Деновиве во јавноста имаше голем број реакции од страна на стручната јавност и експерти во однос на поплавите настанати од невремето на 6 август 2016 година, кое ја опфати Македонија и кое особено го погоди Скопскиот регион, а предизвика катастрофални последици, хуманитарна катастрофа и огромни материјални штети…
Најмалку 22 изгубени човечки животи, оштетени пет илјади семејства, уништени стотина автомобили и ниви претворени во мочуришта…
Читателите сакаме да ги потсетиме на документот усвоен од Советот на Град Скопје на својата 71 седница, одржана на 3 септември 2008 година, кога е донесена ПРОЦЕНА на загрозеност на Градот Скопје од природните непогоди и други несреќи.
Ви пренесуваме дел од од горенаведената Процена, што се однесува на Загрозеност од поплави и уривање на високи брани.
Под поимот поплава се подразбира постепено поплавување на теренот со излевање на водите од природните и вештачките водотеци како последица на високи водостои, пробивање или рушење на насипи, вештачки акумулации, како и поплавување на теренот од последиците на абнормални хидролошки ситуации, големи количества на паднат дожд при што доаѓа до прелевање на реките и езерата. Поплавените води може да ги покријат површините изложени на поплави за неколку часа, како што е случајот со ненадејните поплави или да се задржи неколку недели, како што е случај со есенскиот и пролетниот период.
Причини за настанувањето на поплавите може да се поделат на:
– поплави настанати поради јаки врнежи
– поплави настанати поради зголемување на мразот во водотеците
– поплави настанати поради лизгање на земјиштето или потреси
– поплави настанати поради рушење на брани и воени дејствија
– поплави настанати поради промени во речните текови како последица на урбанизацијата
Додека повеќето од поплавите се појавуваат поради една причина, најголемите поплави се појавуваат како резултат на взаемно дејство од две или повеќе причини како што е силен дожд во комбинација со пролетно истекување на водите од истопениот снег. Честопати се случува да количеството на вода од интензивни дождови го надмине носивиот капацитет на одводниот систем при што се создава застој во системот и поплавување на подруми или улици.
При проценка на загрозеноста од поплави на одредено место треба да се опфатат следниве параметри:
– причина поради која настанала поплавата
– големина на зафатеното подрачје
– времетраење на поплавувањето
– висина на поплавениот бран
– вкупната количина на водена маса
– брзина на поплавениот бран
– количината на наносот и другите продукти на поплавувањето
Појавата на поплавата на одредено место предизвикува голем број на опасности кои ги загрозуваат луѓето, културните и материјалните добра. Овие опасности се многубројни и разновидни ако поплавата ненадејно дојде и го зафати градското подрачје.
Општи податоци за водотеците во Скопската котлина
Главниот водотек во Скопската котлина е реката Вардар која припаѓа на егејскиот речен слив и припаѓа на групите на долги реки (301 km) со средна широчина, значителена брзина и непостојан речен режим.
Низ Скопската котлина реката Вардар поминува во должина од 55 км каде ширината се движи од 40-80 м, а длабочината од 1,2-2,5 м. Со средна брзина на вода од 2 м/с односно при максимален водостој и до 3,5 м/с. Во овој дел е извршена делумна регулација на коритото со изградба на насипи во должина од околу 30 км од кои 10 спротиводно и 20 км низводно од Скопје каде премините се сконцентрирани во Скопје и во просторот до с. Сарај има 15 мостови. Реката Вардар има вкупно 37 притоки од кои 15 од левата и 22 од десната страна.
Според карактеристиките на сливот и количината на водите на речниот тек на реката Вардар низ Скопската котлина ги разликуваме следните делници:
– Устие, Пчиња – Таор, клисурест дел, со должина од 8,1 км и пад од 9%. Со изградба на акумулацијата Башино село оваа делница ќе биде потопена.
– Таор – Долно Лисиче, рамничарски со голем дел мандри и спрудиви во коротото со должина од 13,4 км и пад од 35%.
– Лисиче2 – Аеродром со должина од 12,5 км и пад од 67%. На овој дел левиот брег е во многу лоша состојба каде во 1979 година водите го пробија насипот.
– Градски потег (Аеродром – Влае – устие Треска) извршена е регулација со должина од 12,05 км и останува за доградба уште 2,3 км на десниот брег на реката.
– Устие – Треска – Дервенска Клисура – со најстабилно речно корито, мала длабочина, со должина 19 км и со пад 4%.
