Насловна / Вести / Доналд Трамп и неговата програма во областа на енергетиката и екологијата: Цврсти ветувања или празна реторика?

Доналд Трамп и неговата програма во областа на енергетиката и екологијата: Цврсти ветувања или празна реторика?

Со оглед на предизборната програма и првите чекори на претседателот на САД Доналд Трамп, во областа на енергетиката и екологијата, сосема е извесно дека борбата против климатските промени на глобално ниво ќе претрпи сериозни турбуленции. Неговите ветувања, меѓу другото, вклучуваа „откажување“ на Парискиот договор за климата, „демонтирање“ на престижната Агенција за заштита на животната средина на САД (US Environmental Protection Agency – EPA), како и ограничувања во енергетскиот развој на земјата преку фаворизирање на фосилните горива меѓу кои и јагленот. Преку Twitter Трамп „се прослави“ со својата изјава дека глобалното затоплување е „трик“ на Кинезите.

Неговиот план за енергетски развој „Америка на прво место“ го враќа јагленот на голема врата, во името на посилна национална економија, но сосема занемарувајќи ги еколошките аспекти од овој потег. Во најава се и неговите планови за откажување на финансирањето во Фондот за климата на Обединетите Нации (United Nations Green Climate Fund). Тој дури и ветува дека голем дел од ветеното ќе го оствари уште во 100-те дена на власт. Но, дали тој навистина има овластувања да го стори тоа? За повеќето од неговите планови, неопходна е поддршка во Конгресот. Упатените велат дека неговите ветувања во голем дел ќе се сведат на празна реторика, но сепак e јасно дека ќе влијаат на успорување на активностите за борба против климатските промени.

Ветувањето за откажување на Парискиот договор, преговаран и одобрен од глобалната заедница, потпишан од 193 земји и ратификуван од 113, е тешко остварливо, но стручњаците велат дека Трамп веројатно само по ова прашање има моќ да деjствува самостојно. Неговиот претходник Обама го ратификуваше Договорот за климата без сенатот, па по аналогија и Трамп би можел него да го повлече на идентичен начин. Експертите тврдат дека на САД ќе им требаат најмалку четири години за целосно да се повлечат од договорот. Но, тие исто така велат дека постои и друг начин доколку Трамп не сака да чека четири години, а тоа е повлекување на САД од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (U.N. Framework Convention on Climate Change -UNFCCC) преку извршна наредба, со што автоматски се активира повлекување на САД од Договорот за климата. За оваа процедура би требало една година, иако се работи за многу драстичен чекор.

Администрацијата на Трамп, исто така, има можност едноставно да ги игнорира квантифицираните обврски за намалување на емисиите дефинирани со Парискиот договор. Во ваков случај договорот не предвидува некакви формални казни за државите што нема да ги остварат целите. Но, сепак, на крајот на денот останува заклучокот дека сето ова би предизвикало сериозни последици и штета врз односите на САД со меѓународната заедница. Повлекувањето од Парискиот договор ќе предизвика дипломатски и економски реперкусии, а во таа насока некои земји, како Мексико и Канада, веќе размислуваат за воведување на т.н. „јаглероден“ данок за производите од САД. По однос на претседателските планови за откажување на финансирањето во Фондот за климата на Обединетите нации, со образложение дека тие средства во иднина  ќе бидат користени за обнова на инфраструктурата за води и заштита на животната средина во САД, исто така има бурни реакции од стручната јавност. Имено, овој Фонд на ОН е наменет за поддршка на земјите во развој во нивните активности за намалување на емисиите и борба со климатските промени, и тоа се средства без кои овие земји не би можеле да си дозволат реализација на такви проекти. Во времето на Обама, САД се обврзаа да донираат дури три милијарди УСД во овој Фонд.2

Во една ваква констелација на драстична промена на курсот во однос на амбициозните планови на Обама во оваа област, Европската Унија е свесна дека во иднина ќе мора да го носи најголемиот товар и да го преземе лидерството во глобалната борба со климатските промени. Генерално, токму запирањето на голем дел од заложбите на Обама е клучот за новиот енергетски план на Трамп за охрабрување на експлоатацијата на фосилните горива. Тоа го оправдува со отворање на нови работни места и раст на домашната економија преку експолатација на резервите на фосилни горива на САД, јаглен, природен гас и гас од шкрилци.Screen Shot 2017-01-20 at 12.19.30 PM

