Насловна / Архитектура / Дом за одмор и за бегство од метежот во урбаните средини

Дом за одмор и за бегство од метежот во урбаните средини

Во оваа 2018 година беа одбележени два значајни настани во историјата на човештвото – стогодишнината од крајот на Првата светска војна и стогодишнината од почетокот на пандемијата на шпанскиот грип. Според проценките на епидемиолозите околу една третина (500 милиони луѓе) од целокупното население на планетата Земја се разболело, а околу 10 проценти (50 милиони луѓе) во светот починале. Шпанскиот грип се појавил за време на Првата светска војна, за која се смета дека придонела за огромното проширување на болеста како резултат на пренаселеноста во рамките на воените кампови и енормните движења на војските на земјите учеснички. Инаку името шпански грип се поврзува со неутралниот статус на Шпанија во рамките на оваа војна којшто ѝ овозможил на оваа земја да може слободно да известува за оваа пандемија која се смета за една од најсмртоносните епидемии во запишаната историја на човештвото.

Hearst_Castle_Casa

Соединетите Американски Држави не биле поштедени од оваа пандемија и според податоците на Центрите за контрола на болести и превенција (Centers for Disease Control and Prevention — CDC) од истата починале околу 675 илјади лица и којашто придонела само во период од една година очекуваниот животен век на населението во земјата да се смали за околу 12 години, на 36,6 години за мажите и 42,2 години за жените.

Една од жртвите на оваа пандемија во САД била и госпоѓата Фиби Аперсон Херст (Phoebe Apperson Hearst), филантроп и сопруга на господинот Џорџ Херст (George Hearst), самосоздаден милионер којшто своето богатство го стекнал преку сопственост на рудници, главно на бакар и ранчови во западниот дел на САД, од кој еден со големина од околу 16.187 хектари во близината на Сан Симеон (San Simeon) во Калифорнија го купил во 1865 година.  По смртта на госпоѓата Фиби Херст во 1919 година, нивниот единствен син Вилијем Рандолф Херст (William Randolph Hearst, 1863-1951), наследил дел од овој ранч кој потоа го проширил за да биде сопственик на околу 101.171 хектари. Господинот Херст се смета за визионер и медиумски гениј од првата половина на минатиот век со широки интереси. Тој бил конгресмен кој го претставувал Њујорк, сопственик на печатени медиуми, еден од пионерите во доменот на емитуваните медиуми, продуцент на над 100 играни филма и сопственик на голема колекција на уметнички творби од музејски квалитет.

Hearst Castle.jpg_13506312_ver1.0_1280_720

Инспириран од своите патувања низ Европа тој се одлучил во рамките на овој имот да го изгради својот дом за одмор за да го избегне метежот во урбаните средини во коишто работел. Лоциран приближно на половината од патот помеѓу Сан Франциско и Лос Анџелес во Калифорнија овој имот овозможувал приближно подеднаков пристап до овие две урбани средини. Оригинално, избраната локација се викала Камп Хил (Camp Hill) и овозможувала одлични услови за кампирање на семејството на Херст и неговите пријатели, но тој посакувал нешто покомфорни услови за живеење. Поетски, тој својот ранч го преименувал во „Маѓепсано брдо“ (Enchanted Hill – La Cuesta Encantada), меѓу другото и со оглед дека врвот на брдото избрано за изградбата на овој објект се извишувало над нивото на облаците коишто ги покривале долините во неговото опкружување. Денес овој објект е познат под името Херстов Двор (Hearst Castle). Станува збор за комплекс кој опфаќа површина од околу 51 хектар со четири куќи, главната Каса Гранде (Casa Grande) со две кули и трите гостински: Каса дел Мар (Casa Del Mar), Каса дел Монте (Casa Del Monte) и Каса дел Сол (Casa Del Sol), со вкупно 165 соби од кои 58 спални, 60 бањи, 18 дневни и вкупна површина од околу 7.434 квадратни метри. Меѓу 115 соби на најголемата Каса Гранде меѓу другите се наоѓаат и театар, библиотека, работна соба во готски стил, соба за билјард, салон за убавина и други.  Комплексот го надополнуваат и затворен Римски базен со површина од околу 154 квадратни метри, како и значително поголем отворен Нептунов базен, но и винарска визба, аеродром, зоолошка градина (која веќе не е активна), бројни тераси и раскошни градини. Господинот Херст живеел во својот двор во текот на неговата изградба сè до 1947 година кога од здравствени причини морал да се пресели во урбана средина со подобри услови за здравствена нега. Четири години подоцна, во 1951 година, тој починал во Беверли Хилс без да има можност до крај да ја реализира својата визија за куќата за одмор на Маѓепсаното брдо. Во 1958 година Херст корпорацијата го донирала овој комплекс на државата Калифорнија, која оттогаш управува со објектот.  Од 1972 година комплексот е запишан во Националниот регистар на историски места (National Register of Historic Places), а од 1976 година е и Национален историски репер на Соединетите Американски Држави (United States National Historic Landmark).