Анализирајќи ги одредени податоци, може да се заклучи дека Градот Скопје е во многу неповолна положба во однос на опасноста од појава на големи води, а имено:
– на подрачјето на градот имаме нагло зголемување на сливот од 1580 км2 на 4625 км2, што предизвикува голема концентрација на површински води и создава опасност од формирање на бранови на големи води.
– средниот пад на речните сливови е многу голем, што исто така е причина за брза концентрација на површински води.
Реките Вардар, Треска и Лепенец пред влезот во Скопската котлина минуваат низ долги клисури, каде што имаат долги падови и не настанува излевање на големите води, туку тие со голема енергија и со голем транспортен нанос навлегуваат во котлината.
Релативно кратките должини на горните текови, како и големиот пад на сливот предизвикуваат брзо надоаѓање на водата, релативно мали временски интервали на појава на шприцеви на брановите и опасност од временско совпаѓање на поедини бранови на големите води.
Проценка на загрозеност од поплави на подрачјето на градот Скопје
За појавата на поплави од големи размери во Скопје постојат историски записи. Од 1923 година кога се воведени Хидролошките набљудувања на потеците на реката Вардар забележани се 4 големи поплавувања и тоа:
– Поплавата од декември 1935 година, протокот на вода бил проценет на 1056 м3/сек., а бил поплавен мал дел од градот од околината на Скопје.
– Поплавата во декември 1937 година, протокот на вода бил проценет на 1080 м3/сек., а биле поплавени низводните делови додека градот бил заштитен со насипи.
– Поплавата од ноември 1962 година, протокот на вода бил проценет на 1310 м3/сек., а бил поплавен понискиот дел од градот, вкупно 6751ха.
– Поплавата од ноември 1979 година, протокот на реката Вардар бил проценет на 980 м3/сек. Со поплавата било опфатено подрачје од 7550 ха. Поплавата добила пошироки размери поради пробивањето на насипот пред железничкиот мост на населбата Маџари.
Од настанатите поплави може да се забележи дека битно влијание имаат врнежите. Просечните годишни врнежи на подрачјето на Скопје изнесуваат 520,2 мм. Меѓутоа катастрофалните поплави се резултат на обилните врнежи на целото сливно подрачје на реката Вардар, кога количеството на врнежи изнесувало 80-100 мм за време од 24 часа.
Врз основа на хидролошките информации од водомерните станици може да се даде временска прогноза за очекуваните големи води на големите реки и тоа:
– За реката Треска од Македонски Брод до Скопје максимално до 12 часа порано.
– За реката Вардар од Саркино до Скопје максимално 5 до 6 часа порано.
– За реката Лепенец од Генерал Јанкович до Скопје максимално 3 до 4 часа порано.
Поминувањето на големите води низ коритото на реката Вардар е условено од пропусната моќ на коритото како делот што е регулиран така и во делот што не е регулиран.
Пропусната моќ во делот на коритото што е регулиран на реката Вардар во градската делница може да оди следниот преглед:
– Пешачкиот мост кај Градски парк со проток од 1120 м3/сек.
– Пешачкиот мост кај Старо Сајмиште со проток од 1175 м3/сек.
– Камениот мост со проток од 1160 м3/сек.
– Мостот кај улица Илинденска со проток од1260 м3/сек.
– Мостот кај хотелот Холидеј Ин со проток од 1125 м3/сек.
Споредувајќи ги протоците на речното корито на реката Вардар се констатира намалена пропустна моќ на речното корито за 10 до16%.
Причината за ваквата состојба со поплавата од 1979 година може да се констатира дека мостовите Гоце Делчев и Камениот Мост имаат доволна висина над пропишаната скала додека на пешачкиот мост кај Кале водата ќе минува над мостот, а кај останатите мостови водата ќе се доближи до долниот раб на мостовата конструкција.
Брани и акумулации
Браните со своите придружни објекти овозможуваат повеќенаменско искористување на водните ресурси. Акумулираната вода се користи за задоволување на потребите на водостопанството, на населението и индустријата, за наводнување, производство на електрична енергија, заштита од поплави, обезбедување на биолошки минимум, спорт, рекреација и туризам.
Почетоците на големите брани датираат уште од 1938 година кога била изградена првата брана „Матка” на реката Треска, во непосредна близина на градот Скопје.
Брана Матка
Браната Матка одалечена е 14 км од градското подрачје на излезот на реката Треска од каноњот и нејзината намена е за произвотсво на електрична енергија.