Се разбира, ова е во целосна котрадикција со т.н. „План за чиста енергија“ (Clean Power Plan) на Обама, па токму затоа Трамп е со намера него да го отповика, но и да измени добар дел од регулативата (барем за делот за кој не му е потребна согласност од Конгресот), особено во однос на офшор бушењето и ограничување на емисијата на метан од активностите на индустријата за нафта и гас. На ваков евентуален потег, сигурно би се спротивставила Агенцијата за заштита на животната средина на САД, популарната EPA која e немилосрдна кога се во прашање интересите на граѓаните на САД за чиста животна средина, и досега успеала да им застане на пат на многу глобални корпорации. Последниот случај во низата е скандалот со емисиите на дизел возилата од „Фолксваген“, по кој EPA му нареди на автомобилскиот гигант исплаќање на оштета во милијарди долари. Но, Трамп има план и за „скротување“ на оваа институција. Тој има намера да ја намали нејзината моќ. Формално, тоа не може да го направи преку регулативата бидејќи е јасно дека во ситуација кога му е потребна поддршка од Конгресот, упатените велат дека тој нема да го добие потребниот број гласови, дури и кај неговите републиканци. Но реално, тој може да ја намли моќта на Агенцијата преку редуцирање на расположливиот буџет, што ќе предизвика лавина реперкусии и во квалитетот на истражувањата и во кадровскиот потенцијал.11_23_2016_Bobby_Magill_CC_EPA_FB_1050_788_s_c1_c_c

Едно од главните ветувања во предизборието се однесуваше на воведувањето на нова легислатива под името „Акт за американската енергија и инфраструктура“ (American Energy and Infrastructure Act), и тоа во првите 100 дена. Се работи за десетгодишен план во кој е планирано да се потрошат огромни средства за нова енергетска инфраструктура преку стимулации за јавно-приватни партнерства и приватни инвестиции. Повеќе детали за планот не се познати, но извесно е дека голем дел од инфраструктурата би третирале фосилни горива со оглед на скептицизмот кон обновливите и свртувањето кон „традиционалните“ енергенти.14073425_10153300926999229_2038992873_n

Иако досега нема конкретни акции во однос на прашањата што ги елабориравме и можеме да заклучиме дека сè уште сме во сферата на празна реторика, досега барем две работи укажуваат дека наскоро ќе бидеме сведоци на првите турбуленции. Прво, затоа што во првите денови на власт претседателот потпиша повеќе укази со кои го навлече гневот на домашната, но и на меѓународната јавност, а многумина веќе го прозваа за грубо кршење на човековите права. Второ, затоа што во истиот овој период тој целосно го измени веб сајтот на Белата куќа бришејќи ги сите вести и документи кои имаат врска со климатските промени и плановите на Обама за чиста енергија. Последново, може да се толкува како прв чекор пред преземање на конкретна акција, но од друга страна пак, многумина укажуваат дека претворањето на зборовите во дела во оваа област сепак ќе оди многу потешко отколку што можеби и самиот Трамп очекува, имајќи предвид дека индустријата на обновливи извори е веќе добро етаблирана, па меѓу многуте пречки тој ќе се соочи и со отпорот од еден глобално многу силен пазар. Остануваат многу неодговорен прашања околу можните сценарија. Но, едно е сигурно – светот повеќе нема да биде ист.Screen Shot 2015-11-30 at 4.01.04 AM (1)

ЕНЕРГЕТСКАТА ПОЛИТИКА НА ТРАМП – ДЕСЕТ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ

  1. Збогување со „Планот за чиста енергија“ на Барак Обама
  2. Зголемено производство на енергенти (нафта, гас) од федерално земјиште
  3. Јагленот се враќа на голема врата
  4. Ветерните централи ќе плаќаат ист еколошки надомест како останатите (за заштита на птиците)
  5. Укинување на субвенционирањето за енергијата од ветер и соларната енергија
  6. Употребата на етанолот како гориво ќе биде построго контролирно
  7. Складиштето за нуклеарен отпад „Yucca Mountain“ конечно ќе започне со работа
  8. Истражувања во нова генерација нуклеарно гориво
  9. Изградба на нови хидроцентрали
  10. Зголемување на извозот на природен гас

„МАЛИ ТРАМПЧИЊА“

Ако се осврнеме на состојбите во Македонија, јасно е дека сме далеку од  модерниот свет кој креира одржливи енергетски политики и се грижи за квалитетна животна средина. Кога станува збор за последново, не смее да има компромис. Очигледно, актуелниве состојби, посебно со загадувањето на воздухот, се резултат на долгогодишните  кусогледи и себични политики на нашите „мали трампчиња“, нашите моќници, кои заробени во сопствените интереси не се потрудија барем малку да поработат и за општото добро. Токму затоа, централното греење кај нас е привилегија на одвај 10% од населението, а електричната енергија безмилосно се троши за греење. И додека во развиените земји граѓаните размислуваат за нов модел на електричен автомобил и одржливи домови кои генерираат енергија, нашиот просечен граѓанин купува дизел возило старо 10 години, се грее на дрва и верува дека за квалитетот на животната средина и промените на климата е виновен Господ.1

Испрати коментар

Scroll To Top