И покрај фактот дека Херстовиот двор никогаш не бил реализиран во целост, тој сè уште укажува на исклучителна реализација на соништата на едно лице и е олицетворение на еден од најголемите архитектонски потфати во историјата на САД, а кој во изминатиот период е прераснат во една од најпознатите локации во светот во коишто е изложена уметничката колекција на господинот Херст.

1200px-Hearst_Castle_panorama

Фасцинантната приказна за господинот Херст и неговиот величествен Двор на Маѓепсаното брдо, не би бил потполн и доколку не се спомене и авторот на комплексот којшто повеќе од 28 години од својот живот поминал на реализација на сонот на господинот Херст. Според записите, оваа скоро тридецениска соработка започнала со писмото на господинот Херст од 1919 година до својот иден архитект коешто гласело „… нам веќе ни е тешко да кампираме на отворено на ранчот во Сан Симеон и би сакале да изградиме малечко нешто“.  Во овој случај трите точки на почетокот од писмото во моментов го прекриваат името на архитектот односно писмото почнувало со зборовите: „Госпоѓице Морган“.

Станува збор за госпоѓицата Џулија Морган (Julia Morgan, 1872-1957) од Сан Франциско.  Госпоѓицата Морган дипломирала како градежен инженер по нискоградба на Универзитетот на Калифорнија во Беркли (Berkeley) во 1894 година како единствена жена студент во својата класа.  Инспирирана од својот братучед, Пјер ле Брун (Pierre Le Brun), кој се истакнал со проект за облакодер на осигурителна компанија во Њујорк, но и поттикната од страна на својот инструктор од Беркли, Бернард Мејбек (Bernard Maybeck), таа се одлучила да го продолжи своето образование во доменот на архитектурата. Обидот да се запише како прва жена да студира архитектура на престижната Екол де Бо Артс (Ecole des Beaux-Arts) во Париз во 1896 година се одолговлекол две години и три обиди пред конечно да биде примена откако професорот Франсоа-Бенџамин Часемише (Francois-Bnjamin Chaussemiche), кај кого и што работела како цртач, ја подготвил за приемниот испит. Нејзината упорност на крајот се исплатила со оглед дека станала прва жена која се стекнала со Сертификатот за архитектура на оваа светски престижна институција во 1902 за само три години наместо вообичаените пет. Таа била принудена да ги интензивира своите студии со оглед дека високообразовната институција не дозволувала студии на студенти постари од 30 години.

hearst_castle_interior_59a77cf4d44c4

По дипломирањето во Париз таа се вработила во бирото на Џон Гален Хауард (John Galen Howard) во Сан Франциско каде што била соработник на проектот за Урбанистички план на Универзитетот на Калифорнија (University of California Master Plan) спонзориран од мајката на господинот Херст, за потоа да работи и на Херст грчкиот театар (Hearst Greek Theatre) на кампусот во Беркли, исто така спонзориран од семејството Херст.