Самата конструкција се состои од следното: нејзиниот лачен дел е изведен од десет појаси со височина од 3 м, чија дебелина почнува од 1,60 м кај најнискиот а завршува со 1,00 м кај највисокиот појас.
Целата брана представува лачен извитоперен sид. За изведување на лачниот дел на браната, со оглед на времето за кое требало да биде подигната и другите барања, статички, конструктивнo морало да се постават повеќе услови: прво, целиот лачен дел на браната со вкупна зафатнина од околу 2500 кубни метри бетон и 150 тони арматура, да се изврши за три месеци, за да се избегне лошиот период на време, кога е можно поголемо надоаѓање на Треска.
Висината на браната изнесува 29.5 м а должината на браната 65.87м.
Површината на сливното подрачје на акумулацијата изнесува 1800 км2 а должината на акумулацијата 5900 м. со средна ширина од 40 м. Корисна зафатнина изнесува 2.600.000 м3. Инсталираната моќ на ХЕЦ „Матка„ изнесува 4.16 МW со средно годишно производство на електрична енергија од 23.350.000 kwh. Бројот на турбините е три и инсталиран проток од 18.75 м3/сек.
При евентуално уривање на браната просечната брзина на челото на бранот низ Скопје би изнесувала 33.4 к/ч, што би значело дека за растојание од 3 км бранот би стигнал за 550 секунди, а неговата висина би била 6 м.
На делот од браната до Скопје дирекно на удар од поплавениот бран се селата: Долна Матка, Шишево, Глумово, Чичино и Сарај по должината на Треска кaко и Љубин и Кондово низводно по реката Вардар. На овој дел поплавениот бран би напредувал со изразито стрмно чело.
Последиците што би настанале во регионот на општина Гази Баба би биле: поплавување на околу 5600 хектари, загрозени животите на околу 35000 луѓе и околу 10000 станови и куќи. Поплавени ќе бидат одредени населби и села како: Триангла, Маџари, Трубарево, Јурумлери, Скопско Поле, Колонија, Кадино, Мралино, Петровец, Огњанци и др. населени места. Ќе бидат зафатени и дел од индустриската зона вклучувајки ги поранешната фабрика Газела, поголем дел од МЗТ, простории на Технометал-Вардар и други објекти околу нив. Поплавени и онеспособени ќе бидат околу 7км од железничката пруга Скопје-Куманово и околу 20 км патишта.
За да се намалат последиците од поплавниот бран при делумно или целосно рушење на браната Матка потребно е да се превземат следве превентивни мерки:
1. Да се обезбеди превентивно тревожење на месното население за евакуација од загрозената обележана зона на плавење. За таа цел треба да се изгради систем за надгледување на браната и изведување на населението од загрозениот регион од поплави при евентуално рушење на браната Матка.
2. Системот за надгледување и известување го сочинуваат набљудувачки места (луѓе и видео камери), подцентар во Х.Е. Матка, Градски центар за тревожење на град Скопје и алармни станици, телекомуникационата мрежа и белези за максимално ниво на поплавениот бран.
3. Намалување на нивото на водата на езерото Матка со што ќе се намали акумулацијата, а со тоа и ризикот од големината на поплавениот бран.
4. Намалување на водите на р.Треска до браната „Матка” со регулирање на испустот на браната „Козјак”.
Брана Козјак
Со изградба на браната Козјак се откриваат нови можности за нови поголеми извори на електрична енергија. Намената на оваа акумулација е слична со намената на акумулацијата Матка , односно за производство на електрична енергија како заштитна функција.
Типот на браната е камено-насипна со глинесто јадро. Висината на браната изнесува 126.10 м, а должината на круната 305 м. Волуменот на браната изнесува 3.440.588 м3, а додека волуменот на акумулацијата изнесува 550.000.000 м3 и инсталиран проток од 100 м3/сек.
Инсталираната моќ на Х.Е:изнесува 80MW со средно годишно производство на ел.енергија од 156.0 х 103 kwh.
Преку браната во вонредни услови, има можност да се евакуира проток над 1900 м.к/сек. Со усвоените капацитети на евакуационите органи на браната, објектот има голема сигурност, во споредба со реалните хидролошки определувани големи води. Заштитната функција на акумулацијата е во интервентно регулирање на истекувањето во зависност од хидролошката состојба во загрозеното подрачје.
Со изградба на браната „Козјак” се создава опасност од појава на катастрофален поплавен талас при нагло истекување на водата од акумулацијата и притоа загрозување на населението во подрачјето низводно од браната.
