале храната и какви занаети практикувале. Самите подготовки за фестивалот траеја со месеци бидејќи консултиравме домашни и странски експерти за овој историски период – изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.
Во импровизираната римска населба ќе има работилници за керамика, накит, плетење, изработка на мозаик, римски фризури и обработка на метал, а секоја ќе биде водена од стручњак во полето. Скопјани ќе можат да дегустираат римски леб, паштети типични за тој период и други специјалитети. За потребите на фестивалот, сите луѓе од организацијата ќе бидат облечени во облека типична за римскиот период која е изработена од дизајнерката Магдалена Таневска. Таа воедно најави дека работи на летна колекција на облека од овој период.
Присутните од настанот ќе си заминат и со сувенири кои се правени по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриено на територијата на Република Македонија.
Манифестацијата ја поддржа и амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ.
– Ова подрачје е исклучително богато со историја и ваквите манифестации се доказ дека имаме со што да се пофалиме пред светот – изјави госпоѓата Дивјак Томиќ на средбата со новинарите и воедно ја истакна важноста на археолошкиот парк „Виминациум“ во Србија од каде и произлезе идејата да се организира Scupini Romani.
Ова е прво издание на фестивалот, но веќе постои тенденција да прерасне во традиционален, а закажани се гостувања и низ Европа. Билетите чинат 700 денари и можат да се купат во туристичката агенција „Арботравел“ во трговскиот центар „Буњаковец“ или на денот на настанот пред комплексот „Ореов лад“.
Настанот се прави под мотото на УНЕСКО за отворени образовни ресурси.