Поширокото централно подрачје во Скопје ќе добие нов врвен станбено-деловен објект, кој, по својата архитектура, по естетиката, но и по начинот на енергетско-ефикасна градба и употреба на материјали, треба да биде новото препознатливо обележје на главниот град.
Објектот со асоцијативно име – Домино, што ја изразува блоковската планираност на градбата, веќе започна да се гради во непосредна близина на поранешна Алумина, во скопската општина Карпош, на булеварот Митрополит Теодосиј Гoлоганов. Инвеститор и изведувач на Домино е домашната градежна компанија Импексел 2, која има долгогодишно искуство во изградбата на станбено-деловни комплекси, како што е соседниот комплекс Гранд Престиж, а кај клиентите е препознатлива по довербата и по квалитетот на градбата.
„Домино е станбен комплекс, со станови на едно станбено ниво и станови за висококвалитетно домување – на две станбени нивоа, таканаречени дуплекс станови. Вкупната површина на која се гради ДОМИНО изнесува околу 9.500 м2, а комплексот е развиен во две ламели. Соодветно на Деталниот урбанистички план за овој дел од македонската метропола, катноста на едната ламела е приземје, единаесет катови и поткровје, додека на другата има приземје, тринаесет катови и поткровје. Естетиката и функционалноста на целиот простор се проектирани по највисоките светски стандарди за објекти со комбинирана намена. Така на пример, за најмладите, во централниот простор е предвидено детско игралиште, каде што децата ќе можат да уживаат и да се забавуваат во амбиент и околина изолирана од сообраќај и од градската врева, специјално наменет за нив“, велат одговорните во компанијата – инвеститор, Импексел2.
Вкупната нето развиена, изградена, станбена површина на Домино ќе изнесува над 30.000 метри квадратни, а проектирањето на квадратурата на стабените единици е во согласност со трендовите, односно со она што се бара на пазарот на недвижности во последниве неколку години во Скопје. Така што, на пример, двособните станови се движат од 39 м2 до 56м2, а предвидени се и двоетажни двособни станови од по 70 м2. Трисобните станови се со површина од 67 м2, 70 м2 и 92 м2, со тоа што и кај овој тип домови се проектирани двоетажни станови од 85м2. Четирисобните станови се со две еднокатни површини – од 105 м2 и 150 м2, а двоетажните станови се со површина од 122 м2 и 150 м2, потенцираат во Имексел2.
Движењето помеѓу објектите е така насочено што од централната дворна површина се пристапува кон атриумскиот простор во сутеренот, како и на двата подземни етажи, каде што се сметени мали деловно-комерцијални содржини, но и место предвидено за голем супермаркет. Вредно е да се напомене дека плански се искористени и просторите на покривите на објектите, каде што се испланирани покривни градини, кои на целиот комплекс му даваат дополнителна вредност, од естетска и од функционална гледна точка.
„Со употреба на урбани елементи како што се тремови, пасажи, паркови, покривни градини, не само што се создава пријатен простор за живеење на станарите, туку истовремено се подигнува и квалитетот на локалната урбана средина, на засебната градска четврт. Во дизајнот се користени обликувани постапки кои нудат адаптација и трансформација според потребите на корисниците. Како краен резултат се формира нов градски блок кој поттикнува социjална кохезија и современ начин на живот“, истакнуваат од ДОТ Архитекти, архитектонското биро коешто го испроектира овој комплекс.
Комплексот Домино е целосно домашна инвестиција, со поддршка на македонски банки. Градежните работи ги извршува компанијата инвеститор – Импексел 2, при што се вклучени и десетина домашни подизведувачи, а на градежните работи се посветени преку двестотини работници. Во Импексел2 нагласуваат дека при изградбата на Домино се употребуваат најсовремени материјали за градба, со висок и проверен квалитет, при што посебно се води внимание за енергетската ефикасност на комплексот. Целосното заокружување на градбата на Домино е планирано да се заврши етапно, за околу три години, во две фази, првата кон крајот на 2018 и втората кон крајот на 2019 година.