За да се намалат последиците од поплавениот талас при делумно или целосно рушење на браната „Козјак”, поребно е да се превземат следниве превентивни мерки:
1. Преку системот за набљудување и известување да се обезбеди навремено известување и тревожење на населението на потенцијалното загрозено подрачје.
2. Техничкото набљудување на браната ќе се врши според елаборат. Непосредното набљудување и контрола ја врши стручна служба на браната и дежурните лица, додека посредното ќе се врши со помош на сите инсталирани уреди на браната.
3. Постапка според оперативниот план за известување и тревожење
4. Намалување на нивото на водата на акумулацијата со тоа и ризикот од големината на поплавниот бран.
5. Намалување на водите на р.Треска до браната Матка со регулирање на испустот на браната.
Големи води на реката Вардар
Големите води што би се јавиле на реката Вардар ( без акумулацијата Козјак) се проценети со следните вредности:
А) Делницата од Рашче – до вливот на Треска
Веројатноста на појава – 10 год. голема вода: Q = 250м3/сек
Веројатноста на појава – 30 год. голема вода: Q = 400м3/сек
Веројатноста на појава -100 год. голема вода: Q = 600м3/сек
Б) Делницата од вливот на Треска – до сливот на Лепенец
Веројатноста на појава – 10 год. голема вода : Q = 600м3/сек
Веројатноста на појава – 30год. голема вода: Q = 800м3/сек
Веројатноста на појава на – 100 год. голема вода: Q =1100 м3/сек
В) Делницата на вливот на Лепенец- до с. Зелениково
Веројатноста на појава – 10 год. голема вода : Q = 652 м3/сек
Веројатноста на појава – 25-30 год. голема вода: Q = 810 м3/сек
Веројатноста на појава – 100 год. голема вода: Q = 1200 м3/сек
При појава на големите води и сегашната изграденост на водостопанските заштитни објекти би се поплавиле околу 8730 хе при Q = 1200 м3/сек. Во оваа површина претежно се наоѓаат земјоделско замјиште и дел од градските населби, како и селски населби во рамничарскиот дел.
Со поплава би биле зафатени населбите : Ѓ. Петров 1, населбата Хром, пералиште Хром, Центарот на градот, Долно Лисиче, Маџари, Хиподром, индустриската зона Гази Баба, с. Огњанци, с. Ржаничино и поголем дел од Скопско Поле.
Покрај опасноста на поплави од големите води на реките Вардар, Треска, Лепенец и Маркова река, исто така и поројните текови може да предизвикаат поплавување и оштетување на објекти и површини во зоната на нивното делување. Во Скопскиот регион регистрирани се 134 поројни текови кои се групирани во 7 поројни серии ( Водњанска, Маркова река , Зелениковска, Ѓ. Петров, Долен тек на р. Лепенец, Скопска Црна Гора и долниот тек на р. Пчиња). На некои од овие поројни текови, особено на оние што го напаѓаат градското подрачје, извршено е нивно уредување, а на значително поголемиот број поројни текови предстои потреба од нивно уредување. Заради поголема заштита на Скопското поле од надворешни води потребно е да се изврши реконструкција на ободниот канал. Сегашниот ободен канал дава заштита од појава на 10 годишни води, а би требало да биде димензиониран на 100 годишни води, бидејки во полето што ги штити сега се изградени повеќе населби, индустриски и други објекти.
Можни места за излевање на големите води и можности за трајни решенија
Критични точки
Врз основа на хидруличните пресметувања на пропусната моќ на речното корито и врз основа на искуствата од последните поплави, лоцирани се критичните (црни точки) каде може да дојде до излевање на големите води.
Според овие согледувања критичните места се следни:
– Усек кај село Таор – Критичното место се наоѓа на р. Вардар.
Поради малата пропусна моќ се појавува забавено течење и нивото на водата се издигнува спротивно на подолг потег, така што постои голема опасност од пробивање на левиот одбрамбен насип. За време на поплавата во 1979 година на овој профил протокот изнесуваше 60м3/сек, што е значително помалку од водите што дотекувале во р. Вардар, што значи дека разликата на водата се излева и се акумулира во Скопско поле.
– Левиот брег на пробната делница и мостот на ранжираната станица Трубарево.- Поради незавршената изградба на левиот брег на регулацијата на Вардар и малата пропусна моќ на мостот, постои опасност од пробивање на левиот (стариот) одбрамбен насип и повторување на ситуацијата од поплавите во 1979 година.