Госпоѓицата Морган во 1904 година основала свое проектантско биро по што за кратко време се здобила со исклучителна репутација во доменот на резиденцијалната архитектура која се истакнувала со исклучителна комбинација на елементи од калифорниската народна архитектура и елементи на англиското движење на уметности и занаети преку примена на локални материјали, нагласени хоризонтали коишто се преливаат во пејзажот, видливи греди и други елементи карактеристични за нејзиниот стил. Адаптацијата и завршувањето на куќата на Фиби Херст, Хациенда дел Позо де Верона (Hacienda del Pozo de Verona) во Плезентон (Pleasanton), Калифорнија се смета како нејзин прв проект во нејзиното биро, а како нејзин прв самостоен објект се смета камбанаријата на Милс Колеџот (Mills College) во Окланд (Oakland), Калифорнија, која успеала да го „преживее“ големиот земјотрес во Сан Франциско од 1906 година. Се смета дека таа за време на својата кариера испроектирала скоро 800 објекти во Калифорнија и на Хаваите.

maxresdefault

Комбинацијата на нејзиното образование во доменот на градежништвото, искуството во примената на армираниот бетон, и едукацијата како класичен архитект стекната во Париз, како и претходната работа на проекти за госпоѓата Фиби Херст се смета дека биле клучните фактори коишто влијаеле при изборот на архитект од страна на господинот Вилијем Херст кој тукушто го наследил имотот кај Сан Симеон, други имоти и 11 милиони долари по трагичната смрт на неговата мајка од шпански грип.  Исклучителната 28-годишна соработка помеѓу архитектот и клиентот била искажана преку фактот дека госпоѓицата Херст не само што лично ги испроектирала скоро сите објекти и конструкции во рамките на комплексот, туку била вклучена и во надзорот на скоро секој аспект од изградбата на Херстовиот Двор, вклучително со купувањето на предмети од антикварница, мов од Исланд, ирвас за зоолошката градина. Веројатно најзначаен аспект на нејзиниот ангажман е работата врз интеграцијата на уметничката колекција на господинот Херст во рамките на овој комплекс. Дополнително таа била вклучена и во други проекти за господинот Херст. Неколку години по завршување на својот ангажман на Херстовиот Двор таа го затворила своето биро во раните 1950-ти години, а починала во 1957 година.

675px-Hearst_Castle_2011_Vacation

Од денешна перспектива ние само можеме да ги замислиме предрасудите и табуата коишто госпоѓицата Морган морала да ги надмине со својата работа, истрајност и упорност за да биде првата жена студент по архитектура на Екол де Бо Артс во Париз, да биде првата жена со диплома по архитектура на Екол де Бо Артс во Париз, како и првата жена која станала лиценциран архитект во Калифорнија.

Признанието за нејзиниот придонес кон архитектурата на Калифорнија, САД и светот, како и кон придонесот на жените во доменот на архитектурата дошло децении подоцна, кога 57 години по нејзината смрт, таа во 2014 година станала и првата жена добитник на Златен медал на Американскиот институт на архитекти (Gold Medal, American Institute of Architecture – AIA) – осма постхумно доделена. Со оваа највисока награда, која се доделува од 1907 година, се оддава признание на лицата коишто дале придонес кон архитектонската теорија и пракса.

Hearst_Castle_pool

Почетокот на новата 2019 година, е добра можност да го одбележиме не само јубилејот на почетокот на реализацијата за сонот за Херстовиот Двор и животите на клиентот, господинот Херст, неговиот архитект, госпоѓицата Морган, туку и фактот дека покрај добар архитект, треба да се има уште подобар клиент за да може да се реализира не само визијата на клиентот туку и на архитектот преку создавање на исклучителна творба. При ова не смееме, а да не оддадеме особена почит за придонесот на жените архитекти воопшто, а особено на оние пионерите, како Џулија Морган, коишто го посветиле својот живот на оваа професија и афирмација на улогата на жените архитекти во архитектурата.

Hearst_and_Morgan

Испрати коментар

Scroll To Top