Tower House е интересно модерно живеалиште проектирано како низа мали згради кои наликуваат на мало село. Проектирано е од архитектите Austin Maynard Architects и се наоѓа во Алфингтон, Мелбурн. Првично, тоа било продолжен проект за мал семеен дом, но со уникатниот концепт, просторот е скоро двојно зголемен.
Семејство со осумгодишни синови близнаци барало дом, велат архитектите „во кој ќе се спојат заедницата, уметноста и природата“ и додаваат дека им проектирале село.
Tower House е реновирана и проширена куќа. Обновен е постоечкиот дел, каде има две детски соби, бања и станбени простори. Студио, спална соба, бања, кујна и трпезарија го завземаат новиот дел на куќата.
Куќата е во близина на парк и реката Јара и поврзана е со два пата. Едниот е приградска улица, а другиот, кој е кон дворовите, се чувствува како селски пат. Со исклучок на неколку нови домови, контекстот е мал, скромни живеалишта од даски и тули. Парче голема современа архитектура би било наметнување во овој контекст.
На почетокот на состанокот за проектот, архитектите објаснуваат дека им дале парче хартија и моливи на близнаците и ги замолиле тивко да се забавуваат додека возрасните зборуваат за „важните работи“. Откако разговарале со родителите за комплексноста на проектирање дом и различните можности, сите биле, збунети, изгубени и уморни. Погледнале кон момчињата и откриле дека не цртаат автомобили, војници или змејови. Наместо тоа, тие ја нацртале својата куќа. Со скромна самодоверба тие ги покажале своите скици, полни со белешки, и на архитектите едногласно им рекле „еве ви“. Нивните скици дестилирале многу идеи.
„Со зголемување на домовите, тие се повеќе се појавуваат како непријателски монолити. Но Tower House е анти-монолит. Tower House е село однадвор и дом е внатре. Куќата и пркоси на логиката бидејќи надворешноста се чини дека е низа мали градби, додека внатре просторите и функциите се големи и поврзани“, изјавуваат проектантите.
„Сè повеќе нашите куќи се премногу загрижени за приватноста. Оградите стануваат повисоки и ние им го вртиме грбот на соседите“, велат архитектите од Austin Maynard и додаваат дека „предниот двор сега е градина за зеленчук. Соседите се поканети да си помагаат и, ако сакаат, од време на време да се занимаваат малку со градинарство. Остатокот од градината има висока ограда околу, меѓутоа може да се гледа преку оградата и што е важно, оградите може да се остават широко отворени“. Од улиците од двете страни на Tower House, соседите можат да ја користат градината како пократок пат и да наберат неколку зеленчуци по пат. Со широко отворени порти, линијата помеѓу јавните и приватните простори се замаглува.
Tower House е семејна куќа за долгорочен престој, но момчињата ќе бидат возрасни кога (ако) заминат. Куќата лесно може да се прилагоди од заедничка семејна куќа во две одделни зони со засебни влезови. Во рамките на оригиналната куќа има скриени лизгачки панели кои овозможуваат големите заеднички простории да се поделат на мали. Можат и да се одвиваат различни активности, без оглед дали се заеднички или приватни.