– Централното градско подрачје.- Особено опасно место е пешачкиот мост кај Кале, каде поради малата висина на мајор коритото постои опасност од зачепување на крајните отвори од предмети што ги носат големите води. Ваквото зачепување би предизвикало катастрофални последици за десниот дел од градот.
– Потегот од устието на Треска до мостот на патот Скопје- Тетово.- Опасноста кои предизвикуваат забавување на течението и издигнување на нивото на р. Вардар со што се загрозува левиот брег кај железниот мост за с. Сарај.
– Изворот Рашче.- Поради опасноста на р. Вардар да донесе поголеми количини нанос, постои можност речното корито да се издигне и реката да го промени својот тек, со што со дирекна ерозија би бил загрозен изворот.
– Река Лепенец.- Представува опасност со својата ерозивна активност и транспортирање на поголеми количини нанос, при што особено се загрозени мостовите.
Негативни појави на речното корито
Процесот на деформации на речното корито предизвикан од временски променливото оптоварување од водениот тек трае непрекинато, во зависност од моменталниот распоред на брзините и отпорноста на граничниот слој на речните контури. Како главни слабости што се покажаа во изминатиот период се истакнуваат:
– корекција на надолжниот пат со насипување на речното корито низводно од каскадите во Влае и пред хотелот Холдеј Ин;
– огромни деформации на коритото кај устието на реката Лепенец, со појава на голема песочна карпа и уривање на левиот брег;
– целосно уништување на двете каскади на реката Лепенец;
– голем број на деформации на речното корито со насипување на бреговите и продлабочување во внатрешниот тек од коритото;
– појава на песочна карпа под Камениот мост и длабока локална ерозија низводно од мостот со длабочина од 2 метри;
– зачепување на левиот дел на пешачкиот мост под Кале и појава на локална ерозија со уривање на калдрмата од брегот на минор коритото;
Деформациите на речното корито ќе се намалат ако со интервентни мерки се дејствува кон порамномерно распределување на протокот и брзината во непречениот профил на коритото и ако се постигне поголема рамномерна длабочина по целата ширина на коритото.
Во врска со овие прегради треба да се преиспита:
– најповолната висина со оглед на нивниот распоред по должина на регулацијата
– функцијата со оглед на автоматско регулирање на водното ниво
– можните негативни ефекти од наносот на забавениот тек на речното корито.
За овој тип на прегради мора да се истакне дека тие се доста едноставни, функционални и ефтини конструкции. Врз основа на големиот број такви конструкции изградени во Австрија, Чешка, Словенија на реки со пороен карактер, констатирано е дека наносот и другите пловни предмети не и нанесуваат оштетување. Цврстите прагови и вреќастите преливни брани кои би се изградиле во минор коритото ќе имаат влијание врз локалното течење на водата во речното корито. Од тука и нивната примена ќе има одреден одреден ефект врз процесот на постојани промени што настануваат во речното корито. Поради тоа, неопходно е со проучувања да се предложи најоптималното техничко решение и да се избегне скапото неизвесно експериментирање во природни услови.
Поради честите поплави во Скопје и Скопската котлина, изградени се повеќе водостопански објекти, а после поплавата од 1962 година се пристапило кон планско уредување на коритото на реката Вардар во близина на вливот на Маркова река, како пробна делница, а до сега целосно е регулирано коритото од мостот на Булевар Србија до Влае и е изграден насипот од левиот брег на Вардар до мостот во Сарај.
Габарити на усвоените профили на регулираното корито се извршени на 300 годишна голема вода, која се движи во границите од 740-1159 м3/сек. Изворот на габаритот на минор коритото е извршено да обезбеди одведување на голема вода со појава, просечно на две до три години. Веројатноста од поплава на големи води условена со изградба на акумулацијата „Козјак” бидејки во неа е предвиден ретензионен простор од 100 х 106 м3.
На протокот на реката Вардар исто така се извршени одделни зафати за заштита од поплави. Коритото на реката Треска е регулирано во должина од 1150 метри во близина на рекреационото езеро, реката Лепенец е регулирана 1,5 км над устието и реката Серава целосно е регулирана. За заштита на Скопското поле од надворешните води е изграден одводен канал со должина од 24 км, со сливно подрачје од 25.000 ха.
Превентивни и оперативни активности и мерки за спроведување на заштитата и спасувањето од поплави
Секако дека основна заштита од хидролошките непогоди се состои во воспоставување на контрола на режимот на водите и нивниот квалитет и создавање услови за ефикасно управување со водите.
Контролата врз режимот и квалитетот на водата спаѓа во превентивни мерки со која се врши следење на хидрометеролошките појави и нивниот развој, одредување на режимот и квалитетот на водите и особено појава на можна хидролошка непогода.
