Насловна / Вести / Драстичен пад на продажбата на електрични возила во Јапонија

Драстичен пад на продажбата на електрични возила во Јапонија

Kуриозитет е што во земјата на изгрејсонцето, каде што се продаваат повеќе од четири милиони возила секоја година, минатата година купувачи нашле само 59.736 електрични автомобили.

За споредба, вкупната продажба на сите видови автомобили во 2024 година во Јапонија паднала за седум и пол отсто во однос на претходната година и изнесувала 4,42 милиони.

Фактот дека електричните возила сочинуваат едвај повеќе од еден отсто од јапонскиот пазар во голема мера се припишува на високиот степен на развој на хибридите и нивната популарност меѓу населението.

Зад општиот пад на продажбата на автомобили во 2024 година, се верува дека, покрај притисокот што инфлацијата го врши врз паричниците на потрошувачите, стои и казнено стопирање на производството, наредено од државата поради фалсификување тестови за перформансите на возилата.

Забраната за производство се однесува на неколку модели на „Тојота“, но првенствено за производителот на мали, евтини семејни автомобили „Даихатсу“, кој е во составот на групацијата „Тојота“. Бидејќи таа испорачува делови и за „Мазда“ и за „Субару“, овие две фабрики беа принудени да го намалат производството.

„Нисан“ првиот во светот започна масовно производство на електричен автомобил

„Нисан“ инвестираше повеќе од другите јапонски производители во производството на исклучиво електрични возила, и беше првиот во светот кој започна масовно производство на електричен автомобил – моделот „лиф“. Затоа не е изненадувачки што „Нисан“ држи половина од јапонскиот пазар за овој тип возила.

Меѓутоа, проблемот е што овој лидер на пазарот доживеа пад од 44 отсто во продажбата на електрични автомобили во 2024 година, застанувајќи на само 30.749 продадени возила.

Кога станува збор за чисто електрични возила, најголемиот светски производител и продавач на возила, „Тојота“, доцни не само зад „Нисан“, туку и зад „Хонда“ и „Митсубиши“. Минатата година најде сопственици за само 2.038 свои електрични автомобили во Јапонија, што е пад од околу 30 отсто.

Овде, сепак, треба да се напомене дека јапонските производители на автомобили вложуваат повеќе напор за да ги продаваат своите електрични модели во странство, првенствено во Кина и на други места каде што има значителни субвенции за купувачите, отколку дома.

Модели со цена меѓу 20.000 и 25.000 долари

Интересно е и тоа што минатата година, во Јапонија, пораст на продажбата на електрични возила во однос на 2023 година забележаа производителите од соседните земји – кинескиот BYD, кој привлече 2.223 клиенти (зголемување од дури 54 отсто) и Јужнокорејскиот „Хјундаи“, со (само) 607 продадени единици (24 отсто зголемување).

Овие две компании штотуку влегоа на јапонскиот пазар (со електрични модели) во 2022 и 2023 година и се надеваат дека, во услови диктирани од инфлацијата и општиот пад на потрошувачката, ќе можат да ги привлечат јапонските клиенти со модели со цена меѓу 20.000 и 25.000 долари.

Со овие поевтини модели, тие наскоро би можеле во продажба да ја престигнат „Тесла“, најуспешниот странски продавач на електрични автомобили во Јапонија, кој продава околу пет илјади возила годишно.

Дали политиката ќе се вмеша во бизнисот?

Инаку, водечкиот кинески производител на електрични возила BYD продаде 4,27 милиони возила на четири тркала во својата земја и во странство во 2024 година, што е зголемување од дури 41,2 отсто.

Токио веќе е под притисок на американските дипломати, кои му сугерираат да воведе (високи) царини за кинеските автомобили, бидејќи според нив, производителите од најнаселената земја во светот уживаат државни субвенции, што им дава нефер предност во пазарниот натпревар.

Ова значи дека BYD наскоро, перцепцијата на јапонските потрошувачи дека домашните автомобили се со повисок квалитет од кинеските, би можел да се соочи со големи административни пречки кои би ја поништиле големата привлечност на неговите возила – ниската цена.

Испрати коментар

Scroll To Top