За таа цел неопходно е воспоставување на современ хидролошки мониторинг систем преку кој брзо ќе се добиваат информации за хидрометеорошката состојба во одредени региони со што се овозможува изготвување на прецизни прогнози за можните хидролошки непогоди. Во функција на спроведување на превентивните мерки и активности задолжените субјекти ги превремаат следниве мерки и активнисти:
– се определуваат водостопанските, електростопанските, хидрометеоролошките и други објекти постројки што можат да послужат во заштитата и спасувањето од поплави и се прецизира нивната улога и функција, се означуваат нивните локации и правните субјекти кои управуваат со нив.
– се определуваат местата и бреговите на водотекот, акумулацијата каде најчесто се јавуваат излевања на водата и за тие места се предвидуваат најпотребни хидротехнички и други заштитни работи и мерки за брзо спроведување на излевањето.
– кај регулираните водотеци, се определуваат слабите места на насипите или утврдените брегови и се изготвува техничка документација за брзо санирање на тие места
– кај нерегулираните водотеци во зависност од материјалните добра што треба да се заштитуваат од поплавите се определуваат одбрамбени линии кои во зависност од нивната должина и конфигурација на теренот се делници и сектори.
– по делници и сектори на загрозеното подрачје се определуваат места каде ќе се депонира поребниот заштитен материјал.
– за да се спречат поголеми штети во низводните делови од подрачјето, се спроведуваат простори за привремено задржување на излеаните води во низводните делници или сектори и за тие простори се превземаат поребни активности.
– се обезбедуваат врски меѓу делниците и секторите во загрозеното подрачје и врски со силите за заштита и спасување и Центарот за известување и тревожење.
– се превземаат активности во и покрај коритата и бреговите на водотекот (мостови, подолжни и попречни насипи на патиштата, железничките пруги и др.) кои со своето постоење го попречуваат течењето на големите води и
– изведба на информатички систем за далечинско набљудување и управување со акумулациите од хидротехничките објекти (темелни испумпи, зафати и сл.).
Управувањето со расположливите водени површини спаѓа во извршни(оперативни) мерки кои дирекно влијаaт врз режимот на водените ресурси како од аспект на заштитата од хидролошките непогоди така и во смисол на прераспоредување на водените количини и нивно рационално искористување. Управувањето со водите треба да се одвива согласно препораките и показателите добиени не само од глобалниот хидрометеролошки мониторинг систем туку и од деталниот мониторинг воспоставен во подрачјата каде се изградени клучните хидротехнички објекти.
Покрај изградбата на хидротехнички објекти при заштита од големи води важна улога има и пошумувањето на сливните подрачја.
Задолжителните субјекти за спроведување на заштитата и спасувањето од поплави во рамките на оперативните функции спроведуваат активности и мерки во случај на непосредна опасност, за време на траењето на опасноста и за отстранување на последиците.
Во случај на непосредна опасност од поплави се превземаат следните активности и мерки:
– се утврдуваат водостоите и протоците на водата во водотеците и во акумулациите и се прогласува состојба на непосредна опасност од поплави
– за определување објекти и постројки што ќе служат за заштита и спасување од поплави се утврдува начинот на извршување на нивната функција и се врши празнење или сопирање на испуштањето на водата, низводни акумулации кои што имаат непосредно влијание на загрозеното подрачје
– се следи и известува за промените на водотеците и нивоата на акумулациите на определени профили, односно места
– се отстрануваат објекти што го попречуваат течењето на надојдените води
– се воспоставуваат и активираат врските помеѓу силите за заштита и спасување и Центарот за известување и тревожење и
– се превземаат и други активности и мерки на соодветно настанатата состојба на теренот.
За време на траење на опасноста од поплавата, задолжените субјекти за спроведување на заштитата и спасувањето од поплави ги превземаат следните активности и мерки:
– ги насочуваат и координираат самозаштитните активности на населението
– ги мобилизираат силите за заштита и спасување, механизација и транспортни средства по делници односно по сектори.
– во зависност од водостојот во водотекот, акумулацијата односно количината на водата што може да се излее надвор од коритата, односно од одбрамбените линии се превземаат активности и мерки за спроведување на заштитата и спасувањето од поплавите, се евакуира населението и материјалните добра од загрозеното подрачје.
– во поплавените подрачја се обезбедува премин и превоз преку вода, спасување на загрозените луѓе на вода и под вода, црпење на водата од поплавените објекти и извлекување на удавените.
– се врши празнење или сопирање на испуштањето на вода од низводните хидроакумулации и активирање на други објекти и постројки предвидени да служат за заштита од поплави.
– екипите кои интервенираат за време додека трае поплавата треба да гo исполнуваат пропишаниот потребен минимум на услови на персоналот и материјалните средства и
– се превземаат други активности и мерки за поуспешна заштита од поплави. За време на опасност од рушење на брана се врши навремено известување и тревожење на населението во загрозеното подрачје,се спроведува евакуација на населението и материјалните добра од загрозеното подрачје на места кои се безбедни за време на поплавата.
Задолжените субјекти вршат обезбедување на населението во поплавените подрачја со основни услови за живот и учествуваат во санирање на последиците предизвикани од поплавите.
Раководниот персонал во задолжителните субјекти и командниот персонал на силите за заштита и спасување врз основа на водената евиденција за спроведување на активности за заштита и спасување од поплави најдоцна четири часа по завршувањето на активностите, го анализираат своето учество во спроведување на заштитата и спасување од поплави.
Раководниот персонал во задолжените субјекти водената евиденција за употреба на службите за заштита и спасување во случај на непосредна опасност, за време траење на опасноста и во одстранување на последиците и извештајот за извршената анализа, ја доставува до Дирекцијата за заштита и спасување во рок од два дена по извршувањето на активностите. Извештајот кој се доставува до Дирекцијата за зашита и спасување ги содржи следните податоци и информации:
– поплавени населби, објекти, сообраќајници, обработливи површини и др.
– време на случување на настанот
– број на човечки жртви и повредени
– предизвикана материјална штета
– оштетеност на електродистрибутивните мрежи, водотеците, телекомуникациските и други системи и врски како и други објекти
– брзина на продирање на поплавниот бран и тенденција на пораст или пад на водостојот
– прекин за работа и сообраќај на поплавените подрачја
– ангажирани сили и средства
– превземени мерки за елиминирање на последиците и
– потребната помош за надминување на последиците
Градот Скопје е простор со најголема концентрација на население и материјални средства во Р. Македонија, а од друга страна е простор со висок степен на загрозеност од елементарни непогоди. Со оглед на географската положба на градот Скопје и природните карактеристики на речниот слив и речната мрежа, градот и неговата околина се изложени на постојана опасност од поплави. Во скопскиот регион се превземени мерки за трaјна заштита од големите води, меѓутоа системот за одбрана од големите води не е целосно изграден, така што на одредени места го прават недоволно ефикасен. Поради тоа произлегува потреба за изработка на однапред подготвен план за интервенција при појава на големи води, со цел да се спречат или ублажат штетите предизвикани од поплави. При изработка на плановите потребно е да се располага со доволен број на информации за големите води, за слабите точки во системот за одбрана од поплави, како и со податоци за транспортната моќ на речната мрежа. При проценката на загрозеност од поплави во Скопје и Скопскиот регион може да се увиди дека заштитата со превентивни мерки е целосно искористена, што значи дека при појава на големите води оперативните мерки ќе бидат максимално искористени. Кои оперативни мерки ќе се користат, зависи од поплавата, нејзината специфичност, зафатениот простор, материјалната подготвеност и степенот на организираноста. Регулирањето на речните корита има големо значење во заштитата од поплави. Од посебно значење се и активностите за обука и оспособување на населението за одбрана од ваквите непогоди.
Уривањето на една од хидроакумулациите „Матка” или „Козјак” представува најголема потенцијална опасност од предизвикување поплава во Скопската Котлина. Затоа во фазата на планирање и изградба на акумулациите, водена е посебна грижа за нивната безбедност, вклучувајки го и постојаниот надзор на овие објекти. Важно е да се напомене дека неопходно за одржувањето и функционирањето се системите за набљудување и известување, јавно информирање за настанатите состојби кои би се користеле за едукација и подготовка на јавноста во случај на поплави.
Атмосферски влијанија
Метеоролошки влијанија во Скопската Котлина
Температура на воздухот
Заради нееднаквото загревање и ладење на копното и на водата од јадранската, егејската и јонската акваторија и влијанијата на други климатски фактори и елементи, темпераурите во Скопската Котлина се доста нееднакви.
Во разни годишни периоди температурата се менува во мали граници. За последните 30 години просечно најладна година 1976 со температура од 11° С а најтопли биле 1951 и 1952 со просечна годишна температура од 13,6°С.
Кога се анализираат екстремните температури тогаш за највисока максимална температура за тој период се употребува терминот-апсолутен максимум а за најниската минимална температура –апсолутен минимум.
Највисоките апсолутни вредности се јавуваат во месеците јули-август а апсолутниот минимум во јануари. Најголем максимум во градот Скопје е измерен со температура од 41,2°С, а додека апсолутно најниска температура е со измерени – 23,9°С.
Просечните годишни температури на воздухот од метеоролошката станица Зајчев Рид за период од 2000-2004 год. изнесува 13,1°С.
Во зимскиот период температурната инверзија е присутна во Скопската котлина каде и смогот има доста влијание врз неа.
Температурите во Скопје се менуваат во мошне широки граници од -23,9°С до 41,2°С.
Со ширењето на глобалното затоплување во светот можно е и поголема температурна разлика во наредниот период. Појавата на ваквите екстремни услови било да се тоа екстремно високи или ниски температури доведуваат до значително нарушување на целокупниот живот а предствува опасност за човечкиот живот. при вакви временски ситуации нужно е превземање на вонредни заштитни мерки со цел заштита на луѓето, животните и земјоделските култури.
Релативна влажност
Релативната влажност на воздуот е исто така важен метеоролошки елемент кој има значење за животот на луѓето на овој простор. При суво и топло време обично релативната важност во воздухот е ниска, затоа има негативно влијание врз животот и здравјето на луѓето особено оние кои имаат заболувања на органите за дишење.
Релативната влажност во Скопската Котлина просечно за последните пет години изнесува 66% и се намалува од зима кон лето. Најголемо е во Декември 83% а најниска во јули 51%.
Ветер
Ветерот е честа метеоролошка појава која ги загрозува луѓето и материјалните добра и предизвикува огромни штети. Штетните последици се уште поголеми доколку покрај големите брзини се јавуваат и разни други придружни појави како снег, град, електрични празнења и силни поројни дождови.
Јачината (интензитетот) на ветерот представува сила која тој ја изразува со брзина во (м/с) и притисок на вертикалната површина во кг/м2.
Јачината на ветерот се мери според Бофоровата скала. Загадувањето на атмосферата на градското подрачје во голема мера зависи од правецот и од брзината на ветерот кои зависат од локалните услови.
Максималните брзини во Скопската котлина се движат од 12-26м/с т.е. од 43-94км/ч.
На просторот на Скопската котлина дува ветерот-Повардарец кој дува од есен до пролет. Тој е сув, ладен, слаповит и достигнува брзина до 31 м/с односно 85 км/ч. Понекогаш на овој простор дува и ветерот- Југо кој дува по Вардарската долина во спротивен правец односно Југ-Север. Тој е влажен и топол и дува во пролет и есен со брзина до 62,3 м/с.
Воздушен притисок
Воздухот е материја која го исполнува просторот од земјината површина до највисоките делови од атмосферата. Заради многу малата густина тој е прозирен, но има своја одредена тежина која притиска на површината на земјата и се мери во хектопаскали (hpa) или во милибари (mba). Нормалниот воздушен притисок изнесува 980 (hpa) или 1013 mba. На нашите простори воздушниот притисок се мери во hpa. Според тоа воздушниот притисок представува тежина на воздушниот столб на
1 cm2. од горната граница на атмосферата до земјината површина. Воздушниот притисок на воздухот е исто така важен метеоролошки елемент кој има значење за животот на луѓето на овој простор.
Воздушниот притисок во Скопската котлина се движи околу нормалата и изнесува 980 hpa.
Облачност
Облачноста представува покриеност на видливо небо со облаци и се изразува во десетини. Облак е дел од слободната атмосфера исполнет со водени капки и кристалчиња од мраз. Тој е со променлив облик и постојано се движи. Облачноста е еден од најважните метеоролошки елементи, со која врз основа на видот и степенот на облачноста и присутноста на маглите во основа се одредува степенот на сложеноста на метео условите. Во непосредна врска со облачноста се многу појави како силни удари на ветерот, замрзнувања, електрични празнења, снег, дожд итн. Просечната средна годишна облачност на просторот на Скопската котлина измерено од метеоролошката станица Зајчев Рид изнесува 4,9 десетини.
Врнежи
Врнежите се во непосредна врска со облачноста бидејќи тие се носители на врнежите. Врнежите во сите појавни облици имаат големо влијание врз вегетацијата и стопанството воопшто. Според годишните суми на врнежи Скопската котлина спаѓа во сушните (аридни) подрачја со годишни врнежи под 500 мм.